Фармацевти
Контакт

<< Назад

Обединети против ракот

февруари 1, 2020

|

прим. д-р Добрила Андоновска
СПЕЦИЈАЛИСТ ПО ПЛАСТИЧНА И РЕКОНСТРУКТИВНА ХИРУРГИЈА ВО „ONE-HOSPITAL“ ТЕТОВО



По повод 4 февруари, Светскиот ден за борба против ракот, тргајќи ги настрана статистиките и застрашувачките податоци, решивме да споделиме неколку информации во врска со хемотерапијата – лекување кое е дел од самата борба со оваа глобална и брзорастечка епидемија.

За жал, хемотерапијата секогаш нè асоцира на тежок и макотрпен процес и се занемарува фактот дека најчесто таа е еден од клучните начини со кој се бориме против малигните заболувања. Лекарствата кои се дел од хемотерапијата најчесто предизвикуваат несакани дејства коишто будат страв кај пациентот. Важно е да бидете доволно информирани од страна на вашиот лекар, кој ќе ве предупреди за тие појави и да запаметите дека станува збор за минливи промени во вашето тело. Сите несакани ефекти се краткотрајни и по завршувањето на терапијата постепено ќе почнат да исчезнуваат.

Хемотерапевските лекарства ги погаѓа оние делови од телото каде што клетките се размножуваат побрзо, како хранопроводниот систем, косата, кожата, коскената срж... Не придавајте им големо значење на непријатните промени што ве очекуваат и сконцентрирајте се на позитивната мисла којашто ќе се заснова врз лековитото дејство на терапијата. Доколку по консултацијата со вашиот лекар увидите различни промени од предвидното, пријавете го тоа и доколку е потребно, вашиот лекар ќе направи промена во дозирањето или во видот на лекарствата.



Алопеција

Делумното или, пак, целосното опаѓање на косата е првата работа на која ќе се сетиме кога станува збор за хемотерапијата. Опаѓањето на косата најчесто повеќе делува на менталното здравје на пациентот, кој овој процес го доживува како емоционално страдање. Покрај косата, зависно од типот на терапијата, дозирањето и содржините на лекарствата, можно е и опаѓање на трепките и веѓите. Промените се индивидуални и се разликуваат од пациент до пациент, но она што треба секогаш да ви е на ум е дека по завршување на лекувањето, косата, веѓите и трепките почнуваат да се обновуваат.

Како да постапите?

Првиот чекор што треба да го направите е да ја засакате помислата на позитивните промени што ви претстојат. Иако губењето на косата не може да се спречи, сепак има начини со кои може да си го олесните овој процес. Бидете подготвени дека новонастанатата ситуација ќе го промени вашиот физички изглед и повторувајте си дека тоа, всушност, служи за да го подобри вашето тело.

Откако ќе започнете со терапија, доколку забележите дека косата почнува да ви паѓа, размислете за скратување или пак целосно потстрижување. Гледајте на тоа како да си создавате сосема нов имиџ и бидете горди за храброста со која се соочувате со оваа болест. Користете лесни шампони со помалку хемикалии и меки четки за коса. Избегнувајте го сушењето со фен или, пак, помислете си само на тоа колку побрзо би се подготвиле за излегување со кратка коса. Секогаш заштитете ја главата од сонце со капи или, пак, доколку сте изложени на сончева светлина подолго време, со креми за сончање. Ова се миговите во вашиот живот кога имате целосна слобода да бидете креативни како никогаш досега. Користете шарени шамии, турбани или несекојдневни капи.



Ако вашиот пријател се соочува со ваков проблем...

Избегнувајте ја реченицата „ќе ти порасне пак“. Точно е дека по завршување на терапијата косата ќе почне да расте и пациентите најчесто се свесни за тоа, но особено во првите денови таа реченица нема да ви биде од корист. Дозволете му на пријателот да ја сподели својата болка од настанатата промена и ислушајте го. Бидете подготвени на емотивниот удар кој може да го почувствувате при првата средба со вашиот пријател чија коса е целосно опадната. Сочувствувајте со неговата тага и потсетете го дека ова е само видливиот дел од промените што му се случуваат и дека убавата вест е дека внатрешните промени се многу позитивни за неговото тело. Следете го говорот на неговото тело. Доколку вашиот пријател почне да плаче, дозволете му да се исплаче. Ако пак гледате дека се труди позитивно да се носи со последниците од  алопецијата, насмевнете се и кажете му дека одлично изгледа. Користете зборови со кои ќе му дадете до знаење дека без разлика на сите овие промени, вие секогаш ќе бидете со него.

За детално читање на овој текст, погледнете на 4-5 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ФЕВРУАРИ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>