Фармацевти
Контакт

<< Назад

Интервју со Цвета Динева и Бранко Попоски – Вкусно и здраво

јуни 1, 2021

 

јуни2021

Бранко Попоски

  1. Еден од највкусните ТВ-проекти започна со нов концепт. Што е она по што се разликува овој нов концепт од претходните на „1001 Оброк“?


После една година дел од едно големо семејство како што е „1001 Оброк“, морам да кажам дека силната желба нешто да успее и во услови на светска пандемија се исплатеше. Се сеќавам дека беше март 2020 кога Ивце Пивце ми се јави и ми рече: „Сакаш ли да дојдеш да ни бидеш гостин во емисија?“ и јас како што ме знае секој неретко одбивам гостување на телевизија и му реков „Доаѓам дефинитивно“. И така започна приказната на Cooking with Branko во „1001 Оброк“. Паметам јас ја завршив првата сезона која поради ковид-19 моравме да ја приспособиме на условите и беше поразлична со тоа што јас готвев вкусни оброци и бев и домаќин и гостин во едно. Втората сезона, пак, ја започнавме некаде летото 2020, кога на гости имавме познати лица од македонската музичка и политичка сцена, актери, ТВ-лица, каде што заедно готвевме и споделувавме позитивна енергија и многу вкусови. Но, сепак, некаде кон почетокот на оваа година заедно со тимот на „1001 Оброк“ разговаравме и одлучивме дека е време нешто да промениме. Истражувавме, разговаравме, имавме тон идеи што, како, но, сепак, го баравме најдоброто. И одлучивме да внесеме една поинаква свежина во етер заедно со мојата драга пријателка Цеце и да пласираме кујна со здрави оброци кои така приготвени ќе ги донираме во Здружението на Цеце Николова „За тебе“ (For you) што се занимава со поддршка на млади лица кои  пораснале без родители. Овој нов концепт на „1001 Оброк“ покрај свежина во етерот, пласира и една општествена одговорност, од една страна, едукација и совети за подготовка здрава храна за целото семејство, а, од друга страна,  донирање на храната во Здружението на млади лица без родители. Разликата е и во енергијата, сега сме двајца кои сакаат секогаш да го извадат најдоброто за гледачите, и да испратат позитивни вибрации.

јуни2021

 

  1. Најчесто темпото на секојдневието нè плаши да засукаме ракави и да зготвиме нешто здраво. Кое е оптималното време потребно за да се подготви еден лесен, практичен и здрав оброк?


Ништо не е тешко кога го правиш со многу љубов. Па и да одземе време, и да бидат минути и саати, сепак, тоа не е залудно потрошено, зашто е за себе, за твоите најблиски, пријателите. Храната што ја приготвуваме е нешто во кое  треба да внесеме љубов, позитивна енергија, убави приказни, позитивен дух, да се внесеме во тој свет на вкусови. Со секој залак да испратиме таква енергија која ќе нè одведе во светот на хедонизмот. Би можел да потрошам и 3 минути но и саати во продготовка на здрав оброк кој ќе си содржи сите витамини и минерали и ќе ја задоволи потребата за глад. Многу е важно при подготовката на здрав оброк да се задржи свежината, хранливите материи да не се изгубат во процесот на подготовка. Ќе дадам еден пример за брз, здрав и практичен оброк, а тоа е моето омилено зелено утринско смуди кое го подготвувам за 3 минути. Една банана, листови свеж спанаќ, неколку замрзнати вишни, едно зелено јаболко, лажичка путер, лажичка мед и ореви. Оброк кој ќе ве држи сити повеќе од 3 часа, а сте го подготвиле за помалку од 3 минути. Се задржале сите хранливи материи, кои со негово консумирање сте ги внеле во вашиот организам. Здравиот оброк секогаш цели кон  едно нешто а тоа е – ситост на организмот и јак и силен имунитет. Едно мое златно правило – започни го секој ден со здрав оброк!

јуни2021

  1. Како човек кој успеал да изгуби 30 килограми Вие сте вистинска инспирација за сите оние кои се трудат да ја намалат својата телесна тежина. Која е тајната за да се издржи тој макотрпен и долг процес?


Додека  растев бев  дете кое имаше килограми плус од тоа што треба да ги има, затоа што сум гурман по природа и секогаш сакам да си поткаснам повеќе од што треба. Мајка ми и ден-денес раскажува дека како мал кога ќе сум здогледал храна очите ми светнувале од желба за јадење. Такви сме и како семејство. Уживаме максимално во храната, во секој залак. Но, сепак, 20 години беа пресудни Бранко да изгуби скоро 30 килограми од неговата телесна тежина со умерена исхрана и спортување. Фокусот на исхраната беше зеленчук, овошје и месо, а секој ден беше ден за брзо одење по 5 км по планински и стрмен пат и три пати неделно кардиовежби. За тоа време на мојата трансформација живеев во Вевчани и тоа траеше околу  9 месеци. Зборувам за здрав процес на слабеење, односно намалување на телесната тежина, која и ден-денес ја одржувам со плус-минус килограми, но, сепак, секогаш се фокусирам на умерено консумирање храна во текот на денот, намалување јаглехидрати и шеќери, зголемување на внесот на овошје и зеленчук и редовна хидратација.

