Никола Матевски
Дипломиран фармацевт
ПЗУ АПТЕКА ДАТЕЛ ФАРМА, СКОПЈЕ
|
Знаеме дека човечкото тело не може да преживее без кислород, но покрај тоа истиот тој кислород се врзува со комплексни молекули кои се производ на нормалниот метаболизам и овозможува формирање слободни радикали. Слободните радикали се многу нестабилни, реактивни молекули кои дополнително реагираат и се врзуваат за други молекули во телото. Овој процес се нарекува оксидација и може да причинува штета на клетките и органите. Слободни радикали се создаваат постојано како дел од нормалниот метаболизам, но способноста на телото да се справува со нив се намалува со стареењето.
Што претставува оксидацијата?
Оксидацијата најлесно ќе се прикаже преку следниов едноставен експеримент. Едно јаболко е поделено на два дела. Едниот дел е оставен на страна, а другиот е премачкан со сок од лимон. По неколку часа првата половина од јаболкото ќе ја промени бојата, како резултат на процесот на оксидација. Втората половина, која претходно беше премачкана со сок од лимон, ќе изгледа исто како на почетокот од експериментот.
Лимонот овозможува антиоксидантен ефект поради антиоксидантите кои ги содржи – витаминот Ц и цитрусните биофлавоноиди. Тие се компонентите од лимонот кои го штитат јаболкото од реактивните и нестабилни слободни радикали, при што ги неутрализираат и ја спречуваат оксидацијата.
Нашето тело е способно да се справи со присутните слободни радикали, без да има потреба од дополнителен внес на дополнителни антиоксиданти, на два начина: примарно, преку сопствена продукција на антиоксиданти со кои ги неутрализира нормалните нивоа на слободни радикали, и секундарно, преку внес на храна која содржи антиоксиданти како витамин Ц и цитрусните биофлавоноиди од лимонот или каротеноиди (бета-каротин) од морковот.
Проблем се јавува кога сопствената синтеза на антиоксиданти, како и внесот на антиоксиданти преку храната не е доволен за да го неутрализира нивото на слободни радикали кои ги создава нашето тело. Ова најчесто се должи на неправилна исхрана (на пример, намален внес на овошје и зеленчук) и несоодветен животен стил кој го зголемува формирањето слободни радикали (на пример, стрес).
Во суштина антиоксидантите се надополнуваат и дејствуваат синергистички. Два или три антиоксиданти комбинирани даваат посилен ефект во споредба со нивна поединечна примена (од тука е и логиката да се внесуваат разни видови зеленчуци и овошја во исхраната).
Со цел да се осигура соодветен и доволен внес на антиоксиданти во организмот се препорачува:
- Внес на свеж зеленчук и овошје (препораките се 9 порции дневно, ама реално знаејќи како живееме, повеќе од 2 јаболка е успех, барем за почеток)
- Внес на квалитетни мултивитамини
- Спирулина (или други „зелени“ додатоци на исхраната)
- Астаксантин
Со следење на ваков диететски и режим со додатоци на исхраната би си овозможиле голем број на разновидни антиоксиданти, свежи ензими и фитонутриенти, витамин Ц, витамин Е и селен.
Што е астаксантин?
Астаксантинот е црвен пигмент од групата на каротеноиди. Природно го има во некои видови алги и ја дава црвената боја на лососот, јастогот, ракчињата и други видови на морска храна.
Може да се зема преку уста (храна и додатоци на исхрана) или да се нанесува директно на кожата како заштита од сончевото зрачење или од козметички аспект за намалување на брчките на кожата.
Се користи и како природно средство за боење во прехранбената индустрија (ракови, лосос, пилешко месо, јајца). Исто така, се користи и како додаток во храната на кокошките кои несат јајца.
Употреба на астаксантин
Макуларна дегенерација која е поврзана со стареењето
- Ова е состојба при која дел од ретината станува оштетена. Рани истражувања покажуваат дека дополнителен внес на астаксантин, зеаксантин, витамин Ц, витамин Е, лутеин, цинк и бакар го намалуваат оштетувањето на централната регија од ретината.
Диспепсија
- Истражувања во рана фаза покажуваат дека употреба на 40 милиграми астаксантин дневно го редуцира рефлуксот. Најдобри резултати прикажува кај диспепсија во присуство на инфекција со H. Pylori. Пониски дози не даваат позитивна промена на состојбата.
Зголемено ниво на холестерол
- Истражувања во рана фаза при користење на астаксантин покажуваат намалување на нивото на триглицериди и зголемување на нивото на HDL („добар“ холестерол) кај пациенти со зголемено ниво на холестерол. Исто така, комбинација на астаксантин со поликозанол, црвен ориз, коензим Q10 и фолна киселина го зголемува нивото на HDL („добар“ холестерол), а го намалува нивото на вкупен холестерол, триглицериди и LDL („лош“ холестерол) кај пациенти со зголемено ниво на холестерол.
Употреба на астаксантин при состојби на неплодност кај мажи, симптоми при менопауза (во комбинација со витамин Д3, ликопен и цитрусни биофлавоноиди) и третман на брчки, намален еластицитет на кожа и дехидратација на кожа дава позитивни резултати.
За детално читање на овој текст, погледнете на 8 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ФЕВРУАРИ 2021).