Фармацевти
Контакт

<< Назад

Моето его, мои правила, игра на земање и губење

февруари 1, 2022

д-р Мирјана Пехчевска Поп-Илиев
експерт за личен и организациски развој, професионален коуч, кариерен советник

|

фев-2022

Го спомнуваме егото многу често, во различен контекст, со различна намена. Ни се случува да критизираме дека некој има големо его. Свесни ли сме за улогата на нашето его и што тоа ни носи, а што ни одзема?

Секако, не можеме да живеме без нашето его, зашто тоа е, всушност, сликата која самите ја носиме за себеси. Може да биде грандиозна, со преголеми или премали димензии, балансирана со опкружувањето или небалансирана, но, секако, е незаменлив и корисен дел од нашето битие.

Егото често зазема улога на наш советник кој поставува прашања, а често и сам одговара на нив, за што понекогаш и самите не сме свесни. Тоа нè води, движи, мотивира или демотивира, ги креира нашите релации, однесување, животи... Тогаш се поставува прашањето: Што е тука лошо и зошто егото ни пречи? Можеби е невозможно веднаш да го пробиеме одговорот, но, всушност, одговорот е во тоа што нашето его, всушност, не сме вистинските ние! Тоа не е нашата свесност или како сакаме веќе да ја наречеме, туку е производ на една слика која е креирана низ искуствата од нашиот живот. Слика за нашите убедувања, нашите воспитувања, прифаќања од околината и сето она во што веруваме дека е добро или лошо. И тогаш разбираме дека нас, всушност, нè советува нашата околина, а на тој начин ни го креира и животот.

Слушајќи многу мотивациски говорници кои константно нè учат како треба да размислуваме позитивно, постојано да креираме насмевка, да се куражиме цврсто дури и кога не ни е баш до тоа, кај мене се вклучува светилката  на моето его. Сите зборови кои се поврзани со треба, мора, будат обратна реакција од она што веројатно многумина би ја очекувале. Свесно го набљудувам овој процес веќе некое време и разбирам дека многу е поважно  да сум свесна за црвената боја на светилката  на моето его, отколку таа  постојано да е вклучена  или исклучена.

Во основа тука е суштината. Во нашата свесност за нашето его и во неговото прифаќање. Егото во нас има своја улога  која треба да ја прифатиме и сигурно е да ја засакаме.  Сега веројатно следува прашањето: Како? Одговорот е многу поедноставен. Кога ќе спознаеме кои сме, кои се нашите вистински вредности, која е нашата личност, а не нашето тело, кои се нашите мани и предности, нашите постапки и реакции, тогаш нема да мораме или требаме, туку едноставно ќе знаеме дека се прифаќаме, и се сакаме себеси. По потреба и да го промениме она што го носиме за да останеме во рамнотежа со себеси  и со околината.

Сите ние лесно би сакале да промениме нешто, но по можност со тоа ништо посебно да не се менува во нашиот живот. А, пак, за да направиме вистинска промена треба да бидеме подготвени  на храбар чекор. Сите ние имаме потреба од промена, промена на нашата личност, односно промена на нашите убедувања кои не ни служат, врз основа на кои ја темелиме нашата реалност. Тоа е промената која ни овозможува да не си стоиме на патот и да си дозволиме да ги живееме своите полни потенцијали.

Зошто на луѓето промените на себе баш не им одат лесно?

Затоа што нашето его пружа отпор. Тоа е во нашата природа, а промената значи отпуштање на познатото и влез во нешто непознато. Односно, отпуштање на контролата на веќе познатите реакции, навики и однесувања. Нашето его сака да има контрола на познатото и затоа тешко ни паѓа секоја промена.

Сега повторно можеме да си го поставиме прашањето: Дали имам големо его, или од мене зборува само моето его креирано од сопствено убедување за тоа што значи да имаш големо его? Дали сум подготвен/а да се впуштам во нови навики, нова утринска рутина, нов предизвик, нов животен стил, или моето его сè уште ја контролира мојата комфорна зона?

Дали сите, за кои често велиме дека имаат големо его, имаат способност да го менуваат својот идентитет, да растат, да се развиваат, да се приспособуваат  на новите времиња и трендови? Тие можеби се арогантни, безобразни, себични или надмени, но дали во основа тие го контролираат своето его или тоа ги контролира нив?

Често се прашуваме, зошто луѓето не направат одредена промена за која знаат дека им е итно потребна, свесни дека постоечката состојба не е добра за нив? Затоа што се поистоветуваат со својот идентитет, со она што веќе го стекнале, што го работат, со нивното стекнато образование. Затоа што нивното его не им дава можност за промена, за работа на себе, да развијат свесност за своите недостатоци и труд и мотивација  да ги надминат. Егото се плаши од непознато и ако почнеме да се чувствуваме или да се однесуваме поинаку, односно различно од она што самите сме навикнале или веќе и е познато на  нашата околина, веднаш добиваме аларм од нашето его и ни станува непријатно.

Да се признаат своите грешки е една од најтешките работи која еден човек може да ја направи. А да се научи од грешките  е уште потешко. Без разлика дали се наши грешки или се туѓи кои влијаеле на нас, со тек на време најдобро е да ги разбераме како благослов а не како казна. Тоа, всушност, ја креира моќта на нашата сопствена промена. Препознавањето на лекцијата и новата перспектива која ни ја нуди  е еднакво на препознавање на својата сила да се охрабриме да живееме како што ние сакаме, а не како што мораме.

Некои од нас, сепак, ќе останат да мируваат, да спијат со отворени очи, да бидат набљудувачи на својот живот, наместо негови креатори. Можеме да им помогнеме да луѓето да прогледаат, но некои, сепак, ќе преферираат да спијат. Среќаваме различни луѓе секој ден, со некои од нив секојдневно си поигрува нивното его. Но, и други кои еднаш барем во животот ќе се разбудат и повторно ќе сонуваат, но со широко отворени очи, ослободени од сопствените стравови, растоварени  што другите мислат за нив, не убедувајќи ги дека нивниот начин е исправен, затоа што едноствано немаат потреба од тоа. И онака другите или ќе го прифатат или ќе го игнорираат тоа. Некои нам ќе ни бидат лекција, а на некои ние ним, битно е да не застанеме онаму каде што денес стоиме.

За детално читање на овој текст, погледнете на 28-29 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ФЕВРУАРИ 2022).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>