|
За убави и негувани стапала
Во летниот период кога најчесто носиме отворени чевли и влечки, негата на стапалата станува уште позначајна. Честопати се случува да нанесуваме крем на цело тело и да ги занемариме стапалата, кои ги сметаме за помалку важни. Испуканите пети, погрешно скратените нокти или, пак, габичните инфекции на стапалата не само што претставуваат естетски проблем, туку може да ви создадат здравствени проблеми и болки.
Што треба да правите за убави и здрави стапала:
- додека нанесувате крем за сончање, не занемарувајте ги стапалата;
- додека шетате на плажа или, пак, покрај базен, секогаш носете влечки и избегнувајте да газите со боси нозе. Особено треба да бидат повнимателни луѓето со дијабетес, бидејќи дури и најмала исеченица може да доведе до инфекција која може да создаде сериозни здравствени проблеми;
- со зголемување на температурите, како целото тело така и стапалата се потат повеќе, со што се зголемува можноста за добивање габични инфекции околу пределот на прстите. Затоа, доколку се носат затворени чевли, потребно е да бидат од материјал преку кој стапалата ќе може да дишат и да се носат памучни чорапи;
- поради поголемото време кое го поминуваме во пешачење со отворени обувки, можно е да се појави стврднување на ткивата на стапалата, по што може да се појават пукнатини и калуси. Редовното негување и хидратација на стапалата ќе помогнат за спречување на овие појави;
- пред каква било нега на стапалата, секогаш внимавајте опремата што ја користите да биде чиста и стерилизирана;
- ноктите имаат големо значење за здравјето на стапалата. Внимавајте тие да бидат уредно и рамно исечени, што ќе го намали ризикот од инфекции.
Пределот на петата е покриен со специјално масно ткиво кое е подредено во делови за да може да го носи сиот товар на телото. Со тек на време ова ткиво се троши, губејќи ја својата карактеристика на носивост и може да создава болка. Токму поради оваа причина, при купување обувки внимавајте делот наменет за петата да биде мек. Секогаш кога ги негувате вашите стапала одвојте време за масирање само на петата – покрај тоа што ќе ја омекне кожата, ќе направи да почувствувате релаксираност на стапалата.
Не оставајте ги стапалата влажни
Особено во летниот период е препорачливо стапалата секој ден да се измијат со млака вода и сапун, по што треба да бидат добро исушени. Не оставајте да се исушат сами, бидејќи влажноста секогаш носи поголем ризик од појава на габични инфекции.
За непријатниот мирис, инфицирана и оштетена кожа на вашите стапала, тврди и испукани пети, консултирајте се со вашиот BETTY фармацевт и пронајдете го најсоодветното решение за нега на вашите стапала.
Бонус BETTY совет
Во домашни услови може да си подготвите пилинг за вашите стапала од само две состојки: шеќер и маслиново масло. Потребно е да измешате две лажици шеќер и три лажици маслиново масло. Посветете поголемо внимание на деловите кои изгледаат подебели и онаму каде што кожата е груба. Откако ќе ги истриете вашите стапала со овој пилинг, хидрирајте ги со крем и обујте чорапи кои ќе ги носите барем еден час. Доколку еднаш во неделата практикувате пилинг за вашите стапала, лесно ќе го отстраните мртвиот слој на клетки и тврдата површина, со што ќе го постигнете мазниот, негуван изглед. Имајте на ум дека и вазелинот е уште едно одлично средство за нега кое ги прави стапалата меки и мазни.
За детално читање на овој текст, погледнете на 24 стр. во електронското издание на BETTY магазин (АВГУСТ 2020).