Фармацевти
Контакт

<< Назад

Интолерантност на лактоза

август 1, 2021

д-р Александар Митов

|

август 2021

Интолерантноста на лактоза е проблем кој се јавува кај сè поголем број на луѓе. За многумина, ова можеби претставува „модерен“ проблем или проблем на денешницата, но интолерантноста на лактоза е реална, честа и стара појава. Понекогаш воочувањето и откривањето на ваквата состојба може да е отежнато и збунувачки за многумина. Не секогаш луѓето лесно ги воочуваат симптомите, па така голем број луѓе и подолг период може да живеат со ваква интолеранција.

Во светски рамки се смета дека дури 65 % од возрасната популација има намалена способност за дигестија на лактозата, а кај популацијата од Источна Азија оваа бројка се движи од 70, па и до 100 %. Ваквите проценти се базирани на средна вредност и треба да се нагласи дека зависат од потеклото – регионот од каде потекнува некоја популација.

Важно е да се напомене и да се разбере и разграничи разликата меѓу термините интолеранција на лактоза и алергија кон млечни производи.

Овие две состојби не треба да се мешаат. Алергиите се реакција на нашиот имунолошки систем кон одреден тип или состојка во храната, додека во денешната статија ќе разгледаме зошто доаѓа до интолеранција во организмот, во случајов на лактозата.

Што претставува лактозата и каде е сè присутна?

Лактозата е тип на шеќер (дисахарид) кој е природно присутен во млекото на повеќето цицачи. Поради доењето, бебињата немаат никакви проблеми со дигестијата на овој шеќер, но кај некои луѓе ваквата способност со тек на времето се намалува.

Самото име „млечен шеќер“ ни укажува дека лактозата е присутна во млекото и некои млечни производи. Сепак, во одредени маркети постојат и млека без лактоза. Постојат повеќе начини како се отстранува овој шеќер од ваквите млека, но најчесто е преку додавање на ензимот лактаза. Токму овој ензим  лактаза е она што недостасува кај луѓето кои се интолерантни на лактоза.

За да разбереме зошто е ова вака, да се обидеме во една реченица да ја објасниме функцијата на ензимите во телото. Ензимите се, всушност, молекули кои во телото помагаат и учествуваат во протекувањето на огромен број биохемиски реакции. Вака кратко и доста опширно кажано, ензимот лактаза има задача да ја разгради лактозата до попрости шеќери. Бидејќи како што споменавме, овој ензим недостасува кај луѓето со интолеранција, шеќерот лактоза не може да се разгради и поради тоа настануваат проблеми со дигестијата на млеко и млечните продукти.

Кои се најчестите симптоми на интолерантност на лактоза?

  1. Болки во стомакот и надуеност


 Ова се најчестите симптоми на интолерантност на лактозата. Бидејќи таа не може да се разгради во желудникот, проаѓа низ цревата и пристигнува до дебелото црево. Овде јаглехидратите во кои спаѓа и лактозата не можат да се апсорбираат, но можат да бидат ферментирани од присутната микрофлора. Ваквата ферментација создава органски киселини и гасови како водород, метан и јаглероден диоксид. Овие соединенија ја предизвикуваат надуеноста и болките во цревата кои луѓето ги искусуваат.

  1. Дијареја


Интолерантноста на лактоза предизвикува дијареја, бидејќи го зголемува волуменот на вода во дебелото црево, што го зголемува и волуменот и количеството на течност во изметот. Претходно споменатите гасови и органски киселини се причинителни за телото да го зголеми количеството на вода присутно во дебелото црево.

  1. Констипација


Спротивно на дијарејата, констипацијата кај луѓето интолерантни на лактоза е нешто поретка појава. Се верува дека создадениот метан како резултат на ферментацијата на лактозата ја забавува брзината со која храната се движи низ цревата. Ваквиот симптом не е чест индикатор за оваа интолерантност, но, сепак, поретко бил присутен кај некои луѓе.

Дали сите млечни продукти се проблем за луѓето со ваквата интолеранција?

Иако сите млечни продукти (освен оние обележани како „без лактоза“) содржат до одреден степен лактоза, количеството на овој шеќер во нив може значително да се разликува. Секако, свежото кравјо млеко очекувано е и она што најмногу треба да се избегнува, бидејќи содржи и најмногу лактоза. Но, постојат неколку намирници добиени од млеко, но со помало количество на лактоза:

 Зошто воопшто доаѓа до интолерантност и зошто е таа сè почеста?

Како бебиња нам ни е неопходна лактазата со цел нормална дигестија на мајчиното млеко. Но, во понатамошниот живот потребата од овој ензим е намалена и кај дел од популацијата тој престанува да се создава. Ваквата појава, како што веќе нагласивме е поврзана и со регионот на живеење и кај одредена популација е сериозно нагласена. Ваквата зависност од создавање на лактазата и регионот на живеење се должи на генетиката која ја имаат луѓето од тие региони. Нивните предци имале различен начин на исхрана кој најчесто не вклучувал млеко, па нивната потреба од овој ензим со текот на времето целосно исчезнала.

Но, важи и обратното, достапноста до млеко на нашите предци со текот на времето им ја дала и способноста да го разградуваат шеќерот лактоза. Се смета дека во минатото речиси целата популација била интолерантна на лактоза. Денес се смета дека 35 % од популацијата, повеќето од кои се со европско потекло, може да го разградува овој шеќер.

Без разлика дали вие или некој околу вас ја има оваа интолерантност, постојат низа  намирници кои може да го заменат кравјото млеко. Млека од растително потекло како: соино млеко, бадемово млеко, млеко од овес или оризово млеко се одличен извор на нутриенти и можат да го заменат млекото во повеќе рецепти. Во поглед на калциумот кој е познат дека е застапен во млекото, претходно споменатите растителни млека се одличен извор, бидејќи често содржат и додаден калциум. Исто така, риби со коска се одличен извор на калциум (на пример, сардина), како и зелени зеленчуци како што се спанаќ, кељ и сл.

За детално читање на овој текст, погледнете на 14-15 стр. во електронското издание на BETTY магазин (АВГУСТ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>