Фармацевти
Контакт

<< Назад

Клучни совети при донесување одлука за кариера

јули 1, 2021

Катерина Златановска Попова
Сертифициран советник
за развој на кариера

|

јули2021

Сигурно досега вие или некој ваш близок сте се сретнале со потешкотија во изборот на кариера и, во помала или поголема форма, одлуката која сте ја донеле се базирала на вашите верувања и ставови или мислењето на вашите блиски, заедницата, околината. Без разлика дали сте

таканаречен реалист, непоправлив оптимист или едноставно верувате дека едни имаат повеќе среќа од други, ви препорачувам да ги прочитате следниве 5 вообичаени „пречки“ при донесување одлука за кариера и она што е најважно, да се обидете да се ослободите од ограничувачките верувања. Бидејќи, ако се водиме од изреката „внимавај што посакуваш“, исклучително е важно какви се вашите мисли и ставови во поглед на кариерата.

Предлагам да ги разгледаме оние со кои најчесто се сретнувам при разговорите со клиентите, и воедно да ви овозможам и малку поинаков поглед за секој поединечно.

  1. Имам веќе 40 години, стар/а сум да барам нова работа!


Би сакала да нагласам уште на самиот почеток дека кога станува збор за годините  не постои такво нешто како што е вистинска или погрешна возраст да се смени работа, професија или да се отпочне нова кариера во сосема друга област. Секако дека за одредени професии годишната граница може да претставува пречка, но никако не значи дека доколку имате над 40 години не постои шанса да најдете работа или да смените професија.

Она што е најважно е како вие гледате на својата кариера, дали воопшто размислувате за промена или, пак, претпочитате да останете во безбедната зона?

Некогаш случувањата, животот, ситуациите нѐ втурнуваат во насока кога сме принудени  да направиме нов избор, да бараме нова работа. Некогаш тоа е свесна одлука да отпочнеме нова фаза во животот.

Која и да е причината зошто размислувате за промена на професијата или работата на која било  возраст клучно е да си го поставите првото прашање: Сакам да отпочнам сопствен бизнис или,  пак, сакам да барам вработување некаде? Во зависност од вашиот одговор пристапот и стратегијата ќе бидат сосема различни за реализација на вашата цел.

Познавам и сведочам на безброј примери каде токму по долгогодишно искуство работејќи за некоја компанија луѓето се одлучуваат да отпочнат сопствен бизнис, да основаат своја компанија, да реализираат некоја своја животна желба.

Од друга страна, компаниите се заинтересирани за работливи луѓе со вистински ставови кон новите пристапи и начини на работење и особено за луѓе кои ќе бидат долгорочно посветени и заинтересирани да останат во компанијата. Она што ја прави разликата е стекнатото искуство, научените вештини и знаењето кое низ годините сте го насобрале и сѐ почесто работодавачите покрај младите се заинтересирани да вработат и искусни работници. Дури постојат и компании чија стратегија за привлекување  квалитетни, обучени кадри се темели на вработување луѓе кои се во годините пред пензионирање нудејќи им посебни бенефиции и пакети за пензионирање доколку долгорочно останат во компанијата. Затоа, доколку поседувате квалитети како желба за работа, интерес постојано да учите нешто ново, можете да се приспособите  на новиот тим и новата работна средина, имате стекнато вештини и знаења кои се потребни некому, тогаш немате потреба да се грижите за вашата возраст.

  1. Ах, кога не мислев на време да го завршам факултетот!


За жал, кај нас сѐ уште се верува дека факултетската диплома, титулата и формалното образование носат предност при вработувањето и напредувањето. И ова, најодговорно ви тврдам, е мит од кој треба да се ослободите што поскоро!

Времето поминато на факултет секако ви носи одредени знаења, искуства, мрежа на контакти и прилики, но, секако, не е предуслов за успех во кариерата или за вработување. Она што е многу поважно е да не престанете да се усовршувате, да учите нови вештини, да посетувате курсеви кои се дел од неформалното образование. Значи мојот совет е: Не трошете си ја енергијата жалејќи што не сте завршиле факултет, вложете го тоа време и сила учејќи постојано нешто ново, усовршувајте се и направете го учењето дел од вашето секојдневие! Формалното образование сѐ потешко држи чекор со потребите на динамичниот, променлив свет на бизнисот и многу водечки светски компании сè почесто при вработувањето на новите кадри прашуваат што знаеш да правиш, што знаеш да работиш, какви специфични вештини поседуваш со кои ќе донесеш вредност во тимот и компанијата, а многу помалку се интересираат за факултетска диплома. Овој тренд се шири многу брзо и верувам дека и кај нас вредноста на работникот ќе се цени според компетенциите кои ги поседува, а не според дипломата.

