д-р Ариф Пини
спец. по интерна медицина
|
Според Светската здравствена организација тутунски производ е производ кој е целосно или делумно направен од тутун кој е наменет за пушење, шмукање, џвакање и вдишување. Додека, пак, тутунски корисник е секој корисник на каков било тутунски призвод. Пушењето е масовна појава и втор вид на злоупотреба на психоактивни супстанции (никотин), веднаш по кофеинот. Истражувањата покажале дека мажите повеќе пушат кога се уморни, додека жените пушат во стресни ситуации. Никотинот и другите слични алкалоиди влијаат на психоактивната состојба и заедно со катранот (остаток кој содржи смола и други пропратни соединенија) имаат негативни здравствени последици. Тие последици вклучуваат рак на белите дробови, рак на грлото и рак на устата, срцеви болести, удари, емфизем, хроничен бронхитис и дегенерација на кожата. Повеќето луѓе го поврзуваат пушењето цигари со проблемите во дишните органи и појавата на рак на белите дробови. Истражувањата покажуваат дека пушењето цигари е одговорно за околу една петтина од сите смртни случаи предизвикани од срцеви болести. Пушачите имаат од два до четири пати поголем ризик од болести на кардиоваскуларниот систем и околу 70 проценти повисок ризик од смртност како последица на болестите на кардиоваскуларниот систем во споредба со непушачите.
Никотинот, основната психоактивна хемикалија во тутунот, според тоа и во цигарите, создава психолошка зависност, но не и физиолошка (при прекин на консумирање цигари не доаѓа до соматски синдром на повлекување во себе, каков што предизвикуваат дрогата или алкохолот). Според статистиките, секоја испушена цигара го намалува животниот век на пушачот за 11 минути. Скоро една половина од пушачите умираат од болести предизвикани од цигарите и во просек губат по 14 години од животот. Кај бебињата на трудниците-пушачи се појавуваат вродени мани, како и психички и физички пречки во развојот. Докажано е дека чадот од цигарите е штетен и за пасивните пушачи. Чадот кој го внесуваат пушачите во себе содржи поголем број на канцерогени материи отколку оној кој го издишуваат и содржи помали честички, кои полесно се апсорбираат во клетките на телото. Пасивниот чад може да предизвика рак на белите дробови и кај непушачите, како и болести на срцето кај возрасните. Кај деца кои се изложени на пасивен чад може ненадејно да се појават инфекции на ушите, на дишните патишта, како и напади на астма. Научните докази покажаа дека секое изложување на пасивен чад е опасно.
Исто така, новите истражувања покажаа дека чадот од трета рака, оној кој пасивните пушачи го пренесуваат на трето лице, ја зголемува веројатноста за појава на заболувања на белите дробови.
Токсични состојки во чадот од цигари
Чадот од цигари се вдишува во белите дробови и од таму патува низ телото, предизвикувајќи штета на бројни начини, вклучувајќи:
-Никотинот стигнува до мозокот за 7 до 10 секунди по вдишувањето на чадот. Никотинот е пронајден во секој дел од телото на пушачот, вклучувајќи го и мајчиното млеко. Исто така, зависноста е како од хероин.
-Јаглерод моноксидот, кој е присутен во чад од цигари, се врзува за хемоглобинот во црвените крвни клетки, спречувајќи ги овие клетки да го носат целиот кислород што го содржат. Ова може да доведе до симптоми на труење со јаглерод моноксид.
-Агенсите што предизвикуваат рак (канцерогени) во чадот од тутун ги оштетуваат важните гени кои го контролираат растот на клетките, предизвикувајќи при нивното растење абнормално или пребрзо да се репродуцираат. Повеќе од 70 такви хемикалии предизвикувачи на рак се идентификувани во чадот од цигари до денес.
