Фармацевти
Контакт

<< Назад

Носна полипоза

април 1, 2021

Прим. Спец. д-р Маја Кирјас
Хирург-оториноларинголог
Клиника за оториноларингологија
Клинички центар Скопје

|



Анамнестички податок за отежнато дишење на нос со различен интензитет – еднострано или двострано, перзистентни главоболки, зголемена назална секреција, хипоосмиа или аносмиа  укажува  на носна полипоза или присуство на полипоидни формации во сино-назалниот регион.

Носната полипоза  претставува  хронична инфламаторна реакција каде е инволвирана мукозата на носот и параназалните синуси. Покрај мислењето дека полипите се бенигни творби (фиброми, миксоми, аденоми), кај голем број пациенти   се воочува   хипертрофично воспаление на слузницата (rhinitis hypertophica polyposa), или   воспалителен едем на слузницата. Носната полипоза се смета за комплицирана форма на риносинузит, која може да постои како изолирано заболување или здружено со бронхијална астма, пречувствителност  на нестероидни антиинфламаторни аналгетици, алергиски ринитис и пореметен мукоцилијарен транспорт. Болеста е  ретко присутна во детската популација, освен кога е придружно заболување на некоја системска болест како што е цистичната фиброза или муковисцидоза (која се наследува автозомно рецесивно).

При група поделба разликуваме етмоидални  и антрохоанални полипи. Носната полипоза има застапеност кај повеќе заболувања како: алергиски ринитис кај деца и возрасни, астма кај возрасни, цистична фиброза кај деца и возрасни, неалергиски ринитис, примарна цилијарна дискинезија, интолеранција на стероиди, алергиски фунгален риносинузит.

Полипот претставува едематозен сакус  (на изглед блед, мазен, стаклест, во форма на грозд, нечувствителен на допир), прекриен со нормален респираторен епител, кој воедно е многу оскудно инервиран и крвоснабден. Содржи жлезди кои се цистично дегенерирани, а самата содржина на полипот има голем број на дегранулирани маст клетки и висока концентрација на хистамин 80-90 %. Би го дефинирале како присуство на мултипли,  билатерални полипоидни формации во сино-назалниот регион.

Предилекционо место на појавување на полипоидните формации во сино-назалниот регион е остиомеаталниот комплекс. Најчестите места на појавување на етмоидалните полипи се: procesus uncinatus, bulla ethmoidalis и медијалната страна на средната носна школка. Од ова заболување страда околу 2 % од вкупната популација со предоминација кај машката популација во сооднос  2:1, додека пикот на оваа заболување е кај популацијата над 50-годишна возраст.



Првични симптоми на носната полипоза (НП) се  носна конгестија и носна опструкција од различен степен. Кај пациентите се воочува профузна ринореа каде секретот со тек на време станува сè повеќе вискозен  postnasal drip, редукција на мирис  – hyposmia, или губење – anosmia, губење на чувство за вкус, лицева болка, кивање. Неретко се случува полипоидните маси да протрудираат од носот.

Основата за настанок на  носната полипоза е хронично воспаление. Околу 90 % од носните полипи се еозинофилни, додека само мал процент (10 %) се нееозинофилни полипи, а како причинители ги наведуваме неутрофилите и лимфоцитите. И покрај тоа што  доминираат еозинофилите, носната полипоза не треба примарно да ја сметаме за болест настаната  од алергиска природа.

Дијагностички  добро земената анамнеза е битна за определување на етиолошката причина на нивниот настанок (кој е честопати идиопатски), предна риноскопија која се реалира кај масивната полипоза каде е оневозмозена фибер-назалната ендоскопија (со што добиваме прецизна и детална егзаминација на носните кавуми).

Рендгенската снимка (Hutrz) има само ориентациско значење, но недоволно. Доколку се компарира ендоскопското и рендгенографското испитување (по Hurtz) се укажува на мала можност за прецизна ендоморфолошка проценка на состојбата на слузницата на максиларните синуси врз основа на класичниот рендгенограм.

Неопходно е  реализирање компјутерска томографија (КТ), особено 3D со што се добива јасна претстава за  анатомските структури, можната протрузија на самите  полипи  и патолошките процеси.

Компјутерската томографија апсолутно ни помага во описот на коскените и мекоткивните структури (procesus uncinatus, остиомеаталниот комплекс, bula etmoidalis, среден носен ходник, етмоидалните, максиларните синуси со нивното природно и акцесорно устие , фронталните синуси со назофронталните канали, сфеноидните синуси, носната преграда, хоаните...).



Диференцијално дијагностички е неопходно да се исклучи сомнежот за малигни тумори, инвертен папилом и во детска возраст менингокела. Хистопатолошката верификација е неопходна  кога полипот се отстранува за прв пат или кога е унилатерален.

За разлика од етмоидалните полипи, антрохоаналните се  бенигни полипоидни формации кои  започнуваат од максиларниот антрум и се екстендираат до хоаните. Презентиран речиси секогаш унилатерално антрохоаналниот полип – (Killian) започнува од инфламираната едематозна мукоза на максиларниот антрум и е изграден од три компоненти. Антралниот дел – секогаш цистичен и другите два – секогаш солидни. Поминува секогаш низ максиларниот остиум во средниот меатален ходник каде се екстендира до назофаринкс/орофаринкс. Цистичниот дел скоро секогаш потекнува од постериорниот, инфериорниот, латералниот и медијалниот ѕид на маскиларниот антрум, и се припојува со солидниот полип со педикул во носниот кавум. АХП е застапен од 3 до 6 % од сите сино-назални полипи.

Точната етиологија е непозната, но се мисли дека инфекциите се главната причина. Кај 25 % од АХП имаме дијагностицирано хроничен риносинузит, но врската сè уште не може да биде потврдена. Во споредба со другите сино-назални полипи се појавуваат кај неатописки пациенти, кај популација од 3 до 5 декада, почесто машката популација.

Клинички се манифестира со носна опструкција од различен степен, ринореа, рчење – дишење на уста, главоболки, епистакса, хипоосмиа, халитосис, диспнеа... Дијагнозата како и кај етмоидалните полипи е речиси идентична во однос на добро земената анамнеза, бактериолошка анализа, предна риноскопија, фибер-назална ендоскопија и најбитно CT-imaging каде постои унилатерална опацификација на максиларниот синус, визуелизирајќи назофарингеални маси (дефинирана маса со дензитет на лигавица) која води потекло од максиларниот синус со проширен максиларен остиум и без коскена деструкција. Самиот назив е добиен според патот низ кој минува – низ задниот отвор на носните хоани во епифарингсот...

Диференцијално дијагностички е неопходно да се исклучи јувенилен ангиофибром, назален глиом, инвертен папилом, мукокела, мукозна ретенциона циста, лимфом, назофарингеални малигни тумори.

Етмоидалните полипи се најчесто од алергиска природа, мултипли формации – форма на грозд, потекнуваат од етмоидалниот лавиринт, се визулелизира лесно со предна риноскопија, најчесто билатерални, често рецидивирачки, додека антрохоаналните полипи се најчесто од инфективна природа, унилатерални, потекнуваат од максиларниот антрум, се визуелизираат со задна риноскопија, рецидиви –ретки...

Третманот кај полипите е хируршки: Caldwell-Luc, FESS-функционална ендоскопска синусна хирургија, coblation-радиофреквентна термотераписка индукција (RFTTI) – амбулантски, неинвазивен третман!

За детално читање на овој текст, погледнете на 4-5 стр. во електронското издание на BETTY магазин (АПРИЛ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>