Фармацевти
Контакт

<< Назад

ОСТЕОПОРОЗАТА МОЖЕ ДА СЕ ПРЕВЕНИРА ДОКОЛКУ СЕ ОТКРИЕ НА ВРЕМЕ

октомври 1, 2024

Остеопорозата е болест која ги прави коските слаби и кревки, што во голема мера го зголемува ризикот за скршеници, дури и при мал пад или удар. Болеста нема очигледни симптоми, па многу луѓе не знаат дека имаат остеопороза додека не доживеат фрактура. Фрактурите можат да го променат животот, предизвикувајќи болка, инвалидитет и губење на независноста. Затоа е важно остеопорозата да се открие навреме и да се лечи или да се превенира кај ризичните популациски групи.
Остеопоротичните коски се подложни на скршеници дури и при мал пад, удар или ненадејно движење.
Занемарувањето или таканаречена клиничка инерција е клучна причина зошто остеопорозата и покрај нејзините сериозни реперкусии останува непревенирана, недијагностицирана и нетретирана.

• 3 од 4 (75%) пациенти со рана дијагноза на остеопороза се согласуваат дека таа била клучна за спречување на уште една фрактура*
• 4 од 5 (80%) пациенти со доцна дијагноза на остеопороза посакуваат да ја третирале порано, бидејќи сметаат дека би имале корист од тоа*

Кој заболува?

Заболуват лица од двата пола, над одредена возраст (жени>50г. мажи>70 г.) , но почесто жените во менопауза поради намалувањето на нивото на половите хормони кои имаат заштитна улога.

Ризик-фактори кои придонесуваат за порано јавување на остеопороза?

• Возраст над 45 години
• Ситна градба и мала телесна тежина (БМИ под 19)
• Рана природна или хируршка менопауза (пред 45 год.)
• Слаба физичка активност
• Недоволен внес на калциум преку храната
• Недоволен внес на витамин Д и недоволно сончање
• Одредени хронични заболувања како ревматоиден артрит, дијабет, болести на тироидната или паратироидна жлезда, улцерозен колит, кронова болест, малигни болести и др.
• Земање на одредени лекови, како на пример кортикостероиди (подолго од 3 месеци), антидепресиви или лекови за регулирање на киселината во желудникот
• Пушење или редовно консумирање алкохол (повеќе од 3 чаши на ден)

Доколку имате барем 3 од горенаведените ризици, консултирајте се со вашиот лекар за понатамошни иследувања и откривање на остеопорозата.

Како се дијагностицира?

На почеток вашиот лекар треба да направи нумеричка процена за ризик од појава на остеопороза, земајќи ги предвид демографските параметри и сите погоренаведени ризици. Тоа упатува на потребата од понатамошна евалуација на коскената густина со остеодензитометар. Најпрецизно мерење на коскената густина и проценка на ризикот за појава на скршеници се прави со остеодензитометрија, постапка која е брза, безболна и достапна во голем број здравствени институции низ Македонија. Таму може да ве упати специјалист интернист, ендокринолог, ревматолог, ортопед или физијатар.

Каде најчесто настануваат скршениците?

Најчето скршениците настануваат на ‘рбетниот столб, рачниот зглоб и колкот. Скршениците на ‘рбетниот столб можат да настанат и спонтано и се тешко воочливи, без повреда или удар, така што болниот воопшто не знае дека се случила скршеница.
Често единствен симптом е болка во долниот дел на грбот која пациентот не го асоцира на ваков сериозен проблем и се занемарува. Втор симптом е губење на висината, што е процес кој се воочува кога е веќе доцна.

Како се превенира и со што се третирата остеопороза?

Болеста остеопороза се превенира со воведување структурирана физичка активност во животниот стил, менување на животните и прехранбените навики, и суплементација со витамин Д и калциум, таму каде има потреба и толку колку е потребно по индикација која ја поставува вашиот доктор.
Пациентите кои имаат висок ризик за развој на остеопороза или возраст над 75 години, бременост, предијабетес или дијабетес потребно е емпириски да се суплементираат со витамин Д во доза до 800 ИЕ/ден, или по претходна препорака од доктор со поголеми дози. Пациентите кои веќе имаат дијагностицирана остеопенија (почетна коскена слабост), потребно е задолжително да се суплементираат со витамин Д и калциум во дози кои ги одредува доктор ординариус.

Пациентите кои веќе имаат дијагностицирана болест остеопороза покрај наведената суплементација, апсолутно е потребно да се третираат фармаколошки, со лекови, од групата на бифосфонати како прва линија на избор, со претходна препорака од доктор специјалист. Покрај бифосфонатна терапија, кај нас достапна е и терапија со моноклонални антитела.
Нашата препорака и апел до пациентите е да не се избегнува превенцијата и третманот на остеопороза, бидејќи добивката од третманот е многукратно поголема отколку штетата која може да ја направи дијагностиката и третманот.

Пишува: Д-р Наташа Недеска-Минова Специјалист интернист Супспецијалист дијабетолог

 

*Fight the Fracture-International Osteoporosis Foundation (IOF) Survey 2017 ‒ Regional
Consolidated Report. 17 July 2017. Available at:
https://www.osteoporosis.foundation/sites/iofbonehealth/files/2020-04/fight-the-fracture_0.pdf

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>