Фармацевти
Контакт

<< Назад

Отпорноста е вештина која се учи

мај 1, 2021

Катерина Златановска Попова
сертифициран советник за развој на кариера

|

мај 2021 Совети за здравје

Коронакризата која повеќе од една година е дел од нашето секојдневие засекогаш го смени нашиот живот. Борбата не се одвива само и единствено на здравствено поле, туку вирусот и пандемијата ја зафатија силно и економијата. Различни бизниси од повеќе сектори, како што се: туризмот, угостителството, авиоиндустријата, текстилната индустрија, образованието, многу професии и работни места се редефинирани и затворени, а начинот на кој вообичаено работевме, комунициравме и контактиравме се префрли во голем процент во виртуелниот свет.

Кога ќе успееме да се избориме со болеста која сама по себе е исцрпувачка, тешка, неизвесна и долготрајна, вистинското прашање што пред нас ќе се отвори е, всушност, како да ја преживееме пандемијата со сите изгубени работни места, загрозена егзистенција, намалени или никакви приходи, отворени долгови, неизвесна иднина.

Вирусот ковид-19 ни покажа колку сме ранливи, но воедно ни даде шанса да ја покажеме нашата жилавост и отпорност.

Ако сакаме да го најдеме одговорот на прашањето: Како да ја преживееме пандемијата?, клучно е да се навратиме на нашите вредности, на нашите лични особини, односно вештини кои ни служат во животот како алатки за преживување.

Пандемијата и сите случувања поврзани со неа нѐ потсетија дека отпорноста е  можеби една од најважните вештини која треба да ја зајакнеме и на која можеме да се потпреме во секој момент од нашиот живот.

Што, всушност, е отпорност или жилавост? Ако е дарба, како да ја пронајдеме во себе, ако е вештина, како да ја развиеме, како да ја изградиме и да ја развиваме ако е дел од нашето битие?

Отпорност или жилавост (на анг. resilience) е вештина која ние луѓето ја градиме, ја јакнеме и ја надополнуваме преку секоја „бура“ или низ секој тежок момент во нашиот живот. За сликовито да ви ја претставам, замислете си дрво чии гранки и стебло се веднат и се виткаат при налетот на секоја бура, дожд, невреме или ветер, но потоа одново успеваат да се исправат, да се разгранат и да се раззеленат.

Отпорноста, всушност, ни помага да ги надминеме предизвиците и исклучително е важно да ја развиваме постојано и непрекинато, бидејќи не е прашање дали во животот ќе бидеме соочени со „бура“, туку е поважно да бидеме свесни дека кога ќе бидеме соочени со „бура“ ќе знаеме како да се издигнеме и да продолжиме да дишеме.

Добрата вест е што вештините се градат, можат да се вежбаат, исто како мускулите во нашето тело, па така и вие можете да почнете секојдневно да работите на зајакнување на вашата отпорност и жилавост. Еве неколку практични техники како да ја „набилдате“ вашата отпорност:

  1. Имајте на ум дека вашиот живот го сочинуваат повеќе различни сегменти: работа, приватен живот, социјален живот, потесно и пошироко семејство, пријатели, училиште, здравје... Организирајте ги и запишете ги секој во посебна колона и за секој наведете што во моментот ви се случува во тој сегмент; ќе забележите дека секој сегмент е различен во различни фази и моменти во вашиот живот и во секој сегмент се соочувате со различни видови  предизвици и токму затоа е клучно да ги разгледувате одделно. На овој начин ќе имате јасна слика каде да ја насочите својата енергија, што е тоа што треба да го смените и подобрите, кој сегмент е потребно да го зајакнете во тој момент.

  2. Идентификувајте ги активностите кои се во рамките на вашата контрола, и воедно издвојте ги факторите кои се надвор од вашата контрола. Ова ќе ви користи во секоја прилика кога ќе се најдете исправени пред некој проблем и кога ќе се обидете да го решите; секогаш решението барајте го во рамките на она што е во ваша контрола, она врз кое можете да влијаете... Она што е надвор од ваша контрола никогаш нема да можете да го смените и затоа воопшто не трошете ја својата енергија.

  3. Кои се вештините (сет на способности) во кои сте природно добри? Која од овие вештини најчесто ви помага при решавање на предизвиците и проблемите?

  4. Кои се активностите кои ве полнат со енергија и добро расположение? Што ве исполнува и уживате да го правите?

  5. Што ве зајакнува? Од каде или од кого ја црпите својата сила?

  6. Што е тоа што ви носи страст? Во што наоѓате мотивација?

  7. Што ви носи љубов? Што е тоа што ве прави силни?


Направете си листа и обидете се секоја недела да издвоите барем 20 % од вашето време и да ги посветите на активностите кои ве прават среќни.

Како среќата влијае на подобрување на отпорноста? Ако имаме на ум дека животот се состои од постојани повторувачки циклуси на стрес – заздравување  – стрес – заздравување итн.,  неопходно е заздравувањето да го сочинуваат работи кои ќе ве полнат со енергија, ќе ви носат задоволство, едноставно ќе ве исполнат со среќа. Колку повеќе работи во вашиот живот успевате да контролирате, толку појака и поголема станува вашата отпорност кон сите влијанија и предизвици што  ви ги носи животот.

За крај, дозволете ми да ве охрабрам да сонувате. Без разлика на моменталната ситуација и што е она што ви се случува во животот не заборавајте дека сѐ се менува, после секоја зима, колку   таа да е долга и тешка, секогаш доаѓа пролет, секогаш настапува нов период во кој имате шанса да се обидете да ги остварите своите соништа, да го живеете животот поинаку, да научите нова вештина која ќе ви помогне да најдете нова работа или едноставно да се обидете да го исполните својот живот со мали нешта кои ќе ве направат среќни и ќе ја зајакнат вашата отпорност.

За детално читање на овој текст, погледнете на 22-23 стр. во електронското издание на BETTY магазин (МАЈ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>