Фармацевти
Контакт

<< Назад

Марија и Стефанија: Успехот во светски рамки е постигнат со голема поддршка!

мај 9, 2023



Betty: Како е да се биде балерина во Македонија, дали публиката знае да препознае што е квалитетен балет?
Марија: Да се биде УМЕТНИК, генерално, во Македонија е многу неблагодарно, за жал. Уметноста во Македоноја не се цени доволно, имаме врвни уметници што оставиле белег во светот, но во сопствената држава не им се оддава никакво признание за трудот, а тоа е жално. Нивото на уметникот по начинот на кои сме третирани е сè уште на многу ниско ниво.

Во врска со публиката и посетеноста, таа полека се враќа во театрите, ама сепак недоволно, сè уште балетот и културата воопшто не се на посакуваното ниво кога се интересот и посетеноста во прашање во споредба со светот, а дека македонската публика може да препознае квалитет, секако, квалитетот лесно се препознава на сцена.

Betty: Колку време е потребно во еден ден да се вежба за да се постигне посакуваниот резултат?
Марија: МНОГУ, ПРЕМНОГУ, многу повеќе од што публиката претпоставува. Балетот е многу тешка професија, многу комплексна и бара многу труд и посветеност, бара премногу откажувања и жртви и само најупорните успеваат. Цел живот се вежба за да се постигне посакуваниот резултат и, секако, мал број успеваат да го постигнат потребното ниво за балерина. Треба премногу љубов и амбиција, но, најбитно, како што викаат, треба да си допрен од бога, Стефи го има тоа, а јас, што е многу битно, успеав да го препознам навреме и да ја насочам правилно.

Стефанија: Буквално, по цел ден сум во сала и како што кажа мајка ми, откажувања премногу, јас од 14 години заминав за Русија сама, се откажав од тоа да бидам со фамилијата, што ми падна најтешко, време за излегување ниту сум имала ниту имам, денот ми почнува и му завршува во балетска сала. Да се спреми една нова прва улога, колку што е предизвик и возбуда, толку е и макотрпен процес, на кој се обрнува внимание на техниката, на кореографијата, но најмногу на приказната и на уметничкото доловување на секоја улога посебно и цел живот секоја улога се надградува, се довежбува и пак секогаш имаш чувство дека можеш и треба подобро. Тоа е еден процес што нема крај.

Betty: Колку ѝ влијаевте на Стефанија за да стане светска позната балерина, колку ѝ упатувате критики?
Марија: Веројатно среќа е и тоа што јас сум во истата професија со Стефи (но, со далеку помали амбиции) и работите ми се многу познати во смисла како и каде да ја насочам за да го постигне потребното ниво на една позната балерина во светски рамки.

Морам да признам дека поминавме многу тежок пат, со многу сопки, проблеми и од финансиски и од многу други аспекти, но, за среќа, сето тоа го надминавме и успеавме да го совладаме, што нè направи посилни (се тешевме со фактот дека секоја успешна приказна е тешка). За да може да влијаете и да насочувате, најпрвин многу битно е реално да ги препознате талентот и квалитетот на вашето дете. Ако не поседува талент и сè друго што го набројав погоре, колку и каде да ја насочувате - нема да има успех.

Што значи, да, ја насочував, ја насочувам, ѝ упатувам критики, разговараме и се советуваме на дневна база по неколкупати но, без тоа што таа го поседува како квалитет на човек, уметник, никогаш немаше да го достигне ова ниво на идна врвна светска балерина според „Форбс“.

Betty: Колку критиките од мама те доведоа до изворот на балетот?
Стефанија: Оваа моја приказна успешно се развива само затоа што мајка ми беше и е тука со мене за поддршка, насока, критики и совети секојдневно од првиот ден кога стапнав во театар и решив да бидам ова што сум денес - балерина.
Целиот живот ми е најголема поддршка, најверен фан и најголем критичар, сите чекори, сите одлуки ги донесуваме заедно. Како и во секоја професија, така и во балетот многу битни се воспитувањето, поддршката, насоките и да научиш важни животни лекции од типот:
• ако работиш и си максимално посветен, успехот ќе дојде,
• без жртвување - нема успех,
• да не се гази на туѓа среќа за да дојдеш до сопствената,
• што е твое - ќе си дојде, па колку и околината да одмага во тоа,
• работа и само работа, без максимална посветеност и љубов, нема врвен успех, и што е најбитно
• сонувај големо, секогаш цели високо колку и во моментот да изгледа сонот нереален, се остварува, само упорно искрено и чесно.
Јас имав среќа што ја имам мајка ми до мене и што ги добив овие животни лекции на време, сè понатаму е како што Господ одредил.

