проф. д-р Слаѓана Ангелкоска
психолог
|
Дали сте размислувале за тоа што го одредува вашето моментално расположение? Дали сте знаеле дека во еден момент можете да го промените вашето расположение? Која е поврзаноста на расположението со мозочните бранови?
За да се запознаеме со мозочните бранови и нивната функција, најпрвин треба да се појде од науката која нив ги изучува, а тоа е невронауката, која претставува мултидисциплинарна гранка која го проучува нервниот систем во комбинација со анатомија, молекуларна и развојна биологија, цитологија и психологија, со цел што подобро да го објасни функционирањето на човековиот мозок.
Познавањето на природата на мозочните бранови ни дава можност на правилен начин да се користат сите потенцијали, а за да се постигне тоа е потребно да се запознаеме со мозочните бранови и нивните карактеристики. Она што секогаш е поврзано со мозокот се човековите мисли. Во позадина на сите мисли, емоции и однесување се наоѓа комуникација помеѓу невроните во мозокот, која се одвива со помош на електрични импулси. Кога тие импулси се синхронизирани, се формираат мозочните бранови. Овие бранови може да се детектираат со помош на електроенцефалограф (EEG), апарат кој го забележува распонот на фреквенциите во мозокот врз основа на кој се одредува мозочниот бран. Мозочните бранови се мерат со единица на фреквенција херц (Hz) и претставува број на зачестеност на случувањата во една секунда. Мерењето на мозочните бранови се прави со помош на неврофидбек, кој се заснова на две претпоставки:
- Дека електричните активности на мозокот – мозочните бранови одржуваат одредена ментална состојба;
- Дека тие активности може да ги вежбаме.
Со вежбање можеме да научиме одредени мозочни бранови да ги подигнеме или да ги инхибираме и така свесно да ја постигнеме саканата ментална и емотивна состојба.
Важно е да се напомене дека нема добри или лоши мозочни бранови. Сите мозочни бранови се прикладни и добри за одреден момент и за одредена состојба. Флексибилните и ефикасни мозоци можат многу лесно да преминат од еден во друг мозочен бран, во согласност со барањата на реалноста. Тоа е нешто како сите брзини на автомобилот се потребни и добри, но проблем може да настане кога ќе се расипе менувачот за брзини и не можеме да се приспособиме на условите за возење.
Човековиот мозок функционира во рамките на пет мозочни бранови (алфа, бета, гама, делта и тета) и сите се во исто време присутни, но само еден е доминантен во одредена состојба. Токму тој доминантен мозочен бран и неговите карактеристики го одредуваат нашето моментално расположение, менталната способност и состојбата на свесност.
Делта мозочни бранови (0,5-3 Hz)
Делта мозочните бранови се поврзани со длабок сон. Овие мозочни бранови се доминантни кај бебињата и кај нив може да се забележат и во будна состојба. Кај возрасните се јавуваат во најдлабока медитација и спиење без сонување. Одредена фреквенција на делта мозочните бранови е добра за лачење на хормонот за растење, кој е посебно значаен за регенерација на организмот и во процесот на излекување. Поради тоа, длабок и закрепувачки сон е важен за процесот на излекување. Делта мозочните бранови се бранови со најниска фреквенција и највисока амплитуда.
Кога ќе легнеме да спиеме и ќе го изгаснеме светлото, ќе ги затвориме очите, нашите мозочни бранови ќе се забават најпрвин во алфа ритам, потоа уште повеќе ќе се забават и ќе влеземе во тета ритам, сѐ додека не потонеме во сон и во делта состојба. Познато е дека луѓето спијат во циклус од 90 минути. Од длабок сон во делта мозочни бранови се преминува во тета фреквенции и доаѓа до активно сонување.
Во оваа фаза на спиење се јавуваат брзи движења на очите (Rapid Eye Movement, скратено REM) поради што оваа фаза на сонот се нарекува REM фаза. Кога се будиме, полека влегуваме во тета состојба, потоа во алфа состојба.
Ако имаме време, сѐ уште будни дремеме во тета состојба, додека ни се враќаат во свеста некои доживувања од претходниот ден, или додека не ни дојде некоја идеја како креативно да го организираме денот. И тогаш доаѓа реалноста, кога мораме навистина да станеме да ги активираме нервите да завибрираат побрзо и да ни помогнат во решавање на проблемите.
