Катерина Златановска Попова
сертифициран советник за развој на кариера
|
Август секогаш е месец кога се во полн ек летните одмори, но и кога полека се наближува периодот за почеток на учебната година. Уште од сега може да се насети дека новата учебна година ќе биде полна со предизвици, како за наставниците и училиштата така и за децата и родителите. Првото и најсериозно прашање кое нѐ мачи сите подеднакво е како ќе изгледа учебната година, дали училиштата ќе ги отворат своите врати за сите ученици или одново ќе има рестрикции?
Во изминатата година и пол, колку што поради пандемијата беа воведени и воспоставени специфични мерки и начини на продолжување на едукативниот процес, децата беа оние кои некако најлесно се адаптираа и приспособија на „новото нормално образование“.
И додека возрасните мака мачат да го најдат најдобриот и посебно најбезбедниот модел за продолжување на процесот на едукација, децата се чини се подготвени за сите сценарија.
Како родител на двајца тинејџери, едниот основец а другиот средношколец, би рекла дека она што суштински им недостасува на моите, а многу веројатно и на најголемиот дел деца во изминатиот период, е социјализацијата, директната интеракција со своите врсници и споделувањето на сите згоди и незгоди кои ги носи со себе училишниот ден. Времето поминато на училиште за децата не значи само образовен процес, учење и совладување на предметите предвидени за нивната возраст, туку претставува време за градење многу вештини кои се осознаваат директно само кога ќе се измешаш со сличните и различните. Училишниот живот си има своја посебна и многу специфична динамика и би било убаво доколку успееме да им овозможиме на децата да се вратат во училишните клупи барем и на кратко и со одредени протоколи кои ќе помогнат во обезбедување на каква-таква безбедност.
Како и пред година и половина, така и сега, јас сум силно уверена дека е неопходно, сѐ додека сме под закана на нови мутации и бранови на ширење на вирусот, децата да следат т.н. хибриден модел на образование кој беше спроведен во некои земји и кој се покажа како прифатлива алтернатива со оглед на сите предизвици и ограничувања. Дополнително, верувам дека во новата учебна година ќе влеземе уште побезбедни од претходно земајќи ги предвид вакцинираните наставници и членови на семејствата.
Како да ги подготвиме децата за уште една нова „вонредна“ учебна година?
Земајќи предвид дека надлежните веќе најавија 3 можни сценарија, веројатно до пред самиот старт на учебната година нема да имаме можност ништо да планираме. Сепак, можеме да се потпреме на досегашните искуства во кои најмалите, оние до 10-годишна возраст, и особено првачињата имаа можност да ги запознаат своите учителки и своите нови другарчиња и да следат настава во училишните клупи. Изминатиот период, исто така, ни покажа дека децата многу побрзо и полесно можат да ги совладаат дигиталните алатки и уредите кои беа ставени во функција на наставата. Тоа значи дека за учениците ќе биде многу полесно и поедноставно да се адаптираат на комбиниран пристап на настава, при што би имале настава и со физичко присуство и онлајн како и до сега.
Клучно е да ја градиме вештината за приспособливост уште од најмали нозе кај децата. Исправени пред сите предизвици, важно е децата да сфатат дека секоја состојба и ситуација е менлива, па ако сакате и минлива, и токму затоа е неопходно да ја градиме жилавоста, отпорноста и приспособливоста кај децата, вештина која како ќе растат ќе им биде сѐ покорисна и попотребна, особено кога ќе го напуштат семејниот дом.
Нужно е да им посочиме на децата дека очигледно растат и ќе растат во едно многу уникатно време од човековата историја и дека само со голема доза на приспособливост ќе може да ги надминат сегашните ограничувања и предизвици.
Што поточно значи приспособливост? Тоа значи да се прифати ситуацијата, новонастанатата состојба, ненедејната и ненајавена промена и да се продолжи понатаму. Колку подобро тоа вие го правите, толку и на децата ќе им биде полесно да го „копираат“ тоа од вас, бидејќи тие учат најдобро од примерите на однесување со кои се опкружени. Затоа, бидете отворени и приспособливи кон промените, особено во поглед на новата учебна година.
Разговарајте отворено и искрено со децата. Тие разбираат и повеќе од што можете да замислите. Прашајте ги за нивните стравови во поглед на ситуацијата и слушнете ги нивните сфаќања. Задолжително советувајте се со психолог доколку процените дека стравовите се сериозна закана за менталното здравје на детето (ако немате финансиска можност да платите психолошко советување, секогаш можете да стапите во контакт со училишниот психолог, кој, секако, ќе може да поразговара со вашето дете). Имајте на ум дека не сте сами, вашите стравови и загриженост за здравјето на децата се дел од „професијата родител“ и затоа најдоброто што можете да направите е внимателно да ги слушнете потребите на вашите деца. Некои деца си се сосема доволни сами на себе, додека, пак, други имаат потреба да бидат активни, да другаруваат, да спортуваат. За едните, пандемијата и ограничувањата кои следуваа како последица претставуваа вистинска благосостојба, додека за другите, пак,вистинска казна. Токму од овие причини, вашиот разговор со децата во кој тие гласно, без никакво осудување, ќе можат да си ги искажат своите внатрешни потреби и сфаќања во поглед на новата учебна година ќе ви помогне полесно да се приспособите на состојбата и ситуацијата која веројатно ќе биде многу променлива и ќе бара многу брзи и ненајавени приспособувања и адаптирања. Најважно е и децата да го знаат и да бидат информирани за фактот дека и новата учебна година ќе носи голема неизвесност, и дека од нив ќе биде потребна постојана соработка за полесно и побрзо адаптирање и приспособување. Иако ние возрасните имаме обврска да ги штитиме децата и нашето животно искуство ни дава за право да одлучуваме што е добро а што лошо за нив, сепак, моето искуство како родител, професор и тренер и воедно советник за развој на кариера ми дава за право да констатирам дека децата треба да имаат право и можност да ги искажат своите ставови и мислења, а ние возрасните да бидеме доволно отворени да ги слушнеме и прифатиме. Каква и да биде новата учебна година, најважно е да го зачуваме физичкото и менталното здравје. И како што една прекрасна приказна вели: „И ова ќе помине“.
За детално читање на овој текст, погледнете на 22-23 стр. во електронското издание на BETTY магазин (АВГУСТ 2021).