За жал, лани мислев дека терминот „втора година од пандемијата“ е само невкусна шега. Годинава се покажа дека навистина поминуваме низ повеќегодишна криза. Затоа би рекол и дека годината ми помина во духот на пандемијата повторно. Благодарен сум што одиме напред, што и покрај сè, наоѓаме начини да се радуваме на животот. Би рекол дека 2021 е година која на многумина им ја тестираше издржливоста на многу полиња. Тоа и ни останува, да го издржиме остатокот и да го дочекаме крајот на пандемијата.
Само една: би сакал да го видиме крајот на пандемијата. Премногу луѓе страдаа, се наруши здравјето на многумина, ни треба полека да почнеме да се враќаме во нормала. Дополнително, пандемијата придонесе да излезат на површина работи кои и не би сакал да ги гледаме, и да се надеваме дека со нејзиното заминување ќе се подзаборави на делбите, расправиите и непријатната енергија која ја следеше цела пандемија.
Би сакал да сум повеќе физички активен. Тоа би ми била главната навика на која ќе се фокусирам.
ЕМРА КУРТИШОВА
Можеби за нијанса подобра од 2020. Со оглед на пандемијата „мрднавме“ малку на професионален план.
Капацитетот на публиката во театрите веќе не е 30 %, сега е 50 %, што е, исто така, малку, но, сепак, сум задоволна затоа што одиме кон подобро.
И покрај пандемијата ТДМ работи без престан, се разбира, според сите протоколи.
Ни се случија неколку премиери кои одлично поминаа кај публиката, но и нашето задоволство е огромно согледувајќи ја потребата од театар, па дури и за време на пандемија. До крајот на годината се очекуваат уште две премиери.
Искрено и од срце посакувам само здравје.
Првиот „оброк“ да не ми е кафе со три цигари!
Би била пресреќна ако тоа се промени.
САВКА ТОДОРОВСКА
Минатата 2021 беше тажна, возбудлива, болна и непредвидлива... Тажна, со многу луѓе кои ја загубија битката од ковидот. Беше непредвидлива, со локални избори, истоштувачки кампањи...За мене беше поразително што на листите за градоначалници имаше само 8 % жени од сите политички партии. Она што е пострашно е фактот што само две жени беа избрани за градоначалнички во целата држава. Изминатата година, исто така, ќе ја паметам по возбудливите настапи на нашите спортисти и нивните победи.
На професионално поле, имавме успешна работна година. Работевме со локалните женски организации и заедно ги подготвувавме жените од десет населени места за нивно вмрежување, согледување на потребите на заедницата, учење на процесот и застапување со едно мото: Биди јасна, биди гласна!
За наредната 2022 година посакувам, пред сè, да заврши пандемијата. Да се вразумат сите луѓе во државата, да се поправи економската состојба, да се вработат младите и да нема сиромаштија. Најмногу сакам да гледам насмеани лица. Се трудам колку можам, да живеам здраво – како ментално така и физички. А за наредната година, посакувам да бидам во состојба да пешачам, барем по три километри на отворен простор. Секако дека ќе продолжам да ги сакам луѓето, а љубовта, незавидливоста и дарежливоста посакувам никогаш да не ме напуштат.
Д-Р АЛЕКСАНДАР КОЛЕВ
Годината што ја оставаме зад нас беше година на многу стравови и ограничувања, главно предизвикани од сè уште присутната глобална закана од ковид-19. Иако во тие околности и за мене лично се присутни мешани чувства и впечатоци за 2021, секогаш имам оптимистички пристап и тежнеам да го извлечам позитивното од нештата. Среќен сум што, сепак, годината ќе ја паметам по убави нешта и заокружувањето на две мои важни животни приказни, една професионална – завршувањето на специјализацијата по кардиохирургија и една лична.
Годината што иде секогаш посакуваме и се надеваме да биде подобра од претходната. Верувам дека секој запрашан за 2022 би посакал конечна победа на човештвото над пандемијата со ковид и враќање на слободата на живеење која ја имавме пред тоа. Еден од моите омилени живи научници Нил Деграс Тајсон, запрашан на почетокот на пандемијата не ли мисли дека е ова некаков тест на луѓето, одговори: „Да, сметам дека ова е тест дали човештвото конечно ќе ѝ верува на науката“. Јас се надевам дека тоа конечно и ќе се случи, луѓето ќе ѝ веруваат на науката и научниците и дека 2022 ќе биде година во која ќе го видиме крајот на пандемијата. Посакувам многу повеќе здрави навики на читателите и, секако, многу повеќе општо здравје за сите и помалку работа за нас лекарите.
Во мојот случај би рекол дека посакувам враќање на некои здрави навики, кои, за жал, во изминатата година ги запоставив. Посакувам повеќе да се дружам со велосипедот, почесто да пешачам, да поминувам повеќе време во природа, почесто да ги практикувам рекреативните фудбалски натпревари со пријателите. Ќе признаам дека здравата исхрана ми е слаба страна, па како моја лична желба, па и определба, за 2022 е да почнам да практикувам повеќе здрав начин на исхрана.