-Пушењето влијае на функционирањето на имунолошкиот систем, предизвикувајќи оксидативен стрес. Ова, од своја страна, предизвикува мутација на ДНК. Исто така, се смета дека оксидативниот стрес придонесува во процесот на стареење. Антиоксидантите се природен начин на борба против оштетувањето при оксидативниот стрес кој го предизвикува во клетките на телото. Пушачите имаат помалку антиоксиданти во својата крв отколку непушачите.
-Пушењето е поврзано со повисоки нивоа на хронично воспаление, уште еден штетен процес кој може да резултира со оксидативен стрес.
-Чадот од цигари содржи радиоактивни тешки метали кои „се држат“ до катранот што се собира во белите дробови на пушачите. Со текот на времето се верува дека ова е еден од факторите на ризик за рак на белите дробови кај пушачите.
Како чадот од цигарата дејствува на човековиот организам
Чадот од цигарите има силно влијание и тоа на бронхиите (во белите дробови) предизвикувајќи: кашлица, долготрајно кашлање, особено наутро темен искашлок. На белите дробови: со зголемувањето на бројот на испушени цигари се зголемува опасноста од појава на рак на белите дробови. Ако се пуши по 20 цигари на ден во текот на 20 години, шансата за добивање рак на белите дробови е 1:14 или 1:10 кај оние што пушат по 30 цигари дневно во текот на 20 години (во чадот од цигарата се ослободува бензпирен, нитрозамин и други канцерогени материи). На горните дишни патишта: постои зголемена опасност од појава на рак на усните, јазикот, усната празнина, грлото и хранопроводникот, поради присуството на материи кои се содржани во катранот. На срцето и крвотокот: кај лица кои пушат над 20 цигари на ден во текот на 20 години, 3 пати е поголема шансата за добивање срцев инфаркт. На мозокот: постои опасност од хронично (долготрајно) труење со јаглероден моноксид со зафаќање на сите функции на мозокот, особено моќта на запазување, што е особено значајно за пушачите-возачи. Исто така, поради промени во крвните садови на мозокот, може да дојде до појава на мозочен удар (шлог). На екстремитетите, особено на нозете: стеснувањето на крвните садови доведува до силни болки особено во нозете, во потешки случаи води до затнување на крвните садови и до изумирање на ткивата. На другите органи: рак на желудникот, хранопроводникот, панкреасот, бубрезите и мочниот меур многу почесто се јавува кај пушачи, отколку кај непушачи. На кожата: кожата побрзо старее, почесто се јавуваат брчки кај пушачите. Сиво-жолтата кожа е одраз на дејството на никотинот врз крвните садови на кожата. Врз сексуалниот живот: вдишениот чад од цигари е најчестата причина за неплодност кај мажите, како и за импотенција. Врз бременоста: тешки оштетувања на плодот, поради пушењето на мајката уште во првите денови на бременоста (принудно пасивно пушење на нероденото, за време на хроничното труење со јаглен моноксид). Бебето се раѓа со намалена телесна тежина (за 300-500 г.), а следува и забавување на менталниот развој на детето. Врз квалитетот на животот: придружните дејства на пушењето се појавуваат во средните години од животот и можат да влијаат врз квалитетот и задоволството во животот преку оштетување на крвотокот, потреба од воздух, појава на ангина пекторис и др. Сите овие нарушувања може да се појават по еден подолг период (по 1-2 децении).
Одвикнување од пушење
Во денешно врме распространетоста на информациите за штетноста на пушењето се толку големи што, всушност, не постои човек кој не знае дека пушењето е штетно за здравјето. Некои поради тоа се држат подалеку од овој порок, но често луѓето го избегнуваат фактот дека цигарите можат да бидат смртоносни и продолжуваат да уживаат во пушењето. Од друга страна, денес сè повеќе пушачи се обидуваат да се откажат од цигарите. Дел од нив поради финансиите, а дел поради тоа што сакаат да го заштитат своето и здравјето на своите најблиски. Откажувањето е тешко, но не и невозможно. Милиони луѓе низ светот секоја година се откажуваат од оваа штетна навика. Потребно е да постои силна мотивација, волја и да се побара и медицинска помош.
Зависноста од тутун претставува хронично заболување, стекнато особено за време на адолесценцијата. Како и да е, секој здравствен работник мора да ја смета употребата на тутун како опасна по здравјето, дури и ако не постои зависност од тутун. Мал е бројот на возрасни луѓе што пушат само од навика, без да постои зависност од тутун.
Успешното откажување од пушењето (ремисија) претставува комбинација од терапевтско образование, бихејвиорална помош и фармакотерапија. Веројатноста за успех зависи од подготвеноста и мотивацијата на корисникот на тутун да се откаже, од никотинската зависност, од возраста, коморбидитетот и од многу други лични фактори.
Некои пушачи се откажуваат без да им се укаже каква било помош, така што кај некои помош не е потребна. Но, факт е дека голем број на пушачи имаат потреба да им се укаже соодветна помош.
Зависноста од тутун е хронична болест со висок ризик на појава на релапс по престанокот на употребата на тутун. Кај половината од пушачите што се откажале од пушење релапс се јавува уште во текот на првата година. Процентот на појава на релапс е поголем во првите недели од откажувањето, така што во клиничката пракса се препорачува долгорочно следење, во период од најмалку шест месеци, а по можност и 12 месеци, со цел да се потврди апстиненцијата и да се покрие периодот на највисок ризик за појава на релапс. Дури и по неколку години апстиненција, ризикот од релапс е сè уште висок. Кризата за цигара е главниот фактор на појавата на релапс. Кризата за цигара, која тешко може да се контролира, треба да се третира со едно напредно советување (помош) и/или фармакотерапија. При секој контакт со пациентот треба да се прави процена на кризата за цигара и на апстиненцијалните симптоми. Неконтролираните кризи за пушење и неконтролираните апстиненцијални симптоми треба да се третираат со засилено советување (помош) и/или фармакотерапија. При третирањето на кризата за цигара, стандардниот третман може да се надополни со одредени препарати на никотинската заменска терапија (НЗТ), особено во случај на акутни состојби, но потребни се нови студии на процена и нови ефективни методи за третман на кризата за цигара.
Јасен, но краток совет за престанок на пушењето, обезбеден од кој било давател на здравствени услуги, значително ја зголемува мотивацијата кај пациентот за откажување и степенот на апстиненцијата. Анализата на времетраењето на контактот помеѓу лекарот и пациентот укажува дека минималната консултација (3 – 5 минути) што ја нудат некои лекари, ја зголемува долготрајната апстиненција од пушење. Постојат некои докази што укажуваат на тоа дека е поефективно да му се понуди помош за откажување на секој пушач, без оглед на неговата подготвеност да се откаже од пушење, отколку да му се нуди совет во врска со здравјето во услови на зголемување на обидите за откажување кај пациентот. Минималната консултација (исто така, позната како краток совет) може да има суштествено влијание врз јавното здравје, поради големиот број пушачи што се консултираат со лекарите секоја година. Сите здравствени работници, односно општите лекари, матичните лекари, лекарите по трудова медицина, специјалистите, хирурзите, медицинските сестри, акушерките и стоматолозите треба да им нудат минимална консултација на лицата кои употребуваат тутунот. Стоматолозите и стоматолошките техничари можат да бидат ефективни во евалуацијата на состојбата и во советувањето на пушачите да се откажат од пушење. Успешното откажување од пушењето (ремисија) претставува комбинација од терапевтско образование, бихејвиорална помош и фармакотерапија. Никотинските заменски терапии се достапни во форма на трансдермални препарати (лепенки), препарати за перорална употреба (гуми за џвакање, пастили, сублингвални таблети, инхалатори), а во некои земји и во форма на назален спреј. Во последно време дозирањето е приспособливо, така што ретко се користи фиксното дозирање.
За детално читање на овој текст, погледнете на 28-29 стр. во електронското издание на BETTY магазин (АВГУСТ 2021).