Интервју со Д-р Александар Колев – Современиот живот е полн со безброј херојства
јули 1, 2021
Дали можевте да замислите дека некогаш ќе бидете дел од тимот кој учествуваше во првата трансплантација на срце во Македонија?
Да бидам искрен не. Всушност, јас искрено, не очекував ни дека еден ден ќе бидам дел од тимот на Државната кардиохирургија. Кога, пред 7 години проф. Јовев ме повика да бидам дел од неговиот тим, бев навистина изненаден. Но, денес, веќе 7 години Државната кардиохирургија функционира во континуитет и бележи постојан напредок и развој, следејќи ги сите најсовремени светски трендови во кардиохирургијата. Првата трансплантација на срце беше само еден природен тек на тие процеси и се случи после долги, темелни и интензивни подготовки. Денес, можам да кажам дека да се биде дел од целиот тој процес за мене е навистина огромна чест, задоволство, но и мотив и предизвик повеќе во натамошниот мој развој како кардиохирург.
Според Вас, колкава е свесноста за важноста на трансплантација на органи и како да се развие?
Низа околности и карактеристики на нашето поднебје и менталитет ме наведуваат на заклучокот дека во поглед на свесноста за можностите за органодарителство сме сè уште некаде на почетокот. Ова особено важи за т.н. кадаверична трансплантација, односно органодарителство од дарител кај кој е констатирана мозочна смрт, што, всушност, е единствениот случај кога можеме да зборуваме за трансплантација на срце. Во услови во коишто веќе нашиот здравствен систем е подготвен и покажа дека е и научно, кадровски и технички способен, ни преостанува само уште да поработиме на подигнување на свесноста и охрабрување и интензивирање на довербата на населението. Во таа насока е потребно интензивирање на националните кампањи од страна на Министерството за здравство, а во соработка со граѓанските здруженија и НВО секторот. Дополнително сметам дека е потребно дел од вниманието да се насочи и кон докторите кои се соочуваат со ситуации на потенцијално органодонорство од кадаверични дарители, во смисла на нивно навремено препознавање и пристап кон пациентите и нивните фамилии за можноста да донираат органи.
Менталното здравје, исто така, е важно како физичкото здравје. За професија како Вашата каде се соочувате со доста комплексни интервенции, како ја задржувате смиреноста и што е она што Ве релаксира пред каков било зафат?
Кардиохирургијата, па и хирургијата воопшто, се професии кои навистина побаруваат голема психофизичка кондиција. Очигледно дека искуството ни овозможува најголема смиреност, но за тоа, сепак, треба време. Затоа, најважно за смиреноста при која било интервенција, според мене, е претходната добра подготовка, детално запознавање со состојбата на пациентот, детално планирање на интервенцијата, како и секоја можна потешкотија, пречка и компликација и можностите за нивно решавање. Надвор од работното место, важно е времето поминато со фамилијата и пријателите, сакам да посетувам музички концерти и останати културни настани, а се трудам и да спортувам.
Какво е чувството да се биде херој во нечиј живот?
Современиот живот е полн со безброј херојства. Повеќето се незабележани и незнајни. Се обидувам на својата работа да гледам строго професионално, без некој посебен пиетет на херојство, или, пак, можеби, само како еден мал дел од безбројните херојски акти во секојдневието. Секое посебно нагласување и воздигнување мислам дека дефокусира и е штетно.
Која е Вашата здрава навика со која би сакале да ги мотивирате читателите?
Подеднакво се важни и менталното и физичкото здравје. Една од моите здрави навики кои подеднакво ми помагаат психички да се релаксирам, а истовремено и физички ме кондиционираат, е возењето велосипед. Љубител сум на планинскиот off road велосипедизам, бидејќи токму таквото возење низ природа најмногу ме релаксира. Македонија изобилува со прекрасна природа и патеки за планински велосипедизам и мислам дека токму оваа активност во последните години е во подем. Постојат и многу здруженија на граѓани кои организираат колективни велосипедски настани и на тој начин дополнително го промовираат овој спорт. Возењето велосипед, во која било форма, е една навистина здрава навика која ја препорачувам на вашите читатели.