Во состојба на сон најчесто има повеќе од 50 % делта мозочни бранови. Во будна состојба тие може да се видат кај бебињата до 6 месеци, кај некои деца со проблеми во учењето и кај возрасни со повреда на мозок.
Тета мозочни бранови (3-7, 4-7 или 4-8 Hz)
Тета мозочните бранови се бавни и се поврзани со состојби како што се дневно мечтаење и поспаност. Се појавуваат најчесто во сон, но, исто така, доминираат и во состојба на длабока медитација. Оптимално ниво за длабоки размислувања е опсегот на тета мозочните бранови. Во тој опсег нашите сетила се повлекуваат од надворешниот свет и се насочени кон внатрешните сигнали. Тета мозочните бранови се мистична зона која најчесто ја доживуваме кога се будиме од сон или паѓаме во сон. Тета медитацијата ја засилува креативноста, интуицијата и другите екстрасензорни способности.
На пример, кога возиме на автопат и одеднаш ќе сфатиме дека воопшто не се сеќаваме на последните дваесет километри, обично се наоѓаме во тета состојба. За тоа време додека опуштено возиме во тета состојба, ни доаѓаат напамет најчесто добри идеи кои се ослободени од каква било цензура.
Тета мозочните бранови се позитивна ментална состојба доколку сме способни лесно да излеземе од неа и да ја забрзаме работата на мозокот кога е потребно да се вклучиме во надворешната средина, да се сконцентрираме и да учиме.
Преголема тета активност е карактеристична за личности со ADD проблеми (Attention Defficite Dissorder). Тета мозочните бранови се поврзани и со оживување на меморијата и се засилуваат кога се присетуваме на нешто, како и со способноста да се контролира одговорот на стимулусот.
Тета мозочните бранови доминираат кај децата од 6 месеци до 6-7 години. Поврзани се со состојба на сугестибилност и хипнотибилност. Кога доминираат кај возрасните личности, најчесто се поврзани со состојба на поспаност и исклученост. Во психотерапија се применува воведување на клиентот во тета состојба за полесно да го оживее сеќавањето, фантазијата и асоцијациите, а фреквенцијата од 7 Hz е поврзана со визуелизација.
Алфа мозочни бранови (8-13 Hz)
Алфа мозочните бранови се јавуваат откако ќе ги затвориме очите пред да заспиеме и за време на длабока опуштеност, при концентрација на едноставните сетилни содржини. Се јавуваат за време на будна состојба и во текот на сон. Алфа мозочните бранови се поврзани со состојбата на релаксација и нефокусирано внимание, креативни активности.
Ниски алфа мозочни бранови (8-10 Hz) се присутни за време на сонување и лесна медитација кога очите ни се затворени. Во алфа состојба доаѓаме до креативноста која се наоѓа веднаш под нашата свесност.
Алфа мозочните бранови се бавни бранови на поголема амплитуда. Личноста која завршила некоја работа и седнала да се одмори, обично се наоѓа во алфа состојба. Мозокот се одмора во алфа состојба. Додека шетаме без обврска во природа или додека се релаксираме, влегуваме во алфа состојба.
Високи алфа мозочни бранови (11-12, 11-13 Hz) се поврзани со менталната состојба на отворена свесност, способност да се одговори на голем број промени во околината. Тоа е најпосакуваната состојба на врвните спортисти. Алфа состојбата е поврзана со визуелните стимулуси.
Алфа мозочните бранови се засилуваат кога ги затвораме очите, тие се појаки во десната хемисфера, но односот не би требало да биде поголем од 1,5 пати.
Разликата во доминантната алфа фреквенција поголема од 1 херц помеѓу хемисферите индицира абнормалност на хемисферата во кој се наоѓа нискиот алфа пик. Кога ги затвораме очите, секој од нас има свој типичен алфа пик (доминантна алфа фреквенција). Интелигентните луѓе најчесто покажуваат алфа пик со повисока фреквенција со затворени очи.