Betty: Која балетска претстава е најголем предизвик да ја игра една балерина и на која балетска претстава може да се видат посложените техники?
Стефанија: Секоја улога е предизвик, сложена, посебна, за секоја улога треба посебен пристап, вежбање и, секако, да знаеш што играш. Јас пред која било улога најпрвин ја читам книгата, убаво да ја осетам приказната, ги гледам старите балерини, како Максимова, документарните емисии за тоа како порано се спремала и играла одредена улога и потоа влегувам во сала, каде што со часови работиме на поставување на кореографијата, стилот, приказната, улогата...

Имам огромна среќа што учам од професорка Наталија Анатолевна, која била огромна ѕвезда и ученичка на Шљамова, која ми ги кажува најголемите тајни на балетот и дека зад секое чекорче и секој поглед стои приказна.

Betty: Марија, дали Вие сега учите од Софија?
Марија: Дефинитивно. Стефи заврши во најдобро- то училиште во светот, Бољшој балетската акаде- мија, со црвена диплома, тоа значи со најдобри оцен- ки во генерацијата во руски клас, со сите петки, без ниту една пониска оценка за време на целото образование.
Работеше и работи со врвни професори, а тоа впрочем и беше идејата - да добие знаење со техника и со врвно искуство.

Betty: Стефанија, раскажи ни ја разликата од нашиот балет до балетот во Бољшој? Колку заостануваме и каде е нашата грешка?
Стефанија: Во Русија, не само во Бољшој, и балетот и уметниците се најценети, таму да си балерина значи многу, третманот што една балерина го ужива во општеството таму не може да се спореди со оној кај нас, за жал. Тоа е традиција што многу се негува и во која многу се вложува, интересот на публиката за претстави е огромен, до билет тешко се доаѓа, претставите се полни до последното седиште, се чека ред за влез со часови, трпеливо, без нервоза - да се биде балерина во Русија е престиж.

Betty: Стефанија, раскажи ни како изгледа еден ден во театарот Бољшој. Каква е комуникацијата со твоите колешки во театарот, како си прифатена бидејки доаѓаш од мала држава, каде што балетот не е прпознатлив меѓу лугето? Раскажи нешто плус.
Стефанија: Јас бев официјално примена во Бољшој театарот веднаш по дипломирањето, но ковид-ситуа- цијата направи повеќе од една година да не можам да се вратам во Русија.
Тој период ми е многу тежок и просто не сакам да се потсетувам на тоа, вежбање секојдневно дома во дневната соба во четири ѕида обидувајќи се да се одржам во форма, а притоа крајна неизвесност и немоќ... ужасен период, се надевам никогаш нема да се повтори.

Кога се створија можности за враќање во Русија, добив покана од Перм операта и Балет, покана што не се пропушта, а тоа беше веднаш да ми дадат шанса да работам на белиот и на црниот лебед од претставата „Лебедово езеро“, шанса што не знам дали некој некогаш ја добил - да ја почне кариерата со главна улога на 19 години, и тоа во „Лебедово езеро“, сон на секоја балерина и, нормално, прифатив.

Betty: Kакво е чувството кога ја гледате Стефанија на големата сцена?
Марија: Огромна среќа, гордост, возвишено чувство на крајно задоволство, паника, одговорност, трема... сите можни чувства. Нема поголема среќа за една мајка од тоа да си го види детето како си го живее сопствениот сон, дека е среќна, исполнета, преморена, ама задоволна од постигнатото. Стефи го заслужува овој успех повеќе од кој било, таа е невиден борец, вредна, амбициозна, скромна, а толку голема во својата професија уште на свои 20 години.

Сè што постигна е со голем труд, многу откажувања и премногу работа, дете што не знае да каже „не можам и не сакам“. Стефи е мојата најголема гордост и среќа.

Betty: Стефанија, кој е твојот следен чекор и сон?
Стефанија: Сонот е еден - да играм.

За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Март 2023).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>