Пишува: Др. Маја Иванова Цеков - Спец. офталмолог - European Eye Hospital
ШТО Е ДИЈАБЕТЕС?
Дијабетес мелитус или народски „покачен шеќер во крвта" е заболување каде е нарушен метаболизмот на гликозата и поради тоа таа е покачена во крвта. Постојат два типа: тип 1, инсулин зависен, кој се јавува кај помлади и тип 2, кој се јавува кај повозрасната популација.
Во последните години поради начинот на живот, стресните околности во секојдневието, брзиот начин на живот и лошата исхрана, за жал, инциденцата на дијабетесот е значително зголемена.
Според СЗО, дијабетесот е главна причина за слепило, слабост на бубрезите, срцеви и мозочни инфаркти и многу други компликации.
Од нашата офталмолошка практика, околу една десетина од пациентите кои доаѓаат во амбуланта се со дијабетес, а од нив околу половина имаат промени на очното дно.
КАКО ВЛИЈАЕ ВРЗ ОЧИТЕ?
Покачената гликемија во крвта влијае на целокупната циркулација, а со тоа и на крвните садови во окото. Дел поради зголемената пропустливост, дел поради одредени воспалителни фактори, настанува истекување на течност од крвните садови во ретината (нервниот слој на окото), а доколку тоа истекување е во точката за јасен вид предизвикува значително намалување на видот.
ДАЛИ ЌЕ ИМАМ НАМАЛУВАЊЕ НА ВИДОТ ДОКОЛКУ ИМАМ ПРОМЕНИ?
Не секогаш има намалување на видот и тоа е лошо, поради тоа што пациентите не забележуваат никаква разлика во видот и не се јавуваат на лекар.
Кај овие пациенти промените почнуваат подалеку од точката за јасен вид, а се во вид на крварења на ретината, лоша циркулација на малите крвни садови, таложење на материи (ексудати) или создавање нови крвни садови кои лесно можат да „искрварат" во окото. Кај овој тип ретинопатија, видот се намалува кога веќе се настанати напреднати промени и кога има крварење во стаклестото тело на окото.
КОИ ДРУГИ ПРОМЕНИ ГИ ДАВА НА ОКОТО?
Освен промени на ретината, високата гликемија може да доведе до заматување на леќата - катаракта (перде) или понекогаш да ја менува диоптријата на окото, поради промена во осмотскиот притисок на леќата.
Како и да е, оваа подмолна болест знае значително да влијае на окото и видот и доколку не се интервенира навремено, може да доведе до целосно губење на видот.
ШТО МОЖЕ ДА СЕ НАПРАВИ?
Потребна е строга регулација на гликемијата. Најпрвин е потребна промена на начинот на живот, со физичка активност и здрава исхрана, а потоа проценка според ендокринологот, таблетарна или инсулинска терапија. Во однос на очите, сите новоткриени дијабетичари треба веднаш да направат преглед кај офталмолог, а понатаму тој ќе направи проценка со која динамика ќе бидат следните контроли.
За детално читање на овој текст, погледнете на 14-15 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Март 2024).