Раното детство е најранливиот период во развојниот стадиум на човекот.
Во текот на првата година од животот доенчето има интензивен, брз раст и развој (три пати ја зголемува родилната телесна тежина и за 50% должината) и продолжува да расте во наредните години, но со помал интензитет.
Поради тоа што брзиот раст е проследен со назначени промени во развојот, составот и функционирањето на органите, необезбедувањето доволно нутриенти во овој период може да доведе до несакани ефекти во растот и развојот.
Секој родител го сака најдоброто за своето дете. Родителите се судираат со многу прашања, од кои на почетокот најважно е како да се храни бебето.
За новороденчињата кои се на ексклузивно доење и за новороденчињата хранети со адаптирано млеко-формула, најдобро е започнување дохрана околу 6. месец. Воведување дохрана би требало да се почне кога детето е здраво. Со отпочнување на дохраната, конзистенцијата и честотата на столиците на бебето може да се променат, кое е во зависност од храната која се воведува и дава.
Хранењето е пожелно да биде во пријатна, семејна атмосфера.
Новата храна да се воведува постепено, со неколку лажички првиот ден, за неколку дена да се постигне давање цел оброк, кој би сменил еден подој. Храната да биде единична, еден вид овошје или зеленчук, кои единствено можат да бидат замешани со мајчино млеко или формула. Во овој период на адаптација препорачуваме давање овошни и зеленчукови кашички.
Во втората фаза, од 7 до 9-месечна возраст, се воведуваат следниве продукти- пире од зеленчук со пилешко, телешко или друго посно месо, пире од зеленчук со легуминози (грашок), ориз, пченка, тестенини, полномасни продукти, јогурт, кисело млеко, млечни намази. Храната да се спрема прво блендирана, па кон покрупно изгмечена.
Во третата фаза, 9-12 месеци, доенчињата би требало да имаат три оброци дневно. До 12 месеци сѐ уште да се дава млеко (доење или формула). Храната која се дава да е сечкана, изгмечена и да вклучува јаглехидрати (компир, леб, ориз, тестенини), овошје и зеленчук, полномасно млеко и млечни продукти и месо или риба, јајца, грав, леќа, грашок и слично.
Храна што треба да се избегнува е - процесирана храна (премногу мрсна храна, преработена храна), сол (до една годинка до 1 гр. сол дневно), шеќер, мед, сурови јајца, јаткасто овошје. Целото ова е избегнато и потполно адаптирано кај кашите кои може да се купат во аптеки или маркети, а се наменети за деца и на кои јасно е обележано која кашичка е адаптирана за која месечна возраст.
Алергии на храна е поверојатно да се јават кај деца со позитивна фамилијарна историја на алергии, а најчесто се предизвикани од - јајца, млеко, соја, пченица, јаткасти плодови, семиња, риби и школки.
Пишува
Д-р Зорица Дафков,
спец. за семејна медицина
ПЗУ „Целзус Нова“ Кавадарци