Фармацевти
Контакт

<< Назад

Мезотерапија во третманот на алопеција

јули 1, 2021

Д-р Коста Новаковиќ
Спец. по дерматовенерологија

|

јули2021

Алопецијата претставува губење на коса или на нејзиниот квалитет по што влакната ослабуваат и паѓаат, зад себе оставајќи зони без коса, кршливи влакна или генерализирано ретчење. Причините се многубројни, во најчести ги вбројуваме стресот, хормоналниот дисбаланс, староста, генетските фактори, внес на некои лекови (стероиди), болест, животни навики, психолошки растројства и понекогаш бременост. Третманот е подеднакво екстензивен и разновиден и вклучува третмани, лекарства, суплементи, хируршка реставрација и пресадување. За едно од тие решенија ќе се зборува во текстот што следува, а тоа е мезотерапијата.

Мезотерапија претставува минимално инвазивен метод преку кој се вбризгуваат разни коктели (витамини, минерали, booster-и) чија функција е да ги вратат природните процеси на растење на косата и со тоа да се намали или да се искорени алопецијата. Во детали кажано, во гореспоменатите коктели се наоѓаат материи кои промовираат локално воспаление, а со него и обновување на фоликулата што е основен предуслов за раст на здраво влакно. Преку „будењето“ на метаболизмот се активираат голем број на клеточни процеси и со тоа започнува создавањето  кератин, кој преку негово таложење ќе  создаде ново и здраво влакно. Другиот дел од коктелите ја снабдува фоликулата со битни нутриенти (витамин A, Б, Ц, цинк и железо) кои ќе дадат енергија, ќе дејствуваат антиоксидативно и со тоа ќе ги спречат сите механизми кои би го сопреле здравиот раст. Целата метода вклучува половиначасовен третман кој се изведува со тенок шприц и игла, која, пак, се боцка директно во средниот дел (мезодермот) од анатомијата на кожата на скалпот каде се најбитните крвни садови и фоликулите на влакното. Овие безболни убоди со иглата се прават шематски по целиот скалп за да се овозможи еднаква дистрибуција на хранливиот коктел. Освен со игла и шприц, постојат и таканаречени meso-gun апарати, кои преку механизација на процесот на боцкање на кожата го елиминираат моментот на нерамномерност и варијации кои ги има човечката рака. Ефектот од третманот не настанува веднаш и треба да се изведат повеќе третмани. Имено, препораката за овој тип на мезококтели е да се врши еднаш неделно, во период од 8 недели во просек. Се разбира, овие се генерални препораки, но резултатите и времето се разликуваат од пациент до пациент. Првите големи, видливи резултати се гледаат по петтиот третман. Несакани ефекти од третманите нема, освен евентуалната алергиска преосетливост на некои од состојките на коктелот, но тоа е задача на лекарот дерматолог да праша дали има позитивна анамнеза за некакви алергии и/или, пак, болести кои би биле важни за успешен третман. Контраиндикации за овој третман се локални инфективни процеси на скалпот кои при боцкањето може да се влезат во крвта и да дојде до сепса, потоа хемофилијата, внесот на некои тешки лекарства, хронични кожни воспаленија и дијабетесот се другите состојби каде што овој третман не е препорачан. Мора да се напомене и е од огромна важност третманот да го врши соодветно стручно лице – специјалист дерматолог, при што треба да направи преглед и проценка на состојбата и да го одбере најсоодветниот коктел за секој пациент пооделно. Доколку ова се врши кај неквалификувани лица, ризикот од несакани резултати е многу поголем.

По завршување на третманот кај пациентот се враќаат бројот на влакна, сјајноста и квалитетот, но тоа не значи дека ако не се преземе нега овој резултат ќе трае. Мора да се сетиме дека имало причини зошто косата паднала, па затоа топло препорачуваме да се води особена грижа за телото, да се намали внесот на токсини од неквалитетна храна, да се спортува и, се разбира, да се користат соодветни препарати за нејзина нега.

За детално читање на овој текст, погледнете на 26-27 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈУЛИ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>