|
примариус д-р Кире Георгиевски
специјалист трансфузиолог
За време на целиот наш живот, постојано сме во некое движење, балансирајќи помеѓу кариерата и домот, а истовремено уживајќи во предностите кои со себе ги носи стареењето. И така еден ден почнуваме да чувствуваме жарење, тешки и уморни нозе, како и повремена појава на грчеви, болка и оток во нозете.
На почетокот овие симптоми можат да претставуваат мали непријатности, несакани дејства поради фактот дека „не сме во форма“ или „премногу време сме стоеле“ или се резултат на некои „стари спортски повреди“, а можеби и како што рекол Karl Chiang, MD: „Многумина сметаат дека тоа е дел од процесот на стареење и не обрнуваат многу внимание сè до поодминатите фази во текот на заболувањето“.
Но, со тек на времето овие симптоми се влошуваат и вените видно набрекнуваат, се искривуваат, а кожата околу нив ја менува бојата и квалитетот. Сите овие промени се јавуваат поради една болест, наречена хронична венска болест (ХВБ). Ова заболување е доста често и се смета дека е едно од најзастапените заболувања во целокупната популација, веднаш по алергиите.
Ризик-фактори за појава на ХВБ:
- Возраст: инциденцата на ХВБ значително се зголемува со возраста
- Пол: ХВБ е почеста кај жените отколку кај мажите поради хормоналните промени во текот на животот (пубертет, бременост, менопауза)
- Прекумерна телесна тежина
- Пушење
- Недоволна физичка активност
- Начин на исхрана: намален внес на витамини, зголемен внес на шеќери, масти...
- Професијата: работа поврзана со долго стоење и/или седење води кон зголемување на притисокот во вените
- Фамилијарна историја/генетика.
Најчести знаци и симптоми
Препознатливите симптоми и знаци кај болните со ХВБ се последица на венската хипертензија, придружена со воспалителни процеси, кои доведуваат до структурални и функционални пореметувања на вените и венските валвули. Главни симптоми се чувството на болни, тешки, напнати и уморни нозе, појава на грчеви, чешање и отоци околу скочниот зглоб кои преку ноќ се намалуваат. Симптомите на ХВБ се поизразени во повисоките стадиуми на болеста и се поврзани со намален квалитет на живеењето, пред сè, поради болките и отежнатото движење.
Дејствувај веднаш
Третманот треба да започне што е можно порано, веќе при првите симптоми. Бидејќи ХВБ е прогресивна болест, важно е третманот да започне што е можно порано, со цел да се спречи натамошниот развој на болеста.
Третманот вклучува неколку различни стратегии
Доколку симптомите не се премногу интензивни, третманот се состои од вежбање, подигнување на
нозете, компресија со еластични чорапи. Употреба на веноактивни лекови со диосмин се препорачува во сите фази на болеста.
Примена на веноактивни лекови
Микронизираниот диосмин го намалува воспалението во микроциркулацијата и на валвулите на венскиот систем, ја зголемува еластичноста на вените и така го заштитува крвниот сад од оштетувања, а истовремено и значително ги намалува симптомите на болеста. Микронизираниот диосмин помага во спречување на прогресијата на ХВБ. Микронизираниот диосмин е погоден за пациентите во која било фаза на хроничната венска болест, дури и кај оние со венски улкуси.
Микронизираниот диосмин е лек од природно потекло, потекнува од незрели, сушени портокали кои се карактеристични за Шпанија, Северна Африка и Кина (Rutaceae aurantieae). Погоден е за долготрајна употреба, пациентите добро го поднесуваат, а, исто така, нема интеракција со други лекови.
За детално читање на овој текст, погледнете на 16 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈУНИ 2020).