Фармацевти
Контакт

<< Назад

Остеопороза – Што е тоа, како се дијагностицира и како се третира

декември 1, 2023



Пишува: Проф. Д-р Ѓорѓи Зафировски - Специјалист по ортопедска хирургија и трауматологија во НЕУРОМЕДИКА

Остеопорозата е болест на коските што доверува до слаби и кршливи коски до тој степен што едно обично паѓање или слаб стрес, како што се наведнување, седнување, кашлање, кивање или нагло свртување, може да доведе до кршење коска.

Скршениците што се должат на остеопорозата настануваат во пределот на колкот, прешлените и на рачниот зглоб, но секоја коска може да биде скршена. Белата раса и азиските жени, особено постарите, што се во менопауза, се во поголем ризик.

Дефиницијата за остеопороза според СЗО гласи: намалување на густината на коскената маса на единица волумен за 2,5 ст. Девијации под здрава нормална коска на 30-годишна возраст, со што доаѓа до нарушување на архитектониката на коската и склоност кон фрактури.

Коската е живо ткиво - жив орган што постојано се менува, се гради и се разградува. Остеопорозата се појавува кога се намалува создавањето нова коска, а разградувањето на старата се зголемува.

Важност: Остеопорозата претставува голем глобален здравствен проблем во светот. Од остеопороза боледуваат милиони луѓе. Се претпоставува дека во иднина ќе има значително поголем број лица со остеопороза бидејќи популацијата на стари лица се зголемува поради продолжување на векот на живеење, а исхраната и стилот на живеење сè повеќе одат во прилог на развивање остеопороза. Пациентите со тешка форма на остеопороза и компликации од неа се неподвижни со неиздржливи болки. Кај остеопорозата нема типични симптоми во раната фаза на болеста, па затоа се вика тивка епидемија. Еднаш кога ќе ослабат коските, може да има симптоми и знаци што вклучуваат болки во грбот, слабината или во вратот, причинети од скршеници или колапс на прешленските тела. Тие болки понекогаш се драматични и тешко се смируваат со какви било средства против болка. Втор знак е загуба и намалување на висината на телото.
Трет знак е нарушен изглед на пациентот - промена на ставата. Четврти знак е кршење на коските, кое настанува и од минимална траума.
Причини за остеопороза - коските се во постојана обнова. Нова коска се создава, а старата се разградува. Кога сме млади, новата коска побргу се создава за разлика од старата што се разградува. Старата коска и коскената маса се зголемуваат и врвот го достигнуваат на 20 до 35-годишна возраст. Кога стареат луѓето, коскената маса се губи побргу од што се создава. Кога и колку ќе се развие остеопороза, делумно зависи колку коскена маса сме направиле во младоста. Поголем пик на коскена маса значи дека имаме повеќе коска во т.н. банка и помали шанси за остеопороза со стереењето.
Доколку сте белец или Азијат, имате поголеми шанси за остеопороза

Фамилијарна историја - доколку родителите имале остеопороза или близнак со остеопороза, и другите деца имаат шанси за остеопороза.

Телесна тежина - лица со помала телесна тежина од 60 кг и со тенка става имаат висок ризик за остеопороза.

Хормонско ниво - остеопорозата се јавува кај лица што имаат малку или многу од одредени хормони. Тука се корикостероидните хормони, ДМ, тироидни и паратиреоидни хормони, како и естрогените и тестостеронот.

Ризик-фактори - многубројни фактори може да го зголемат ризикот од остеопороза, а тоа се возраст, раса, стил на живеење, заболувања и лекарства.

Ризик-фактори надвор од нашата контрола - пол: жените многу почесто заболуваат од остеопороза од мажите, и тоа 4-5 пати почесто; и возраст - колку сме постари, толку е поголем ризикот од остеопороза.

Диетални фактори - ниско внесување калциум, заболувања и ГИТ, гит - ХИРУРГИЈА, ниско внесување витамин Д, користење лекови, стероиди и други лекарства - долготрајна употреба на кортикостероидни лекови, повеќе од 3 месеци, бидејќи го нарушуваат процесот на коскено обновување, лекови за епилепсија, гастричен рефлукс, хемотерапија кај канцер, ревматоиден артритис, ДМ, трансплантирани болни, животен стил - седечки навики, зголемена употреба на алкохол и пушење, кафе.

КОМПЛИКАЦИИ:
Кршењето на коските на ‘рбетот и на колкот се најсериозните компликации од остеопорозата. Се работи за постари личности со многубројни други заболувања, срцева слабост, анемичност, воспаление на белите дробови, ДМ, ХТА. Фрактурата претставува голем ризик за животот бидејќи 20 % од пациентите умираат во текот на годината кога настанува таа. Се работи за силни неиздржливи болки. Ваквите болни често имаат и контраиндикации за операции, но, за среќа, во нашата установа, поради карактерот на болницата, ние ги оперираме со голем успех. Голем број од овие болни остануваат и инвалиди.

ТЕСТОВИ И ДИЈАГНОЗА НА ОСТЕОПОРОЗАТА:
Густината на коскената маса може да се мери со машина што користи низок степен на рендгенски зраци за да се одреди густината на коскената маса. За време на овој безболен тест, што трае 5-10 минути, пациентот лежи на маса, а скенерот поминува над телото и ги мери региите од слабинскиот дел, колкиовите и рачниот зглоб. ГКМ се одредува компјутерски, и тоа се одредува Т-скор во ст. девијации. Овој тест се вика ДЕКСА - дензитометрија.

Златниот стандард за откривање остеопороза е дензитометријата. Овој тест е признаен и препорачан од Светската здравствена организација. Дензитометријата го проценува количеството минерална материја на квадратен сантиметар коскено ткиво и на тој начина ја цени издржливоста на скелетот, односно неговата цврстина. Овој метод е единствен поради својата прецизност, што покрај дијагноза, овозможува и презицно следење на резултатите од лекувањето. Информациите од дензитометријата се единствен прецизен параметар во менаџирањето на остеопорозата.

ЛЕКУВАЊЕ:
Препораките за лекување се базираат врз основа на пресметаниот ризик од кршење на коските во следните 10 години. Ако не е голем ризикот, нема да бидат вклучени лекови, туку се фокусираме на животниот стил. Најчесто се препишуваат бисфосфанати: алендонатфосамакс, ризедронат актонел, ибандронатбонвива и золендронична к. рекласт.
Хормонска терапија: ралохифен - СЕРМ и тестостерон, други лекови за остеопороза, деносумаб (пролија), терапептиде фортеа, радиоактивен СТ, стем-клетки и фетална коскена срцевина.

Животен стил и превенција - не пушете, не пијте алкохол, превенирајте паѓања, користете здрава вода, здрава храна и чист воздух. Внесувајте калциум 1.000-1.200 мг - млеко и млечни обезмаслени производи, зеленчук, риби, лосос, сардини, соја, грав, кромид, лук, зелка, карфиол, магодонос, овошје, сок од портокал, внесувајте Д-витамин, јајце, џигер, риби - 600-800 ЈЕ, безбедна доза е и до 4.000 ЈЕ. Вежби во младоста, но и во текот на целиот живот, пешачење, џогирање, трчање, скокање, скијање, јога, пилатес, фитнес.

ПРЕПОРАКИ ОД СЗО:
• ДЕКСА е златен стандард за мерење ГКМ;
• БМД - скринингот треба да почне на 65-годишна возраст кај сите жени;
• Доколку има ризик-фактори, по 50-годишна возраст, а доколку има фрактура, и порано;
• ФРАК секоја година, dexa scan секоја втора година;
• Следење на успешноста од лекувањето.

Добра вест е што остеопорозата може да се превенира и може да се лекува. Најдобро е да не дојде до првата фрактура бидејќи, по неа, обично доаѓа и до други. Никогаш не е доцна да се почне со превенција и лекување на остеопорозата. Превенцијата инволвира неколку аспекти: нутриција, вежби, животен стил и ран скрининг.

За детално читање на овој текст, погледнете на 04-06 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Декември 2023).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>