Фармацевти
Контакт

<< Назад

Остеопороза

ноември 1, 2022


Д-р мед. сци. Афродита Димовска Шетлов


Остеопорозата е здравствена состојба која се карактеризира со намалување на коскената густина и со зголемена фрагилност на коските.

Настанува кога процесот на формирање нова коска не може да го следи процесот на губиток на старата. Ги напаѓа и мажите и жените од сите раси, но жените од белата и од жолтата раса, особено во постменопаузалниот период, се со најголем ризик.

Ризик-фактори за појава на остеопороза:
• Пол - жените се поподложни од мажите;
• Возраст - повозрасните се со поголем ризик;
• Раса - белата и жолтата раса се со поголем ризик;
• Фамилијарна историја - позитивната фамилијарна историја има поголем ризик;
• Ниво на хормони - ниските нивоа на естроген го зголемуваат ризикот, високите нивоа на тироидните хормони го зголемуваат ризикот исто како и високите нивоа на адреналните хормони;
• Мало внесување калциум;
• Болести на исхраната;
• Долготрајно користење орални или парентерални кортикостероиди;
• Медицински состојби - целијакија, карциноми, болести на црниот дроб и бубрезите, мултипен миелом и ревматоиден артритис;
• Седечки начин на живеење;
• Злоупотреба на алкохол;
• Пушење.

Симптомите на остеопорозата вклучуваат:
• Болка во грбот, најчесто предизвикана од скршеница или колапс на прешлените;
• Намалување на висината со текот на времето;
• Нарушена постура;
• Кршливи коски, коски што се кршат многу полесно од очекуваното.

Компликациите од остеопорозата се фрактури на колкот или ‘рбетот. Фрактурите на колкот настануваат при пад и го зголемуваат ризикот за инвалидитет на лицата со остеопороза. Фрактурите на ‘рбетот може да настанат и без пад, при што прешлените ја губат коскената густина до степен кога колабираат.

Дијагнозата се поставува со изведување DEXA-скен. DEXA-скенот претставува медицинска имиџинг-процедура, која користи ниско ниво на Х-зраци и со која се мери густината на коската. Најчесто се мери густината на L-’рбетот и на колкот.

Превенцијата за настанување остеопороза вклучува:
• Внесување калциум од 18 до 50-годишна возраст. Треба да биде 1.000 mg дневно, а над 50-годишна возраст 1.200 mg дневно. Храната што содржи високо ниво на калциум е: млечни производи со ниско ниво на масти, зеленолистест зеленчук, сардина или лосос конзервиран со коски, продукти од соја, како тофу, и сок од портокал;
• Внесување витамин Д - дневните потреби на витаминот Д под 50-годишна возраст изнесуваат 600-800 IU. Над 50-годишна возраст тие потреби се зголемуваат над 1.000 IU дневно. Кај лицата што не- маат воопшто изложеност на сонце или таа е намалена дневните потреби достигнуваат до 4.000 IU;
• Вежбање - вежбањето помага во изградба на јаки коски, како и забавување на коскениот губиток. Комбинацијата на вежби за сила со тежина и баланс е најидеална.

Третман
Кај дијагностицирани пациенти со остеопороза се преминува кон нејзин третман. Лекови што се користат во лекувањето се бисфосфонати и деносумаб. Физикалната терапија кај овие пациенти се применува кога ќе се појават последиците од остеопорозата, т.е. во лекување скршеници, кои најчесто се јавуваат во пределот на ‘рбетот (прешлените), колкот и подлактницата.

Се употребуваат сите физикални модалитети: сонотерапија, електротерапија, магнетотерапија, ласеротерапија и, секако, најважно од сѐ - кинезитерапија (вежби). Натамошните препораки вклучуваат воведување на превентивните мерки во секојдневниот живот во одност на исхраната, внесувањето суплементи и, секако, редовното вежбање.

За детално читање на овој текст, погледнете на 20-21 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Ноември 2022).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>