Фармацевти
Контакт

<< Назад

Како да се превенира и да се менаџира дебелината?

декември 1, 2021

д-р Танер Хасан
супспецијалист ендокринолог
Оддел за ендокринологија
ЈЗУ Општа болница „8 Септември“, Скопје

|



Дебелината (обезност) се дефинира како хронична, прогресивна и повторлива болест со мултифакторијално потекло. Оваа болест е проследена со зголемување на телесните масти и пореметување во функцијата на масното ткиво што доведува до нарушени метаболистички, биохемиски и психосоциолошки исходи.

Според Светската здравствена организација (СЗО), дебелината е прифатена како болест. Дебелината во поново време зазема епидемиски размери во целиот свет. За утврдување на  дебелината се користи индексот на телесна маса (ИТМ), кој се утврдува како количник од телесната тежина и висината во метри на квадрат (кг/м2). Според овој индекс лицата се класифицираат во следниве групи: лица со Нормален ИТМ18,5 – 24,9;  Прекумерна телесна маса ИТМ 25,0 – 29,9;  Прва класа на дебелина со ИТМ 30,0 – 34,9;  Втора класа на дебелина со ИТМ 35,0 – 39,9 и Трета класа на дебелина со ИТМ еднакво или над 40 кг/м2.

Главната причина за појава на дебелина  е нерамнотежа помеѓу консумираните и истрошените калории. Оваа нерамнотежа  се предизвикува преку консумирање  висококалорична храна богата со масти и прости шеќери, намалена физичка активност, седечки животен стил и урбанизацијата. Доколку се води сметка за  намалување или отстранување на овие причини, тогаш  дебелината може да се превенира. Дебелината е асоцирана со повеќе од 200 здравствени проблеми, меѓу кои  заболувањата на срцето и крвните садови, дијабетесот, хроничните опструктивни белодробни заболувања, карциномите, гинеколошките, мускулоскелетните и психијатриските болести. Како последица на овие здравствени компликации кај луѓето се зголемува вкупната смртност. Исто така, овие здравствени компликации предизвикуваат големи директни трошоци и  индиректни трошоци кои доаѓаат до израз преку намалување на квалитетот на живеење и работната способност и продуктивност.

Дебелината треба да се лекува. При лекување на дебелината  целта треба да биде намалување на 5 до 15 % од вкупната телесна тежина. За остварување на оваа цел најадекватен начин на исхрана е медитеранската исхрана. Оваа исхрана може да биде приспособена во порција на храна што се наоѓа во една чинија. Чинијата се дели на три дела од кои едната половина треба да содржи зеленчук, една четвртина треба да содржи протеини од животинско или растително потекло и последната четвртина треба да содржи комплексни шеќери, вклучувајќи житни растенија и цереалии. Ова треба да биде пример за правилна исхрана. Во случај кога менувањето на животниот стил и начинот на исхрана  не ги задоволува претходно поставените цели следува  терапија со лекови или баријатриската хирургија.  Терапијата со лекови може да се аплицира во вид на поткожна инјекција еднаш дневно или еднаш неделно или преку орални таблети. Лековите покрај директните ефекти врз намалување на апетитот и телесната тежина имаат и индиректни позитивни ефекти на срцето и крвните садови, метаболизмот и психосоциолошки ефекти.  Терапијата со лекови овозможува одржување на загубата  на тежина што е од особено значење. Еден од главните проблеми после губење на тежината е тенденцијата на телото да ја врати изгубената тежина. Терапијата со лекови веќе е во употреба и во нашата земја. Лицата со дебелина треба да се консултираат со својот лекар околу можностите за терапија на дебелината. Доколку конвенционалната терапија е неуспешна, како последна опција може да се користи баријатриската хирургија. Баријатриската хирургија подразбира оперативен зафат на желудникот со цел намалување на внесот на храна. Оваа терапевтска метода најчесто се користи кај морбидно дебелите луѓе чиј ИТМ е над 40 кг/м2 или чиј ИТМ е еднаков или над 35кг/м2, меѓутоа со една или повеќе придружни здравствени состојби.

Може да се каже дека дебелината покрај сите сериозни директни и индиректни компликации, сепак, претставува превентабилна болест која може  да се лекува. Лекувањето на дебелината не треба да биде занемарено, бидејќи дебелината,  пред сè,  е сериозен здравствен проблем, а дури потоа евентуален естетски проблем.

За детално читање на овој текст, погледнете на 16 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ДЕКЕМВРИ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>