|
Лапонија
Земјата на зимските бајки
Лапонија, матичната земја на Дедо Мраз се наоѓа на северниот дел на светот, има свој јазик, култура и традиција. Мирното живеалиште на номадскиот народ Сами е голема туристичка атракција за љубителите на бајковитите бели пејсажи. Таа денес е административно поделена помеѓу две земји – северната провинција го носи името Лапонија, додека шведскиот дел го нарекуваат Лапланд.
Сведочењето на вистинска зимска бајка нема да ве остави рамнодушни во чудесната ледена земја со огромните замрзнати арктички тундри, густите шуми и непристапниот брег.
-----------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
Чудесната ледена земја на Аурора Боралис
За време на долгите ноќи можете да возите моторна санка низ снежната убавина, да го искусите нордиското традиционално скијање, да се приклучите на некоја од групите која е во потрага по Аурора Боралис – поларната светлина или пак да сведочите на традиционалниот начин на живеење на домородците.
Местото на тивките луѓе е одлична дестинација за да се искуси разновидната убавина на длабоката зима. Чувството како да сте дел од зимска бајка додека околу вас има ирваси, хаски, фински коњи, како и спиењето под стаклен кров како да сте на облаци е причина повеќе оваа дестинација да биде дел од вашиот список на места кои мора да ги посетите.
Сезоната за време на која може да се видат волшебните северни светла трае од август до април. Небото се бои неочекувано, веднаш по зајдисонцето и некогаш северните светла траат во текот на целата ноќ.
------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
Едно поинакво хотелско сместување...
Доколку сакате целосно да ја почувствувате магијата на зимското небо, разгледајте ги опциите за престој во некој од повеќето хотели кои нудат можност за спиење под стаклен кров. Спектакуларните дизајни на собите кои наликуваат на куполи овозможуваат нереално искуство што нема да ве остави рамнодушни. Се вели дека воведот во зимското уживање е пишан токму тука.
Левин Иглут е еден од хотелите кој нуди можност за спиење под стаклен кров. Се наоѓа на висина од 340 метри и е оддалечен само 10 километри од центарот Леви, еден од најпопуларните дестинации за одмор во Лапонија. Растојанието од населеното место го прави уживањето во ѕвезденото небо уште поголемо.
Преноќувањето во еден од стаклените соби е магично. Покрај неверојатниот поглед кој можете да го имате од креветот на кој што ќе спиете, хотелот нуди сместување во соби со надворешно џакузи и приватна тераса со поглед кон долината.
Што се всушност стаклените иглу хотели?
Можноста да се ужива во танцот на северните светла е примарната цел на овој тип хотели кои место стандарден, имаат стаклен кров и во зависност од буџетот со кој што можете да располагате, нудат различни услуги и активности. Моментално во Лапонија има приближно 30 хотели од овој тип.
3 причини поради кои што треба да ја посетите Лапонија;
- Финска сауна; дури и да не сте љубител, не може да одите во Финска и да не посетите сауна. Речиси секој хотел ја нуди можноста на топлото уживање… Локалците после сауната имаат навика да се тркалаат во снег за да може да се освежат. Дали и вие би биле доволно храбри?
- Сафари со хаски; една од поубавите активности за време на вашата посета е да се обидувате да ја намалите брзината на хаските кои трчаат како да сакаат да ја достигнат брзината на светлината. Ова е една од најпопуларните активности која речиси не можете да ја искусите на поавтентичен начин.
- Санкање со ирваси; доколку ова го правите по сафарито со хаските, може да ви изгледа здодевно, бидејќи ирвасите се прилично спори. Имајте на ум дека токму во тоа е уживањето – потпрете се и разгледувајте ги убавините на природата со која сте опкружени. Доколку патувате со своите деца, голема е можноста тие да заспијат за време на санкањето. Зарем не звучи прекрасно?
За детално читање на овој текст, погледнете на 30-31 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈАНУАРИ 2020).