Дамјан Николовски
претседател на Здружение за дислексија Ајнштајн
|
Сигурно секој од нас некогаш во животот се соочувал или се сретнал со некој кој имал потешкотии во учењето. Генерално во нашето општество на ваквите проблеми не им се придава големо значење и најчесто ваквите проблеми кај учениците се третираат како мрзеливост, недоволно вложување труд, ниска интелигенција или, пак, се препишуваат на недоволна мотивираност. Всушност, се работи за еден покомплексен проблем, наречен специфични состојби кои предизвикуваат потешкотии во учењето, а најчести од нив се дислексија, диспраксија, дискалкулија и дисграфија.
Сега би опфатил две од овие состојби, односно дислексијата, како најчеста потешкотија во учењето, и диспраксијата, која од сите погоре наведени состојби е најретка.
Дислексијата во нашата држава веќе и не е толку непознат термин. Голем дел од граѓаните веројатно некаде го слушнале овој поим и имаат некаква асоцијација за оваа состојба. Дислексијата, всушност, претставува проблем или состојба за којшто се води долгогодишна дебата, и се создадени многу дефиниции за неа во последните неколку децении. Класичната дефиниција е предложена од Светската федерација на невролози во 1968 година, која гласи: „Дислексијата претставува нарушување од конституциско потекло, кое се карактеризира со потешкотии во учењето, читањето и пишувањето, и покрај дадените адекватни образовни инструкции и присуство на нормална интелигенција и нормално социо-културно опкружување.“ Оваа дефиниција се заснова на критериумот за нееднаквоста меѓу вештините за читање и генералните когнитивни способности, односно интелигенцијата. Во оваа дефиниција важно обележје за потешкотиите во учењето е достигнатото ниво на читање, кое е на значително пониско ниво во однос на возраста на личноста. Потешкотиите во читањето и учењето значајно влијаат врз академскиот успех на учениците и секојдневните активности кои бараат читање. Кај личност што има потешкотии во учењето гласното читање се карактеризира со искривување, замена и искривување или испуштање букви, како и бавност и грешки во разбирањето на тоа што се чита. Дефиницијата на Светската федерација на невролози во денешно време се смета за застарена, со оглед на фактот дека е предложена во 1968 година.
Наједноставно кажано, дислексијата е состојба при која мозокот различно ги процесира пишаниот или говорениот јазик и создава потешкотии во читањето, пишувањето и генерално во учењето.
Оваа состојба е навистина честа не само во светски рамки, туку и во нашата држава. Според истражувањето на Здружението за дислексија Ајнштајн на примерок од 2.700 средношколци се докажа дека 12,6 % од испитаните ученици се соочуваат со дислексија, за разлика од светските статистики каде што е застапена кај 10 – 20 % од населението во зависност од јазичното говорно подрачје. Мора да напоменеме дека дислексијата не е болест, туку состојба која апсолутно не зависи од нивото на интелигенција кај една индивидуа. Токму напротив, лицата со дислексија во најголем дел од случаите се лица со натпросечна интелигенција, а доказ за тоа се сите оние светски познати лица кои се соочувале или се соочуваат со дислексија како: Алберт Ајнштајн, Стив Џобс, Ричард Бренсон, Џенифер Анистон, како и многу други личности кои го промениле светот во кој живееме само поради дислексичниот начин на размислување.
За жал, иако можеби терминот дислексија веќе е познат, сè уште најголем дел од лицата кои се соочуваат со оваа состојба се непрепознаени од страна на родителите, своите блиски или наставниците. Најлесниот начин за да ги препознаваме лицата со дислексија е доколку ги утврдиме нивните најчести заеднички карактеристики. Лицата со дислексија ќе покажуваат барем 10 од следниве карактеристики и однесувања. Овие карактеристики може да се разликуваат од ден во ден или од минута до минута. Постојано нешто за дислексичарите е нивната непостојаност. Важно е да се нагласи дека секој дислексичар ќе поседува различни карактеристики, токму затоа и најчесто се вели дека не можат да се најдат двајца исти дислексичари.
Општи карактеристики:
- При читање или пишување се појавуваат: повторувања, дополнувања, преместувања, испуштање букви или броеви, заменување една буква со друга, превртување букви, бројки и/или зборови;
- Изгледаат бистри, високоинтелигентни и артикулирани, но не можат да читаат, да пишуваат, или да читаат и пишуваат несоодветно за возраста;
- Етикетирани се како мрзливи, незаинтересирани, безгрижни, незрели, „не се труди доволно“, „има проблематично однесување“;
- Имаат висок IQ, кој најчесто не може да се покаже на тестови;
- Се чувствуваат безвредни и глупави и имаат слаба самодоверба; ги кријат или ги прикриваат слабостите со генијални стратегии, поради што нивните тешкотии ретко кој може да ги забележи;
- Лесно се нервираат и емотивно реагираат во училиштето при читање или тестирање;
- Талентирани се во уметност, драма, музика, спорт, механика, раскажување, продажба, бизнис, проектирање, изградба или инженеринг;
- Најдобро учат преку активности во кои се вклучени со своето дејствување, демонстрации, експериментирање, набљудување и визуелни помагала.
- Збунети се од букви, броеви, зборови, секвенци или усно објаснување;
- Се жалат дека имаат чувство на движење, кое не постои за време на читањето, пишувањето или препишувањето;
- Поседуваат силна свесност за опкружувањето и силна моќ за перцепција – забележуваат сè околу себе;
- Читаат и препрочитуваат со малку разбирање.
Ова беше најкраток и наједноставен осврт на дислексијата како најчеста потешкотија во учењето, а сега да приминеме на т.н. „најретка“ потешкотија во учењето, иако како состојба и не толку се одразува на учењето колку на секојдневното функционирање на индивидуата, а тоа е диспраксијата. Диспраксијата не е знак на мускулна слабост или ниска интелигенција, иако многумина тоа го мислат. Тоа е специфична состојба на мозокот која го отежнува планирањето и координирањето на физичкото движење. Лицата со диспраксија имаат тешкотија да одржуваат рамнотежа и тешкотија да одржат правилно држење на телото. За опкружувањето тие изгледаат несмасни или „несинхронизирани“. За диспраксијата често може да се сретне и изразот „неспретна дислексија“.
Инаку, за диспраксија може да се сретнат многу имиња: нарушување на координацијата во развојот, потешкотии во учење моторички вештини, тешкотии во моторичкото планирање или апраксија на говорот. Диспраксијата може да влијае на развојот на груби моторички вештини како одење, трчање или скокање. Таа, исто така, може да влијае на фини моторни вештини. Тие вклучуваат работи како што се движењата со дланките и прстите кои се потребни за јасно да се пишуваат јазичните симболи, односно букви, броеви и други симболи кои се употребуваат во пишаниот јазик. Може да бидат погодени и вештините за движењата на устата и јазикот потребни за правилно изговарање на зборовите.
Диспраксијата може да влијае и врз социјалните вештини. На помала возраст лицата со диспраксија може да се однесуваат незрело, иако тие обично имаат просечна или натпросечна интелигенција. Децата не ја надминуваат диспраксијата. Професионалната терапија, терапија со спорт и физички вежби, говорна терапија и други алатки и стратегии можат да помогнат за подобрување на состојбата. Со споменатите терапии лицата со диспраксија можат да ги олеснат своите тешкотии и да се надградуваат во областите кои ги интересираат.
За детално читање на овој текст, погледнете на 16-17 стр. во електронското издание на BETTY магазин (АВГУСТ 2021).