Фармацевти
Контакт

<< Назад

Коксаки (Coxsackie) Вирусни инфекции

февруари 1, 2022

спец. д-р Зорица Мартиноска Андонова
Ординација по општа и семејна медицина
ПЗУ Цитус

|

фев-2022

Што се коксаки (Coxsackie) вируси?

Коксаки вирусите се дел од вирусниот род наречен ентеровирус. Тие се едни од најмалите РНК-вируси што можат да предизвикаат разни заболувања кај луѓето, особено кај децата. Се разликуваат два типа на овој вирус:  тип А, кој по дејствување  е многу посилен, и тип Б, кој е послаб, но и потенцијално поопасен, бидејќи може да го нападне срцевиот мускул и да предизвика инфекција со долготрајни и тешки последици. Имено, инфекцијата со коксаки вирус тип А се нарекува уште и болест на стапалата, рацете и устата, иако може да предизвика и конјунктивитис. Од друга страна, типот Б најчесто предизвикува белодробни тегоби, треска, болки во стомакот и главоболки, а и двата вида понекогаш доведуваат до менингитис, миокардитис и перикардитис.

Начин на заразување со коксаки вирусите

Коксаки вирусните инфекции се пренесуваат главно преку фекално-орален пат, па затоа и се нарекува „болест на нечисти раце“, но може да се пренесат и со респираторните аеросоли (кивање, кашлање, назален секрет). Вирусите се излачуваат преку фецес  и се внесуваат орално (преку уста), односно преку нечисти раце кои не се добро измиени при случаен допир на фецес во кој ги има. Тоа најчесто се случува при менување пелени, чистење детски нокшири или тоалетни школки.

Симптоми

Периодот на инкубација, односно времето од инфекција до појава на првите симптоми е од 3 до 6 дена.

Првите знаци на инфекција со вирусот коксаки се следниве симптоми:

Симптомите траат два до три дена. Понекогаш малаксаноста, слабиот апетит и поспаноста се чувствуваат веќе за време на периодот на инкубација. По завршувањето на периодот на инкубација, на мукозната мембрана на устата се појавуваат мали црвени дамки. Наскоро, дамките се претвораат во плускавци, кои последователно улцерираат. Исто така, се појавува осип на дланките и стапалата. Токму поради оваа одлика вирусот коксаки го добил своето второ име: „болест на раце-нозе-уста“. Во некои случаи, осип може да се појави на задникот, стомакот и грбот. Плускавците чешаат интензивно, што предизвикува голема вознемиреност кај детето. Во некои случаи, заразените деца развиваат дисептичен синдром: се јавува повраќање и дијареја. Дијарејата може да биде до 10 пати на ден, но без патолошки подмножества (крв, гној или слуз).

Дијагноза на коксаки вирусните инфекции

Дијагнозата се базира на клиничката слика, која релативно е типична и карактеристична за ваков тип на инфекција. Но, во одредени случаи е потребна дополнителна лабораториска дијагностика со идентификација на самиот вирус и неговиот тип со т.н. PCR технологија. Со оваа дијагностика може да се докаже геномот на вирусот, специесот и неговиот суптип.

Третман и превенција на коксаки вирусните инфекции

Со оглед на тоа дека сè уште нема ниту вакцина ниту лек за оваа болест, најдобра е симптоматската терапија, односно соодветен третман на појавените симптоми. Во случај на покачена телесна температура, се препорачува употреба на антипиретици (парацетамол, ибупрофен). Исто така, потребно е и често испирање на усната шуплина, адекватен внес на течности за превенција на дехидратацијата, но и избегнување  кисели сокови кои можат да го потенцираат оралниот дискомфорт и болка.

Како да се заштитиме?

За да се заштитиме од коксаки, мора да се внимава на личната хигиена. Потребно е и да се прави дезинфекција на (потенцијално) контаминираните предмети и површини. Треба да се прави почесто проветрување на просториите, односно да се преземаат мерки исто како за кое било друго заболување што се пренесува по аеро-капков пат.

Лица или деца при кашлање или кивање задолжително треба да го покриваат лицето и да се изолираат од околината, односно да не бидат дел од колективот (градинка, училиште), бидејќи контагиозноста, т.е. заразноста на оваа болест е многу висока. Епидемиолошкото значење на болеста е во тоа што кај одреден број болни може да се развијат сериозни компликации како: менингитис, енцефалитис, миокардитис, перикардитис.

За детално читање на овој текст, погледнете на 8-9 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ФЕВРУАРИ 2022).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>