Фармацевти
Контакт

<< Назад

Исхрана за време на пандемија со Ковид-19

јануари 1, 2021

виш научен соработник д-р Драгица Зенделовска
ONE HOSPITAL
НАДВОРЕШЕН СОРАБОТНИК ОД ОБЛАСТА НА НУТРИГЕНОМИЈАТА

|



Правилната исхрана е неопходна за одржување добро здравје, особено  во борбата против вирусите каде што е важно зачувувањето и поттикнувањето на функцијата на имунолошкиот систем. И покрај тоа што неговата функција е детерминирана од генетиката, големо влијание има исхраната, стресот, физичката активност, сонот.

Особено важен фактор е исхраната, бидејќи намирниците содржат витамини, минерали и други компоненти кои се стимулатори на одбранбените функции на организмот и ја зголемуваат отпорноста спрема различни вирусни и бактериски инфекции, како и растот на карциномот, кој зависно од имунолошките механизми ќе напредува или ќе се повлече.

Особено внимателни треба да бидеме со употребата на преработена храна која содржи доста масти, адитиви, шеќер и сол.

Треба да се посвети внимание на големината и густината на оброците. Имено, во главните оброци половина од чинијата треба да биде зеленчук, четвртина извори на протеини (најдобро бело месо од мисирка или кокошка, риба, јајца, обезмастени млечни ферментирани производи) и четвртина извори на јаглехидрати (мешунки, компир, цели зрна на житни растенија). За ужина земете едно парче овошје со средна големина или една шака јаткасти плодови (орев, индиски орев, бадем, лешник), но не повеќе од 50 грама.

Треба да се ограничи внесот на сол и шеќер. Преработената и конзервирана храна содржи многу сол, а наместо бисквити, бомбони, колачи засладете се со свежо или замрзнато овошје или овошен сок.

За да ја намалите густината на оброците, подобро е да се зголеми количината на зеленчук во еден оброк. Преку зеленчукот и овошјето ќе внесете доста витамини, минерали и влакна.

Подготвувајте  ја храната со ладно цедени масла (термички не ги обработувајте на висока температура) и консумирајте здрави масти преку риба, маслиново масло, јаткасти плодови, авокадо, а ограничете го внесот на црвени меса, полномасно млеко и млечни производи.

За правилно функционирање на гастро-интестиналниот тракт се потребни влакна кои можете да ги внесете преку јачмен, просо, грав, грашок, леќа, наут и да ги додавате како прилози во главниот оброк.

За соодветна хидратација внесувајте доста незасладени чаеви, вода, супи, а ограничете го внесот на газирани и вештачки сокови, алкохол (може да ги менува психофизичките способности, негативно влијае на имунитетот, ги зголемува симптомите на депресија, анксиозност, страв и паника).

На првата борбена линија против инфекциите, па и во време на пандемијата со ковид-19, се белите крвни зрнца чија функција е под големо влијание од храната која ја консумираме. Во оваа група спаѓаат неутрофилите (кои ги напаѓаат бактериите), лимфоцитите кои понатаму се делат на T-клетки, B-клетки и NK-клетки. B-клетките произведуваат антитела со кои се уништуваат вирусите и бактериите, T-клетките управуваат со многу имунолошки активности и произведуваат две супстанции,   интерферон и интерлеукин, кои имаат главна улога во борбата против инфекциите, додека NK-клетките се сметаат за прва одбрана на организмот, т.е. ги уништуваат клетките зафатени со вирус.

Многу истражувања покажуваат дека разни намирници и состојки од храната ја регулираат концентрацијата на белите крвни зрнца во крвта, односно постојат голем број на податоци кои укажуваат дека храната може да ја стимулира работата на имунолошкиот систем и да го подобри неговото дејствување.



Накратко, ова се намирниците на кои треба да се стави поголем акцент и почесто да бидат застапени во исхраната со цел да се подобри работата на имунолошкиот систем:

За посилен имунитет во последно време покрај правилниот начин на исхрана сè почесто се практикува земање додатоци на исхрана со најголем акцент на цинк, селен, витамин Ц, кверцетин, витамин Д3, N-ацетил цистеин, мелатонин и др. Земањето на вакви изoлирани препарати е добро да биде под надзор на стручно лице, бидејќи поголеми дози од различни витамини или минерали дејствуваат како коензими и слободната или неврзаната форма од нив во телото може да даде токсичен ефект.

Затоа почесто консумирајте храна која ги содржи во природна форма горенаведените компоненти, а она што не можете да го внесете преку исхраната или има потреба за повисоки дози, земајте го во форма на додатоци на исхраната.



За детално читање на овој текст, погледнете на 30-31 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈАНУАРИ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>