Фармацевти
Контакт

<< Назад

Како треба да се храниме пред патување?

август 1, 2021

Емилија Спасовска Мојсовска
магистер по нутриционизам

|

август 2021

Откријте како да го подготвиме нашиот организам пред патување и менување на временски зони.

Кој вид на храна се препорачува да се консумира пред патување? Како да се подготвиме пред патување до блиски и далечни дестинации, без ризик од тегоби и инфекции?

Покрај тоа штo за многумина патувањето претставува задоволство, многу често може да биде исцрпувaчко, стресно и напорно. Од тие причини е потребно  добро да го подготвиме организмот, односно да направиме правилен избор на храна и да ги распределиме оброците во соодветно време пред патувањето.

Подготовката е потребно  да започнеме да ја правиме 24 часа пред патувањето. Во овој период е потребно  од исхраната да се елиминираат намирниците кои предизвикуваат потешкотии при патувањето и да бидат заменети со храна соодветно распределена во три главни оброци која ќе ги обезбеди сите неопходни нутриенти.

Предлог за идеален оброк пред патување е свежа салата со парче бело месо, свежо овошје, супа од зеленчук.

Во текот на патувањето  моторната активност е намалена и е забавена  работата на дигестивниот тракт, физичката активност е сведена на минимум, па затоа и за време на патувањето е потребно  да се внимава на изборот на храна, количината на храна и составот, оброците треба да бидат умерени и да не предизвикуваат непријатности. Најдобро е да се консумираат намирници кои содржат лесно сварливи протеини и диететски влакна и да се одбегнуваат сите намирници кои предизвикуваат мачнини и тегоби. Идеална храна при патување е зеленчукот, кој со добра комбинација може да ви овозможи одличен вкусен и здрав оброк.

Овошките се одличен избор, но е потребна  внимателност при изборот, неколку овошја кои би ги издвоила како препорака се: дињата  и лубеницата, кајсиите, праските, секако,  малините, црешите, вишните.

Како неизбежен дел од патувањето секогаш се т.н. грицки кои е најдобро  да бидат комбинација од суво овошје и јатки, кои треба да се консумираат умерено во ограничени количини и во определен период – пред или по главните оброци.

Белиот леб кој се користи во подготовка на сендвичи најдобро е да биде заменет со интегрален леб во комбинација со млечен намаз и краставица.

Многу често при патување вниманието  повеќе е насочено кон храната и потребата да биде задоволено чувството за глад, но хидрирањето е од особено значење, особено поради фактот што дехидрирањето може да доведе до последици. За правилно хидрирање при патувањето е потребно  внимателно да се избираат намирниците, односно храната и течностите  и  да бидеме внимателни во начинот на  нивно консумирање.

Погрешниот избор на пијалаци кои ја зголемуваат потребата за течност може да го дехидрира  огранизмот, па затоа најдобро е да се избегнуваат пијалаците кои во составот содржат шеќери или кофеин и да се заменат со пијалаци кои не се обоени и немаат додатоци. Секогаш прв избор од напитоци кои го хидрираат телото е водата, за разлика од соковите кои ја зголемуваат жедта и потребата за хидратација. Идеален напиток за хидрирање е кокосова вода, поради натриумот и калиумот кои се дел од нејзиниот состав.

Храната со висока содржина на вода како бобинки, ананас, краставици и лубеница е идеална за лесна хидратација, особено кога е правилно искомбинирана во оброк богат со вода како овесна каша со чија семе.

Како да го вратиме организмот во форма откако ќе стигнеме на дестинација која е во друга временска зона од нашата, со временска разлика поголема од 3 до 4 часа, поради што целиот биоритам ни се изместува?

 Менувањето на временска зона влијае и на биоритамот на нашето тело. Оваа промена дејствува  на претходно нормално функционирање и нормалниот ритам. За одржување на константниот ритам и останување во форма најдобро е да се запази редот на оброците, со три оброци во време соодветно на зоната во која се наоѓаме. Појадокот е важен оброк кој го обновува нивото на енергија по ноќта, по намаленото внесување  енергија во текот на спиењето. Исто така, овозможува неопходни нутриенти кои помагаат во многу витални функции. Доколку денот го започнете со добар појадок,  ќе бидете енергетски подготвени во текот на целиот ден, без разлика во која временска зона се наоѓате или сте биле.

Промената на временската зона влијае и на сонот, а храната е таа која може да дејствува  и на добриот сон, затоа одбегнувајте прејадување пред да заспиете, јадете лесно сварлива храна за која сте сигурни дека нема да ви предизвика потешкотии или несоница.

За детално читање на овој текст, погледнете на 6-7 стр. во електронското издание на BETTY магазин (АВГУСТ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>