НАТАША ПЕТРОВИЌ
Изминатава година најточно би ја опишала како шлаканица во лице. Едно големо освестување за тоа каде стоиме сите ние како луѓе, каде стои општеството во кое живееме, работата или неработата, стравот кој сите како да нè осакати психички, но во исто време и едно присуство на бесконечна количина на надеж и оптимизам дека утре ќе биде подобро од денес само треба малку повеќе сите да се потрудиме и веруваме.
За мене здравјето е најважно, па затоа мојата желба и надеж за новата година е сите да се однесуваме малку поодговорно кон себе и другите според ситуацијата во која сме, за да го вратиме животот во некаква „нормала“.
Редовен здрав утрински оброк.
ЦВЕТА ДИНЕВА
2021 г., иако актуелна со пандемијата со ковид-19, за мене е многу среќна година, дојде на свет Димитар, моето четврто внученце, братче на две и пол годишната Антонија, и братучетче на десетгодишниот Драганче и осумгодишната Симона. Семејството се зголемува, а и радоста е немерлива. Му благодарам на Бога што сите сме со здравјето одлични, и тоа ми ја полни душата. Многу сум исполнета и среќна што во 2021 година влегов во еден нов проект – едукативно кулинарско шоу „1001 оброк“ заедно со Бранче и навистина наидовме на одличен прием и пред малите екрани на Тв Алсат и на Тв 24 Вести, но и на сите регионални ТВ-центри ширум Македонија. Секако, најбројни се нашите фанови на социјалните мрежи и сигурна сум дека нивниот број ќе се зголемува од ден на ден. Среќна сум што и покрај пандемијата работата во ЦД Диет Клубот се одвива нормално, многу убави моменти како подобрување на здравствена состојба, забременување, средени полицистични јајчници, смирена хиперинсулиниремија, изгубени многу непотребни килограми итн. Со промена на лошите навики во исхраната, почитување на здравиот сон, со имплементирање физички активности, имаме сè повеќе резултати на квалитетно живеење.
Најголема желба за наредната година ми е да се заврши со ова чудовиштево ковид-19 и да не постои ковид 2022 и да се вратиме што побргу во нормала. Да можеме да делиме прегратки, бакнежи, да дишеме, да се ослободат луѓето од стравовите, да се врати насмевката.
Што се однесува до мене лично, би сакала наредната година да почнам уште еден нов проект поврзан со мојата работа, да воведам повеќе физичка активност пешачење на дневно ниво и да успеам да ја воведам аутофагијата на дневно ниво. Ова се желби кои се надевам со Божја помош ќе се реализираат.
Посакувам на сите 2022 г. да им ја врати насмевката на лице.
РИТА БЕХАДИНИ
Беше година полна со предизвици, бидејќи јас самата решив да ги „тестирам“ своите вештини и граници. Посакувам да немаше пандемија, но тоа ни останува како желба за идната година.
Да се направи повеќе за безбедноста на жените во земјата, за тие да се чувствуваат заштитени не само од опкружувањето, туку и од државата. Да создадеме систем каде што жените ќе можат да напредуваат и да излезат од школката во која се навикнати да живеат. И вечната желба: долу патријархатот!
Многу би сакала да бидам повнимателна со храната што ја консумирам и секако да најдам повеќе време за вежбање.
ПАНЧО ДНК
Изминатата 2021 година беше година на предизвици, страв, неизвесност и комплетно запознавање себеси. За среќа, пандемијата стивнува и работата која беше една од најзасегнатите тргна напред, но и знаеше да застане. Со еден збор ТУРБУЛЕНТНА година, но најбитно од сè е што најблиските и саканите ми се на број, а сè друго што не зависи од нас ќе го поправиме кога ќе се вратиме во првобитна состојба.
Здравје, пред сè, за мене и за моите најблиски и си посакувам полна арена „Борис Трајковски“ за 20-годишниот ДНК јубилеј.
За среќа, ги имам сите и само би сакал да ги задржам како и досега во изминативе 15 години. :)
ДАВИД МУККА
Оваа година за мене беше најпродуктивна и динамична како на музички, така и на актерски план. Имав чест и задоволство да бидам дел од веројатно најголемите македонски филмски и сериски проекти, извадив прв албум MONSTERS под сопствено име како соло артист, и воедно обезбедив терен да се чувствувам многу возбуден секој пат штом помислам на она што го крие иднината.
Сакам 2022 да ни донесе многу музички настапи и концерти, прв балкански Netflix проект од кој ќе бидам дел и интернационални, како и национални подвизи во музиката и филмот. Небото НЕ е граница. Не верувам во граници.
Сакам да се радувам што повеќе на квалитетни успеси на луѓето околу мене. Сакам да уживам во туѓите способности и подвизи и сакам сите да си помагаат и да се бодрат меѓусебно, наместо фигуративно да си ги сечат нозете, бидејќи ако тоа се случи ќе знам дека ги тргнале комплексите и се изреализирале пред себе. Со тоа, потоа доаѓа и физичкото и менталното, па и духовното здравје по природен тек. Јадете крофни и фајт д паур!
За детално читање на овој текст, погледнете на 16-17 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈАНУАРИ 2022).
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци