Фармацевти
Контакт

<< Назад

Контрола на мастите во организмот со природни препарати

јануари 1, 2022

Благоја Ставров
д-р по Општа медицина при
З.У. Студентска поликлиника на
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

|



Холестеролот е липид што се синтетизира во црниот дроб, но  го внесуваме и со исхраната. Тој е одговорен за обезбедување  интегритет на ѕидот на клетката, односно е составен дел од мембраните на сите клетки во ткивата и органите. Неопходен е за синтетизирање на витамин Д, а претставува дел и од хормоните за раст, развој и репродукција, како и дел од жолчните киселини кои се неопходни во варењето на храната.

Триглицеридите имаат улога да обезбедуваат енергија од храната  што ја внесуваме преку калории во вид на јаглехидрати, масти и протеини. Вишокот од овие калории што нема да го  искористи организмот се складира во форма на триглицериди. Тие се складираат во масните клетки во телото и се користат подоцна, при недостиг на храна.

Сè додека вредностите на овие фракции се во нормала, организмот функционира како што е потребно. Нормалните вредности се следните:

Тотален холестерол    5,2 ммол/л

ЛДЛ-холестерол      < 3,0 ммол/л

ХДЛ-холестерол       > 1,0 ммол/л

Триглицериди           < 1,7 ммол/л

Кога во организмот ќе се покачи „лошиот“ холестерол или ЛДЛ, како и вредностите на триглицеридите истовремено се зголемува и ризикот од коронарна срцева болест. Се зголемува и можноста за зголемување на артериски плаки кои можат да доведат до атеросклероза. Причините можат да бидат различни: контролирани и неконтролирани. Во првата група спаѓаат: исхрана, тежина и физичка активност, а во втората се: генетиката, полот и возраста. Добрата вест во оваа анализа на можни последици од покачени вредности на холестерол и триглицериди или дислипидемија е тоа што  може да се третира и со препарати кои се на природна основа. Веќе се достапни такви природни препарати кои се комбинација од црвен ориз и артичока и со кои има доста позитивен исход во третманот.

  1. Црвениот ориз изобилува со активни состојки монаколини кои се сметаат за природни статини. Од сите монаколини најактивен е Мonakolin K, кој го инхибира ензимот HMG-CoA редуктаза и на тој начин ја стопира синтезата на холестерол во црниот дроб. Monakolin K, исто така, е познат и под називот мевинолин или ловастатин. Monakolin K е клучен за делотворноста на црвениот ориз во смисла на намалување на вкупен холестерол, намалување на LDL холестерол и триглицеридите во крвта. Покрај монаколинот со процесот на ферментација се создаваат и растителни стероли, незаситени масни киселини, ензими за варење, витамини од Б-групата (ниацин) и други продукти, кои, исто така,  придонесуваат за дејствувањето  и ефикасноста на производот. Корисниот ефект се постигнува со дневен внес на 10 mg monakolin K од ферментиран црвен ориз. Благодарение на бројни студии кои ги документираат горенаведените дејства постои одобрено здравствено тврдење: „monakolin K од ферментиран црвен ориз придонесува за одржување на нормалното ниво на холестерол во крвта“.

  2. Артичоката во народната медицина од дамнешни времиња се користи со цел да се поттикне работата на црниот дроб, односно за лачење жолчка која ги преработува мастите што ги внесуваме со исхраната. Покрај тоа, извршени се бројни испитувања кои потврдуваат дека преработки од артичока  можат да влијаат на нивото на маснотиите и холестеролот во крвта.


Артичоката го намалува покачениот холестерол, на тој начин што го намалува  нивото на лошиот LDL холестерол  а го зголемува „добриот“ HDL холестерол. Ова е резултат на нејзиното холеретично дејство, односно преку зголемено лачење  жолчка, поради што црниот дроб е во состојба засилено да го претвора холестеролот во жолчни киселини. За разлика од статините, артичоката не ја намалува синтезата на холестерол, туку само ја зголемува неговата разградба. На овој начин организмот се справува со вишокот  холестерол,  а се намалува и нивото на триглицеридите.

Една ваква комбинација од природни состојки се препорачува да се користи заедно со промена на животниот стил (добра исхрана и вежбање) и за период од два месеца ги враќа вредностите на липидите во нормала.               За постигнување на подобра ефикасност, во текот на примената не треба да се консумираат алкохолни пијалаци. Не постојат податоци за безбедноста на овие состојки при бременост и доење, па треба да се избегнува примената во овие случаи.

За детално читање на овој текст, погледнете на 26-27 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈАНУАРИ 2022).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>