Исто така, може да видиме јаки алфа бранови со отворени очи кај личност која консумира марихуана и таа состојба може да трае и неколку дена. Алфа состојбата е пријатна состојба, но не е пожелна кога треба да учиме или во ситуации кога треба да бидеме вклучени во случувањето. Алфа мозочните бранови се јавуваат и за време на автоген тренинг.
Бета мозочни бранови
Бета мозочните бранови влегуваат во брзобрановите активности и се карактеристични за состојба на зголемена свесност, концентрација и фокусирано внимание.
Доминираат во нашата будна состојба, кога вниманието е насочено кон сознајните сили и надворешниот свет. Кога мозокот е возбуден и активно учествува во некоја ментална активност, тој ги генерира бета мозочните бранови. Личноста којашто е во некоја активна конверзација, ќе биде во бета состојба. Опсегот на бета мозочните бранови е широк (13-36 Hz) и се дели на помали подопсеци, од кои секој е асоциран со посебна ментална состојба.
Постојат три вида на бета мозочни бранови:
- Ниски бета мозочни бранови, кои се дефинираат како релаксирано внимание и се присутни во опсег од 13 до 15 Hz. Додека се чита книга, присутен е одреден степен на внимание, но без да се нагласи фокусираност и будност – тоа се ниски бета мозочни бранови.
- Средни бета мозочни бранови се присутни кога се фокусираме на нешто – кога подолго читаме и нивната фреквенција е од 16 до 22 Hz. Овие бранови се присутни кога сетилата околу нас ги примаат и ги регистрираат сигналите. Ова ниво на мозочни бранови го одржува степенот на рационално размислување и будност.
- Високите бета мозочни бранови имаат фреквенција од 22 до 50 Hz. Присутни се во состојба на тревога, анксиозност, стрес, кога во телото се излачуваат хемиски супстанции за преживување. Мозокот тогаш функционира со изразито силно фокусирано внимание и концентрација на она што се случува надвор – мозокот е премногу активен, а телото е премногу стимулирано. Овој вид на внимание влијае на тоа човекот да се однесува како животните, бидејќи се наоѓа во инстинктивно однесување „бори се или бегај“.
Долготрајно високите бета мозочни бранови не се пожелни за мозокот, бидејќи одземаат голема количина на ментална енергија и ја исцрпуваат личноста.
Доколку состојбата на високи бета мозочни бранови трае долго, мозокот почнува да работи надвор од здравата рамка – некои подрачја на мозокот престануваат да бидат во координација и почнуваат да функционираат одвоено од другите или потполно спротивно. Голем број на луѓе ги користат овие мозочни бранови за да ја намалат анксиозноста, опсесивно-компулсивното однесување и несоницата.
Нестабилноста на овие мозочни бранови предизвикува вишок на адреналин, анксиозност, голема возбуденост, неспособност да се опуштат, стрес, АДХА, депресија, намалена способност на спознание, стравови, фрустрации, лутина.
Гама мозочни бранови
Гама мозочните бранови се поврзани со високите ментални функции, обединување на податоците од различни делови на мозокот во целина и високата перспектива. Поврзани се со состојба на хиперсвесност, но и за состојба на интензивен стрес, паника, бес. Ова се најбрзи и најсуптилни бранови, нивната фреквенција е од 32 до 100 Hz. Овие бранови се однесуваат истовремено на обработка на информациите од различни делови на мозокот. Гама мозочните бранови ги пренесуваат информациите и помагаат во нивната брза редистрибуција во различни центри на мозокот.
Треба да се знае дека сите мозочни бранови се присутни, но еден е доминантен во одреден момент. Возраста е фактор кој одредува кој мозочен бран е доминантен. Доминантната фреквенција на мерење со затворени очи кај возрасна личност е типична за алфа мозочните бранови. Во фронталните и централните региони кај децата од 3 години доминираат делта мозочните бранови. На возраст од 3 до 5 години доминираат тета брановите. Ниските алфа мозочни бранови доминираат на возраст од 6 до 8 години, а подоцна полека одат кон високите алфа фреквенции, околу 10 Hz, кога детето ја достигнува адолесценцијата.
За детално читање на овој текст, погледнете на 28-30 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ОКТОМВРИ 2021).