|
Ајде на шопинг |
Еден од начините со коишто ќе успеете да се мотивирате за да се вратите назад на вежбањето е купувањето нова опрема. Ова е одличен период од годината кога ќе може да ги искористите пост-новогодишните попусти и да се освежите со нов пар на спортски патики или пак некое друго парче спортска опрема. Нема да верувате колку може новото парче облека да влијае мотивирачки за да се вратите назад во колосек.
Реална цел |
Најчесто после празничните гозби и новогодишните прослави имаме грижа на совест кога ќе помислиме на храната, која ја внесувавме во големи количини и нездравиот начин на живот кој го практикуваме во овој период од годината. Сето тоа оставете го зад себе и поставете си реална цел која ќе сакате да ја постигнете во првиот месец од годината. Новите почетоци се секогаш убави, па дури и во теретана. Не мора да веднаш да симнете многу килограми, важно е да се вратите на здравиот и спортскиот начин на живот. Запомнете дека мотивацијата е минлива, она што треба да го постигнете е рутината со која ќе целите остварливи резултати.
Зошто? |
Важно е да знаете зошто си го правите ова на себе. Уште поважно е да се запрашате, што е она што ве спречува. Спортот не е мода која треба да ја следите по секоја цена. Доколку сте направиле пауза со вежбањето, потсетете се како се чувствувавте после секое вежбање. Ако сте од оние кои сакаат да започнат, но никогаш немале доволно мотивација, можеби сега е време да се посветите на самите себеси и да знаете дека секоја минута која ќе ја вложите за доброто на вашето тело, во иднина ќе се отслика на вашата здравствена состојба.
Вежбање со друштво |
За повеќето од нас, мотивацијата се дуплира доколку имаме партнер со кој што можеме да одиме во теретана. Доколку горенаведените причини не се доволно моќни за да ве вратат во теретана, прашајте некој од вашите блиски пријатели дали би сакале да ве придружуваат за вежбање. Покрај тоа што ќе го поттикнете чувството на одговорност кон себе, ќе почувствувате одговорност и кон личноста со којашто ќе одите да вежбате. Во деновите кога нема да имате доволно желба за тоа, ќе има кој да ве мотивира – и обратно. Среќата се зголемува, додека болката се намалува со споделување. Забавувајте се, вежбајте и дружете се во пар.
Без притисок |
Теретаната не треба да ја доживувате како место во кое го казнувате вашето тело. Во денови кога желбата за вежбање ќе биде недоволна за да го сторите тоа, не вршете си притисок. Тоа нека бидат деновите кога ќе ги правите најлесните вежби за вас. Дури и половина час потрошен на кардио вежби ќе биде доволен за да го почувствувате олеснувањето во вашиот организам. Ништо не е лесно и не се постигнува преку ноќ, затоа постојано потсетувајте се дека мора нешто да дадете, за да добиете нешто за возврат.
Не фрлајте пари |
Секако дека парите не можат да ви купат мотивација, но доколку платите месечна членарина, тоа ќе бидат однапред уплатени пари за вежбање и со секој пропуштен тренинг вие всушност бесцелно ќе фрлате пари.
Нешто ново |
Секој тренинг надополнете го со некоја нова вежба, која не сте ја практикувале претходно. Покрај тоа што ќе придонесете во поправилното оформување на вашето тело, со тек на времето ќе видите како на почеток аматерски започнатата вежба, ја усовршувате и постигнувате видливи резултати. Новитетите најчесто ја зголемуваат возбудата, додека таа создава зависност или пак навика. Вратете ја забавата во физичката активност и отворете ги своите врати кон нови предизвици.
За детално читање на овој текст, погледнете на 29 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈАНУАРИ 2020).