Со оглед на тоа што сте љубител на велосипедизмот, колкава е важноста на физичката активност за кардиоваскуларните болести?
СЗО ја нагласува физичката неактивност како една од главните причини, заедно со никотинот и нездравата исхрана, за развој на хроничните болести, а особено болестите на кардиоваскуларниот систем. Проценката е дека околу 35 % од морталитетот од коронарна артериска болест на срцето е поради физичка неактивност. Затоа и СЗО низ мноштво кампањи ја нагласува потребата од редовна физичка активност како значајна превентивна здравствена мерка. „Движи се за здравје“ беше еден од слоганите за светскиот ден на здравјето пред неколку години. Препораките се умерена аеробна физичка активност, како, на пример, пешачење, 20-30 минути секој ден, или, пак, 30-60 минути поизразена аеробна физичка активност, 3-4 пати неделно.
Според Вас, кој е начинот за превенција и контрола на кардиоваскуларните заболувања?
Кардиоваскуларните болести се болести за чие настанување важи принципот на мултифакториелност, односно на нивната појава, помалку или повеќе, влијаат повеќе различни ризик-фактори. Затоа за превенција на кардиоваскуларните болести е потребно избегнување на ризик-факторите. Физичката неактивност, веќе ја споменав како еден од трите главни ризик-фактори за настанување на кардиоваскуларни болести, заедно со пушењето цигари (никотинот), како и нездравата исхрана. Ова се ризик-фактори на кои можеме и мораме да влијаеме со начинот на нашето секојдневно живеење. На сите читатели уште еднаш ќе им препорачам редовни физички активности, доколку се пушачи веднаш да прекинат со пушењето цигари, избегнување брза, нездрава, процесирана храна и одржување нормална телесна тежина. Во смисла на контрола, важноста од редовни здравствени прегледи, особено кај повозрасните, следење и контрола на крвниот притисок, нивото на шеќер и холестерол во крвта.
За жал, стресот стана многу поприсутен во секојдневието на сите нас. Како да научиме да го сакаме своето срце и да се бориме со стресните ситуации?
Стресот е дефинитивно универзален и сеприсутен во нашите животи, но веројатно начинот на кој би се справиле со него е различен и специфичен за секој од нас. Егзистенцијалните потреби прават често да се занимаваме со принудни професии, да бидеме повеќе или помалку разделени од нашите најблиски, често дури и далеку во туѓи држави. Секој мора да го најде она што него ќе го прави среќен, ќе го исполнува и ќе му помогне да ги надмине стресните ситуации. Тоа може да е некое хоби, некоја мануелна вештина, спорт, музика и сл. Комуникацијата, поминувањето квалитетно време со своите блиски, како и движењето во природа се веројатно најуниверзалните извори на позитивна енергија кои ќе ни помогнат да го намалиме влијанието од секојдневниот стрес.
Што би сакале да им пренесете на сите потенцијални и моментални студенти кои се дел од Катедрата по хирургија на Медицинскиот факултет?
Низ моите секојдневни активности во Универзитетскиот клинички центар имам можност да сретнам многу помлади колеги, студенти, волонтери и специјализанти. Многумина од нив се навистина една голема инспирација и мотивација и за мене. Денешните генерации се ослободени од многу од стегите од минатото, а модерните технологии им овозможуваат да ги следат сите најсовремени светски научни медицински текови. Би посакал да останат научно љубопитни, да продолжат да го надградуваат своето знаење и да придонесат за развојот на медицината и здравствениот систем. Знам дека тие се граѓани на светот и во таа смисла максимално ги охрабрувам и ги поддржувам, но посакувам барем дел од своите знаења и вештини да ги употребат и да ги посветат на развој на македонското здравство и на нашите пациенти.
За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈУЛИ 2021).
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци