Пишува: Д-р Олгица Николовска
Спец. Педијатар - Неонатолог ONE Hospital - Тетово
Со првиот роденден се завршува и големата епопеја на внесување цврста храна. Завршена е фазата на навикнување на вкусови и мириси и детето веќе ги познава сите видови храна. Настанува период на усовршување, во кој ќе се зацврстат добри и здрави навики на исхрана.
И сега е потребно внимание за квалитетот на исхраната, да се дава храна која е добра за раст и развој на детето (храна без адитиви и токсини) затоа што овие супстанции детскиот организам не може да ги елиминира и тие се таложат во организмот негативно влијаејќи на здравјето и развојот на детето. На оваа возраст детето треба да има 4 оброци дневно, и тоа појадок, ручек, ужина и вечера.
Здрава храна што треба да се фаворизира се свежо овошје и зеленчук, здрави грицки (суво овошје, интегрални грицки), посно месо, риба, јајца, сирење.
Храна што треба да се избегнува се брзата храна, чипсовите, пржената и похуваната храна, треба да се има ограничено внесување сокови, колачи, торти и чоколади.
При крајот на 12-тиот месец кога детето веќе јаде разновидна храна, тоа од фаза на доенче преминува во фаза на мало дете (1-3 години). Тоа е чувствителна возраст кога се формира основа за правилен однос кон храната, што детето ќе го има и како возрасна личност. На тој начин од најрана возраст се прави превенција на дебелината, на заболувањата на срцето и крвните садови, дијабетесот и други болести поврзани со нивната појава поради лоша исхрана.
Притоа секогаш треба да имаме на ум дека добрите навики за исхрана првенствено се стекнуваат на фамилијарната трпеза, во градинките и училишта, каде што се поттикнува правилната и здрава исхрана.
Една од најголемите придобивки на правилната исхрана кај малото дете е добриот имунолошки развој и капацитетот со кој ќе може детето да се спротивстави и одбрани од голем број вируси, бактерии, нечист воздух, алергии. Правилната исхрана, која во себе содржи витамини, минерали, олигоелементи, придонесува за правилен раст и развој како физички така и психички. Калориското внесување на оваа возраст треба да биде 100 калории на килограм телесна тежина (спрема конституцијата на детето и физичката активност).
Во разновидната исхрана на детето и создавањето силен имунолошки систем значајна улога има МЛЕКОТО. На оваа возраст детето продолжува со мајчиното млеко ако е тоа возможно и ако мајката сѐ уште има млеко и тоа заради сите предности што ги има мајчиното млеко: тоа содржи белковини, есенцијални аминокиселини, витамини, минерали, масти, олигоелементи и, пред сѐ, имуни тела, ензими, пробиотици, имуноглобулини.
Доколку мајката нема млеко, детето треба да внесува од 500 до 700 мл млеко дневно, Препораките на СЗО и педијатриската асоцијација се до тригодишна возраст детето да прима адаптирано млеко, а не кравјо млеко, кое е многу богато со протеини и сол, со што непотребно ги оптоварува ГИТ и бубрезите, а притоа тоа е сиромашно со железо, цинк, витамин Е и есенцијални масни киселини.
Адаптираното млеко е одличен извор на протеини, калциум и фосфор и витамини од групата Б. Присуството на витамин Д3 обезбедува подобра апсорпција на калциум и негово вградување во коските, стимулира развој на силни и здрави коски и мускулатура. Витамините А, Е и Ц имаат силно оксидативно дејство, железо што придонесува да не се развие анемија кај детето, а воедно придонесуваат за нормално функционирање на имунолошкиот систем.
Најважно од сѐ е ДА СЕ ОБЕЗБЕДИ РАЗНОВИДНА, ДОБРО БАЛАНСИРАНА И БИОЛОШКИ ВРЕДНА ХРАНА секој ден за нормален раст и развој на секое дете.
За детално читање на овој текст, погледнете на 22-23 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Јануари 2023).