  1. Доцна ми е сега допрва да учам странски јазик!


Зошто мислите така? Кој е тој што одредува? Како што споменав погоре, учењето треба да стане ваша доживотна мисија. Колку побрзо го смените ставот од „сега ми е доцна“ во „ова е вистинското време за мене“ ќе ја почувствувате моќта на универзумот и на можностите кои доаѓаат со отворање на умот кон нови искуства, нови знаења и нови вештини. Надминувајќи ги сопствените ограничувачки мисли ја градите својата самодоверба, својата самопочит, но истовремено си отворате врати за нови поголеми можности поврзани со вашата кариера и напредок. Па затоа, пред да си кажете себеси: не можам сега допрва да учам, помислете си што би било поинаку, и што е тоа што можете да го добиете ако одлучите да го смените својот став и да почнете да учите нови вештини кои ги бара новото време?

  1. Криза е, нема работа, сите отпуштаат работници!


За некои кризата значи шанса, за други загуба.

Претприемачите ќе ви речат дека најдобрите времиња се времињата кога е криза. Кризите за некого значат нов почеток, нови можности, нови пазари, нови потреби, кои, пак, значат нови прилики за бизнис.

За жал, за други, пак, значат загуба, целосно пропаѓање на бизнисот, губење на работното место...

Клучна е вашата способност и вештина да се приспособите на ситуацијата и состојбата. Оние кои најбрзо ќе се адаптираат и приспособат, оние кои ќе ја погледнат кризата од агол на можност за стекнување со нова вештина, знаење, отворање  нов сектор во бизнисот или, пак, нов пазар, тие ќе излезат како добитници и во тешките услови за работа.

И додека одредени бизниси поради намалениот обем на работа ги отпуштаат своите вработени, други имаат потреба од повеќе работници. Затоа, не паѓајте во очај туку работете на градење на вашата жилавост, вештина која ќе ви помогне да се приспособите на моменталната животна ситуација и погледнете околу себе каде можете да побарате нова работа, што би можеле да научите или во што да се доусовршите и специјализирате, која индустрија има зголемена потреба и каде вие со вашите вештини и знаења можете да се понудите.

  1. Не одам да работам за 200 евра плата!


Платата, како и сите останати услови за работа се дел од договорот помеѓу работникот и работодавачот. Тоа подразбира, како и при секој договор, дека двете страни имаат подеднакво право да ги прифатат или да ги одбијат условите, вклучително и за висината на платата. Економските услови, понудата и побарувачката на пазарот на трудот, стручноста и специфичноста на бараната професија директно влијаат на платите кои ги нудат работодавачите во различни индустрии. Она што сакам да го подвлечам е дека не мора да ја прифатите работата доколку не ви одговара платата! За жал, кај нас, особено во некои области на приватниот сектор, платите се под сите стандарди и не овозможуваат покривање на основните животни потреби. Сепак, постојат одредени професии кои не се поврзани со ИТ индустријата (во која платите се исклучително високи за наши услови), и се „на цена“ (најчесто ставува збор за висококвалификувани работници како водоинсталатери, електричари, монтери, столари, кувари/ки, негуватели/ки...листата е многу долга).

Јас би сакала да ве поттикнам да погледнете поинаку на целата ситуација. Колку сте подготвени да платите за да научите нова професија или вештина? Колку сте подготвени да работите без надомест (плата или хонорар) ако за кратко време тоа ви овозможи да се стекнете со нова вештина, искуство или знаење кое е барано на пазарот на трудот, а вие сте имале прилика да го совладате работејќи директно во одреден период?

Конечно, ако фокусот зошто би избрале да ја работите одредена работа е само поради платата, веројатно никогаш нема да успеете да бидете среќни и задоволни. Ако успеете да научите занает или вештина која во иднина ќе ви донесе повеќе приходи? Ако најдете причина што ќе добиете и ќе можете да научите, па макар за тоа да бидете платени минимално во еден извесен период можеби вреди да размислите и да го прифатите договорот. Сигурно има голема вистина во народната мудрост која ја користеле нашите дедовци и баби, а на која сме подзаборавиле: „Џабе работи, џабе не седи!“

Секој од нас поинаку го толкува значењето на зборот кариера и различно го мери успехот, но она што важи за сите нас подеднакво е дали си создаваме ограничувања и се саботираме со нашите ставови и мисли, или, пак, сме од оние кои ќе се снајдат каде и да ги „фрли“ животот?

Силно ве охрабрувам да ги отфрлите предрасудите и да се посветите на можностите кои чекаат на вас за да го искористите секој ден и секоја прилика избирајќи кариера и успех скроени според вашите мерила.

За детално читање на овој текст, погледнете на 16-17 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈУЛИ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>