Несекојдневни, посебни и екстремно квалитетни се зборовите со кои може да се опише
Трио Џентлмен. Триото е составено од професионалните оперски пејачи: Дејан Стоев – тенор, Кристијан Антовски – баритон и Јане Дунимаглоски – тенор. Нивната музика е лек за душа во сите моменти на нашето расположение. Секој од нив звучи преубаво, но заедно во комбинација се неверојатно моќно трио кое звучи како еден. Нивниот репортоар изобилува со дела на класични композиции, преработка на најголемите светски поп-хитови изведени во класичен поп-манир, наполитански канцони, шпански песни и руски романси. Но, посебното кај нив е македонското творештво и преработката на македонските песни во нивни стил, проследени со видеоспотови кои изобилуваат со делови од убавините на Македонија. Разговараме со нив за нивната инспирација, мотивот за добра музика, како и промовирањето на црквите и убавините на Македонија во спотовите, но и начинот како го одржуваат нивното здравје.
- Како дојде до формирање на Трио Џентлмен?
Целата идеја започна од Дарко Нешовски кој пред пет години ја постави идејата и темелот на групата. Рековме ќе пробаме, па ако звучи добро и ако сите се пронајдеме во тоа ќе продолжиме понатаму. Немавме име, но за кратко време Дејан го доби кумството сосема случајно инспириран од една убава етикета на еден убав пијалак и ете нè сега после пет години и неколку месеци како
Трио Џентлмен. Во меѓувреме се случи и промена во составот, бидејќи Дарко реши да се отсели од нашата држава и на негово место по негов предлог го поканивме Јане Дунимаглоски, кој до ден-денешен е дел од приказната на
Трио Џентлмен.
- Како го одржувате балансот помеѓу пријателството и работата?
Ние сме, пред сè, пријатели и колеги, бидејќи тројцата сме вработени во Македонската опера и балет. Речиси и да нема ден да не се чуеме, а работата е неизбежен дел од нашите разговори.
- Со кои музички автори најмногу имате соработка?
Отворени сме за соработка со сите автори кои ќе препознаат специфичност и квалитет во она што го работиме. Навистина има многу со кои сме соработувале и веројатно ќе има и други на кои им е предизвик да пишуваат за нас.
- Како ги одбирате песните за обработка?
Најпрво таа песна треба да има „тежина“, односно да има убава вокална линија со широка хармонија за да може да ја обработиме за три вокали и, секако, да биде позната, за публиката да ја препознае, но во ново руво.
- Често користите локации од Македонија во вашите видеоспотови. Која е инспирацијата за тоа?
Самиот одговор за инспирацијата ви е во прашањето… Македонија! Да ги прикажеме сите нејзини вредности и убавини.
- Во спотовите главна улога имаат момче и девојка, кои се заљубени и уживаат во убавините и местата каде се снима видеото за да се долови убавата приказна на песната. Дали е тоа сценарио што ќе го применувате и во иднина?
Љубовта, младоста и совршената атмосфера низ убавите допрени и помалку допрени предели на Македонија се секогаш убава инспирација за сценарио.
- Досега имавте неколку настапи и концерти низ државата. Кој е вашиот најголем успех на тоа поле?
Во овој период колку што постоиме имаме преку 220 настапи, низ целата наша земја и надвор од неа. Секој настап е приказна за себе, успех сам по себе и различен од другиот.
- Што е тоа што ве прави горди во вашата работа?
Многу работи! Горди нè прави нашата истрајност во нашето музицирање и непотпаѓање на никакви трендови, горди нè прави нашето меѓусебно почитување и поминување низ тешки и кризни ситуации, горди нè прави нашата препознатливост која станува сè поизразена како минува времето и веројатно најгорди сме на нашата скромност и професионалност на која ѝ останавме доследни.
- Со кои изведувачи досега сте имале соработка?
Ние сме тројца на сцена така што немаме потреба од дополнитени изведувачи, но и покрај тоа имавме соработка со неколку изведувачи дури и снимено неколку заеднички видеоспотови, а и понатаму ако имаме добар предлог и убава идеја ќе го правиме тоа.
- На совршен начин ги имате преработено некои од песните на Тоше Проески. Дали да очекуваме уште преработки на неговите песни од ваша страна?
Благодариме! Тоше и неговото музицирање не може да биде заобиколено од нашето понатамошно творење, така што, секако, очекувајте и други обработки од неговиот опус.
- На кој начин го одржувате вашето здравје за да ги заштитите вашите моќни гласови?
Еве уште еднаш ви се заблагодаруваме за убавите зборови. Ќе раскажеме една случка од еден разговор во живо на телевизија некаде на почетоците кога сè уште Дарко беше со нас. Токму тој на исто вакво прашање мислејќи на спокојно живеење, без стрес, без гласно зборување и сакајќи сето тоа да го сублимира во еден збор, како од пушка одговори: „Знаете ние имаме посебен третман, а тоа е чаша црвено вино, убаво мезенце...“. Нормално сите бевме изненадени од ваквиот одговор, но свртевме на шега и еве после толку време повторно се навраќаме на тој лапсус.
- Дали имате посебен начин на исхрана за дополнителна енергија во напорните денови?
Сите сме големи гурмани, некои од нас готват некои не, но сите сакаме да јадеме убаво и ја почитуваме убавата и здрава храна која е неопходна за дополнителна енергија. Секој миг поминат заеднички на некоја убава софра за нас е прекрасен, бидејќи тоа преоѓа во песна, спонтан аранжман на гласовите, смеа и радост.
- Како се приспособувате на „новата нормалност“ под влијание на коронавирусот?
Ние сме состав кој докажа дека „новата нормалност“ ништо не ни може. Имаме толку многу подготвен материјал што и без многу заеднички проби имаме неколку различни проекти да ги дадеме во моментов. Тоа и го докажавме изминатиов период, и сме меѓу првите кои имаа настапи штом се објави протоколот за јавни настапи. Следуваат и настапи кои се веќе договорени со датуми, така што нека коронавирусот се навикне на нас, бидејќи ние ќе бидеме тука и ќе пееме?.
- Кои се вашите планови за иднина на музички план?
Во најблиска иднина треба да ги одржиме нашите концерти во Њујорк и Москва кои поради „новата нормалност“ ни се одложени, нови песни и авторски и преработки, малку „чепкање“ и по народното творештво кое е наш неизбежен дел, многу концертирање, многу приватни забави и така натаму. Секој кој сака да следи што работиме го покануваме да ја отвори нашата страна на Фејсбук Trio Gentlemen.
- Која е вашата најголема мотивација за творење?
Нам не ни треба голема мотивација. Нам ни е ова работа и секојдневие а не хоби. Секако, без љубов кон работата, кон саканите, и кон животот нема ништо, така што љубовта е таа за која пееме и која нè води понатаму.
За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (СЕПТЕМВРИ 2020).