Александра Коцевска - Мецосопран, наставник по соло пеење, концертен пејач
Betty: Кога почнува љубовта према пеењето?
Александра: Мецосопран, наставник по соло пеење во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ и концертен пејач. Своето музичко образование го почнува на 14 години, но уште од мала покажува афинитети и интерес кон музиката, затоа и почнува да пее како еден од најмладите членови во детското хорче „Златно славејче“ под раководство на Запро Запров.
Но првите почетоци и сознанија во водите на музиката се токму во средното музичко образование, кое за неа е предизвик бидејќи голем број ученици имаат основно музичко училиште. Желбата и љубовта кон музиката и осознавањето на себеси и упорноста во образованието да се стигне на рамниште еднакво со сите ја издигнува кон височините. Секоја професија си има свои тешкотии, но музиката, каде се работи со чувства, осет или едноставно е уметност во која секој уметник е капка во морето, е специфична сама по себе.
Betty: Сите ние се бориме за достигнување .....Кога почнувате да ги допирате врвотите?
Александра: Најголемото достигнување во средното образование е добивањето прва награда на тогашниот републички натпревар по соло пеење, која ја носи на последниот државен натпревар во Херцег Нови – Црна Гора, каде што освојува втора награда во дисциплина соло пеење на ниво на цела Југославија. Тоа е и мотивација школувањето да го продолжи надвор од својата држава, но, за жал, распадот на Југославија е причина таа да остане на музичка академија во Скопје каде што дипломира со висок просек.
Секој дипломиран студент сака по завршувањето да продолжи по својата професија, но културата по распадот на Југославија не беше застаната на свои нозе, затоа Факултетот за музичка уметност ја предлага за наставник по соло пеење во Штип - ДМУЦ „Сергеј Михајлов“, каде што останува да работи 10 год.
Од тој момент па до сега примарна професија ѝ е педагогијата во која бележи голем број резултати. Активно учествува на голем број државни и меѓународни натпревари со своите ученици по соло пеење и камерна музика каде учениците освојуваат високи награди. Поради тие високи награди на своите ученици многу често е член на жири во државни и меѓународни натпревари.
Како истакнат педагог повикана е да биде член на жири на државниот натпревар во Р Србија и прв член од Македонија на Балканска романсијада. По 10 години работа во Штип се враќа во својот роден град Скопје и се префрла во ДМБУЦ „ Илија Николовски – Луј“, каде што работи и до ден денес.
Во соработка со организаторите на фестивалот „Арт ин“ освен во класичната музика добриот педагошки пристап и работа се покажуваат и во естрадното пеење, каде учениците добиваат повторно голем број престижни награди и гранд при (Молдавија, Бугарија, Белорусија, Украина, Израел).
Резултатите во полето на педагогијата продолжуваат, но амбициозноста и нескротливиот дух во областа на музиката и тежнеењето за сè поголемо знаење ја враќа на сцена по подолг временски период како концертен пејач. Настапува заедно со колегата Глигор Гелебшев каде секоја година се подготвува материјал што е помалку познат и пеен пред публиката, голем број соло песни од различни композитори, како странски така и домашни, како и оперски арии. Учествува исто така на голем број манифестации, „Ден на хармониката“, „Златна лира“, „Скопско лето“, „Вечери на куклите“, „Денови на македонска музика“, „Штипско културно лето“ итн., исто така и манифестации одржани од амбасадите на Р Србија и Р Полска.
Исто така, соработува и одржува концерти со Трио интермецо, Трио колегиум и многу други камерни состави.
Betty: Работите како професор со теленитрани деца, што беше тоа што ве мотивраше да работите со деца?
Александра: Работата со деца е една специфична, но благородна дејност, посебно кога се работи со пеење кое се нарекува предмет но е многу далеку од тој збор бидејќи е единствен жив инструмент. Пеењето е широка област во која педагогот мора да е запознаен со сите органи за подготовка и производство на тонот, начинот како се доаѓа до него, но и психолошката подготвеност кон пристапот со секое дете. Многу често се случува децата да искажат желба за пеење, родителите сакаат да ги исполнат барањата задоволувајќи ги, но притоа не се информирани околу тежината што ја носи пеењето. Многу луѓе размислуваат дали знаат да пеат, теоријата е една „секое здраво грло поседува можност за пеење“, но слухот и ритамот ја имаат клучната улога во целата работа.
Не значи дека многуте часови пеење треба веднаш да дадат резултати, тоа е долг процес во зависност од самиот ученик, неговата интелигенција, неговата љубов, упорност, но и истрајност кон пеењето.
Betty: Како влијае пеењето на здравјето?
Александра: Пеењето може да ни дејствува и во позитивна насока, на пример да ни ги врати самодовербата, контролата врз себе, тие со слабо срце, астма, анксиозност со вежбите за дишење и ослободување звуци ослободуваат и дел од себе и наоѓаат посебна смиреност која е многу важна за ослободување на лошите емоции и зајакнување на органите за дишење. Поради сите овие моменти, потребен е посебен приод во работата со тие кои посетуваат часови пеење за да може да се има ослободено тело за работа, но и самиот да си ги почувствува правилните вибрации од производство на тонот.
Секој ден е различен сам по себе па и нашето тело или грло исто реагира. Затоа се техниките на пеење и дишење, кои нè одржуваат во една константност. Гласот е рефлексија на душата, затоа треба да се пее како што се зборува и задоволството што ни го дава убавиот глас е дар од природата кој треба да се негува и одржува.
За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Октомври 2023).