Фармацевти
Контакт

<< Назад

Интервју со Игор Ангелов – СМЕАТА ЛЕКУВА

април 1, 2020

|



Во моментов актуелен со проектот „ТВ Училница“ каде во живо се овозможува неформална едукација за учениците и децата на предучилишна возраст, Игор Ангелов повторно ги освојува срцата на најмладата и најискрената публика, децата.

  1. Освојувањето на детските срца е вистински предизвик за секој актер. Тие се највредната публика која што ја препознава искреноста, знае да ја покаже емоцијата и го вреднува веселиот дух. Според Вас, што е она што го задржува нивното внимание?


Да се биде дете е највредното, најубавото нешто, најискреното и најодговорното нешто. Работењето со деца за мене е голем предизвик бидејќи нивниот аплауз е навистина најискрениот и најтоплиот. Сметам дека токму тоа е она кое што го задржува нивното внимание; искрениот и автентичниот пристап на актерот.

  1. Како реагираат децата кога ве среќаваат? Кое е најсмешното прашање кое Ви го поставиле до сега?


Искрено, дел од децата се плашат кога ќе ме видат во живо. Ми велат дека сум бил многу висок и голем. На телевизија сум бил помал. Среќен сум бидејќи има позитивни реакции при средбите и најчесто се смеат и се радуваат. Во таквите мигови ја користам секоја прилика  за гушкање. Со дел од нив правиме и селфи. Има и такви кои што ме прашуваат; Коста зошто бегаш од Ула?



  1. Велат дека актерите кои што се бават со комедија, во приватен живот најчесто се сериозни и умерени личности. Кое е Вашето мислење за овој глобален стереотип?


Обично не сакам тоа што го работам на сцена да го понесам и надвор од неа, да го донесам дома. Можеби поради самиот факт што не се занимавам само со комедија, искрено сметам дека приватно и не сум така сериозен. Глобалните стереотипи малку ме плашат.

  1. Што се случи откако на одговорноста како актер кој што има и детска публика се додаде и одговорноста како татко? Дали тоа ја смени вашата перцепција за децата?


Не само на професионално поле, туку и лично, можам да кажам дека станувањето родител направи голема разлика во мојот живот. Откако станав татко, пред се научив многу работи за себе, за кои што не сум бил свесен претходно. Потоа, сето она што го научив, најдов малку поразличен начин за да го применувам при работа со децата.

  1. Како е да се работи со деца актери?


Работењето со деца најчесто е итересно, весело, смешно. Не велам дека тоа понекогаш не е заморно , бидејќи се случува да ме однесат на крајот од нервите. Сепак, тоа е исто како и во животот. Во секој случај, работењето со деца за мене претставува огромно задоволство затоа што се премногу креативни.

  1. Дали во ликовите кои што ги глумите додавате некои анегдоти, спомени или пак навики од Вашето детство?


Да се разбира дека моето детство има огромно влијание. Често пати се потсеќам на времето кога јас бев дете, пробувам да го најдам детето во себе и се споредувам со денешниве генерации деца. Сметам дека тоа има многу позитивни придобивки за сите оние кои што соработуваат со најмладата публика, бидејќи постои можност да најдете мал милион начини да им пристапите на предизвиците и да го користите тоа во својата работа.

  1. Денот на шегата ни дава можност барем за еден ден да се почувствуваме како актери и да се трансформираме во други ликови. Колку верувате во лековитоста на насмевката?


Смеата е најважното нешто и всушност тоа е единствено нешто што не разликува нас луѓето од животните. Смеата е сила, смеата е моќ, смеата лекува и го продолжува животот. А и животните се смеат, знам.

  1. Која е најголемата мистерија поврзана со децата која што иако сте детективот Цветко, никако не можете да ја решите?


Детективот Цветко ги решил сите мистерии на светот, освен една мистерија, а тоа е: Каде и зошто возрасните го губат детето во себе?



  1. Последните десет години активно трчате на маратони. Како се роди љубовта кон трчањето и дали верувате дека тоа е алатка со која што може да влијаете на Вашето ментално здравје?


Почнав да трчам сосема случајно. Имаше период кога се подготвував за снимање на филмот “Трето Полувреме“, за кој што требаше да бидам во кондиција и тогаш сфатив дека не можам да трчам дури ни две минути. Ете така, од тогаш почнав да трчам, да трчам, да трчам и еве после десет години се уште трчам. Не сакам и нема да престанам.

  1. Имате свое лозје, правите свое вино и се трудите да одгледувате органска храна. Дали тоа го правите како хоби и лична сатисфакција или пак тоа е дел од Вашите здрави навики?


Всушност тоа не е хоби, тоа е начин на живот. Лозјето ми дава убаво вино и ракија, а бавчата вкусни патлиџани, пиперки и краставици, мезе за ракијата. Верувајте дека тоа што сам си го посадил и пораснал е многу повкусно.

  1. Што е најважното нешто што го научивте од децата?


Децата сè уште ме учат. Гледајќи ги нив сфаќам дека иако детството е кратко, спомените од детството треба секогаш да се чуваат во себе.

  1. Велат дека првата претстава која што ја гледа едно дете има огромно влијание во развивање на љубовта према театарот. Што е она кое што би сакале да им го пренесете на сите родители кои што сакаат нивните деца да ги оддалечат од дигиталните играчки и да ги упатат кон социјално културните активности?


Она што би сакал да им го кажам на родителите е дека треба да ја користат секоја прилика за другарување со своите деца. Нека поминуваат повеќе време со децата, нека се гушкаат, нека разговараат, нека играат, нека се држат за раце. Некогаш нека исклучат интернет, телевизор, нека одат во театар и нека дозволат да учат од децата.

За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (АПРИЛ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>