Фармацевти
Контакт

<< Назад

Интервју со Лара Иванова – „Млада и талентирана“

февруари 1, 2022

1. Од „Супер Ѕвезда“ до ова што го гледаме денес... Што е она што беше пресудно за да се занимаваш со оваа професија?

Уште од најрана возраст многу сакав да пеам и да танцувам. Слушав музика и истовремено смислував некои свои кореографии, па моите родители забележаа дека сум талентирана. Бидејќи во тој период беше актуелен детскиот фестивал „Супер Ѕвезда“, ме однесоа на аудиција и веднаш се зачленив, и три години по ред настапував како солист. Во меѓувреме ме запишаа во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“  за да посетувам основно музичко и балетско образование. Подоцна, во 2019 г. следуваше мојот прв настап на „Макфест“, каде професионално започна мојата музичка кариера.



2. Имаше многу плодна година и беше актуелна со повеќе песни. На кој успех најмногу се радуваш? Што би сакала да издвоиш?

Сите мои песни ми се посебно драги, но како најуспешна би ја издвоила „Некогаш ќе помине“, која донесе нов звук на македонската музичка сцена и преку која ме запозна пошироката публика. Секако, како мој голем успех би го издвоила и настапот на „Макфест“ со песната „Душа“, со која освоив награда за најдобра вокална интерпретација.

3. Бидејќи си талентирана на повеќе полиња, и покрај тоа што си ученик имаш и професионални обврски. Како успеваш да го пронајдеш балансот кој води до успешна организација?

Секогаш правам план за сите обврски и активности што ги имам во текот на денот, без разлика дали се во склоп на училиштето или надвор од него. Неодложните обврски секогаш ми се приоритет број еден, а сето останато пробувам да го вклопам во меѓувреме. До сега се носам успешно со тоа.



4. Што е она по што би сакала да бидеш забележана и почитувана од страна на публиката?

Како што реков и претходно, бидејќи донесов нов звук на македонската музичка сцена и оставив свој белег, а публиката го забележа тоа, би сакала да се движам во тој правец и да останам доследна на идентитетот кој започнав да го создавам.

5. Со оглед на тоа што си балерина, како би направила паралела меѓу пеењето и балетот?

Мислам дека балетот многу ми помага во естетиката како на сцена, така и во визуелизацијата на спотовите, па затоа и во иднина ќе се трудам колку можам повеќе да правам спој меѓу овие две уметности во моите проекти.



6. Како се релаксираш? Што е она што те исполнува со енергија и те инспирира?

Најдобра релаксација ми е, секако, слушањето музика, понекогаш во комбинација со сликање или физички вежби за истегнување и загревање на телото. Сето ова ми е извор на инспирација и целосно ме исполнува, а воедно и ми дава енергија за извршување на сите обврски и активности во текот на денот.

7. Што претставува за тебе „здрав начин на живот“?

Со оглед на тоа што сум балерина, преферирам да водам здрав живот, а тоа значи многу вежбање, внесување голема количина  течности и здрава храна која се состои од многу овошје и зеленчук. Но, и менталното здравје на една личност е исто толку важно како и физичкото здравје. Менталното здравје влијае на нашите навики во исхраната и физичката активност.



8. Која е твојата омилена здрава навика?

Покрај тоа што вежбањето, загревањето и истегнувањето на телото ми се задолжителна обврска, тие за мене претставуваат и омилена здрава навика.

9. Дали веќе имаш планови на музичко поле за оваа година?

Моментално работам на неколку нови проекти и со тоа веќе почнувам да го реализирам планот за оваа година. Во план ми се многу нови соработки, како со нови артисти, така и со нови продуценти и текстописци, поголем број на настапи, а се надевам и на свој солистички концерт.



10. Што би сакала да им препорачаш на сите оние што сакаат да се занимаваат со музика или некоја друга уметност, но, сепак, немаат доволно храброст и мотивација?

Најважно е да се има желба и љубов за тоа што сакаш да го правиш, како и упорност, многу работа, дисциплина, самодоверба, па дури и откажување од некои задоволства, за да стекнеш навики кои ќе те мотивираат и охрабрат да ја реализираш целта што си ја замислил.

За детално читање на овој текст, погледнете на 10-12 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ФЕВРУАРИ 2022).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>