  1. Која е Вашата омилена храна? Без кој зачин не можете да замислите голем дел од Вашите оброци?


Готвам буквално сѐ! Месам леб, сукам пити, сакам многу месени работи, како што се кифлички, пита или како што ја викаме ние вевчанците – губа. Многу сакам бурек, но морам да признаам дека пастата ми е најомилено јадење и најмногу сакам да ја подготвувам. Италијанската кујна има посебно место во мојата кулинарска приказна, и задолжително два пати неделно мора да се најде на мени за ручек. Дали црвен или бел сос, или, пак, комбинација со зеленчук, секогаш можеш да ме освои со паста и никогаш нема да кажам  „Не сум гладен“. Сепак, и покрај моите кулинарски способности за подготовка на месени работи, умереноста во нивното консумирање ми е секогаш на прво место. Морам да признам  дека млечните работи  ми се слабост, а посебно вевчанското овчо сирење и ми одат скоро со секоја комбинација.

јуни2021

Зачините ги бирам внимателно и секогаш кога ја подготвувам храната гледам  да биде умерено дозирана со секој зачин кој го користам. Куркумата ми е еден од омилените зачини и често ја употребувам и за подготовка на смудиња, солени и слатки работи. Во последно време куркумата го освои светот благодарение на многубројните корисни својства кои ги поседува. Уште ја нарекуваат и „жолтото чудо на природата“. Таа го содржи куркуминот, кој е главната активна или антиоксидативна состојка на куркумата, односно поседува моќни антивоспалителни својства. Секогаш сугерирам да се користи куркумата во сите јадења кои ги подготвувате поради нејзините хранливи состојки што го чуваат нашето здравје.

  1. Со која здрава навика би се пофалиле? (спорт)


Ги има многу, но, сепак, умереноста во консумирањето на храната, користење здрави состојки за подготовка на храната, пиењето многу вода и спортувањето ми се примарни здрави навики кои ги практикувам секојдневно. Кога е во прашање спортот, возењето велосипед и вежбањето се клучни во оформување на тој таканаречен синџир на здрави навики. Секојдневно возам велосипед и ми стана навика да одам и да се враќам од работа со него. Велосипедот покрај тоа што не троши енергија која е штетна за околината, ја троши нашата енергија која често ја имаме  вишок. Возењето велосипед се смета за умерена активност, а многу студии покажуваат дека умерените активности дејствуваат подобро во однос на топењето маснотии, од поинтензивните физички активности. Исто така, возењето  велосипед може да ги ублажи чувствата на стрес, депресија и анксиозност.

Бидете спортски активни и вклучете го спортувањето во вашиот секојдневен живот.

 

Цвета Динева

  1. Како добро познат нутриционист, што вели Вашето досегашно искуство: која е најголемата грешка што ја правиме при изборот на нашите оброци?


Постојат многу грешки кои ги правиме при изборот на оброците. Јас би споменала неколку кои најмногу можат да му наштетат на нашето здравје како консумирање  храна која содржи транс-масти, односно храна која се обработува термички со пржење. Потоа прекумерното консумирање бел шеќер, млеко и производи од бело брашно.

јуни2021

  1. Како Вие се пронајдовте во приказната „1001 Оброк“?


Одлично! Уште од првото снимање одлично се вклопивме со целата екипа, а со Бранко имам чувство како да се знам цел живот. Целата екипа одлично се вклопи кон новиот пристап и останува уште да ги ставам на режим продуцентите и камерманите, да симнат неколку килограми пред летото и сè ќе биде идеално J.



  1. Секогаш зрачите со неуморна енергија. Како успевате да го задржите ведриот дух?


Енергијата ја црпам од неколку места. Прво и основно, од моето семејство и особено моите внуци кои секогаш знаат да ме расположат. Потоа здравиот начин на исхрана кој го практикувам, мојата духовност и постот кој секогаш го практикувам и на крај формулата ВОЗ, односно консумирањето вода, овошје и зеленчук.

  1. Дали се занимавате со некаква физичка активност и што би им препорачале на оние кои немаат мотивација да започнат со неа?


Секој слободен миг го користам за планинарење и за пешачење во природа. Секогаш се трудам да украдам некој слободен миг и да го искористам за посета на Берово, Катланово или за искачување на Водно. Инаку, на моите членови во ЦД диет клубот им препорачувам пешачење и лесна физичка активност, во согласност со  можностите и кондицијата со која располагаат. Нека започнат сите со лесна физичка активност како пешачење и полека нека ја зголемуваат. Само така ќе стекнат здрави навики и пополека тоа ќе стане дел од нивното секојдневие.



  1. Што би им препорачале на сите оние кои сакаат да се ослободат од вишокот килограми? Постојат ли општи правила или пак сè се сведува на индивидуални фактори?


Секоја промена, секој почеток на здрав начин на исхрана прво започнува во главата – со силна ментална подготвеност за промени. И, се разбира, никако строги диети, туку комплетна промена на начинот на исхрана. Затоа и јас зборот диети никогаш не го користам, туку секогаш велам здрав начин на исхрана. Бидејќи само таков пристап ќе доведе до здрава промена која ќе ги намали килограмите засекогаш, без јојо ефекти.

За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈУНИ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>