Миле Аврамовски
главен тренер
Пливачки клуб Карпош, Скопје
|
Почитувани, како автор на овој текст, со 15-годишно активно спортување и 25 години образување и пракса, би можел контекстот на текстот да го водам во три насоки. Првата насока е промотивна, втората насока научна, а третата насока е јасна, конкретна, која би ја читале со вашите деца, внуци. Јас ќе ја одберам третата насока.
Зошто го нарекувам пливањето „здравствен спорт“? Бидејќи овој спорт ве подмладува, ве одржува свежи, расположени, еластични и му годи на вашето тело. Придобивките од пливањето се долготрајни, односно ги чувствувате за време на спортувањето, како и долги години по престанокот.
Најкратко што можам во две страници ќе се осврнам на 3 аспекти:
- 5 причини зошто децата сакаат да пливаат.
- 5 причини зошто пливањето е здраво.
- 5 работи на кои треба да внимавате кога го запишувате детето на пливање.
Колку е релевантен текстот, ќе кажам дека е работен врз база на 25-годишна работа, за време во која постоеја 5 клуба, или петтина од обучените граѓани на град Скопје. И, секако, ова важи за 90 %, не за сите 100 %.
5 причини зошто децата сакаат да пливаат:
- Децата од најмала возраст почнуваат со пливање. Порано отколку со кој било друг спорт. Разликата со другите спортови, освен возраста кога започнуваат со овој спорт, претставува и психолошкиот и педагошкиот аспект кога започнуваат со натпревари. Натпреварите во пливање започнуваат многу подоцна откако децата ќе започнат со пливање. Прво поминува време на адаптација, па време на забава и обука, па дури потоа еден дел продолжуваат да се натпреваруваат, додека другите продолжуваат да пливаат, знаејќи ги придобивкте на пливањето од здравствен аспект или едноставно заради дружба.
За разлика од другите спортови, не мора да бидат оценувани од другите деца, родители и роднини веднаш, ако не можат да ја фатат топката, не можат да дадат кош, не можат да одбранат итн. Едно е кога се занимавате со некој спорт од забава, друго е кога имате притисок за успех, а децата тоа го чувствуваат.
- Повредите во пливањето скоро да ги нема. Доколку се под надзор. Децата со стравот од повреди се среќаваат по 3-годишна возраст. Затоа секоја можност каде што може детето да не мисли на тој страв од повреди, да биде безгрижно, ја искористуваат, бидејќи си ја сакаат слободата, сакаат да бидат тоа што се, деца. Пливањето не е контактен спорт. Не може друг да ве повреди додека пливате. Кога скокате во вода не може друг да скокне врз вас, кога пливате не може друг да плива врз вас, не може да нурка врз вас. Со еден збор, детето се чувствува слободно и прави движења со целото тело, раце и нозе, што е особено важно за развојот, а тоа во ниту еден спорт на суво не може да се постигне. Ниту едно дете не се истегнува и скока како голман по топка на асфалт, при што цело тело се истегнува. Во вода на секој тренинг детето го прави тоа безброј пати. Во вода телото се истегнува повеќе дури и од гимнастика, еластичноста на телото се постигнува од првиот тренинг.
- За пливањето не е потребна сила
Во водата телото се чувствува со 30 % од сопствената тежината. Целата наука во пливањето е плутањето, односно лебдењето во водата, и со што помала сила да се движиш напред. Најдобар е тој што најдобро лизга во вода.
- Во пливањето телото не се поти
Навидум ништо посебно, но прашајте кој сака да се поти. Со пливањето на секој тренинг детето е подложено на брза аклиматизација. Од суво влегува во вода и по пливање за кратко време излегува суво надвор. Телото за да не настине брзо треба да реагира. Со пливањето се формира подебело кожно ткиво кое овозможува подобра аклиматизација и помалку потење.
- Електролити
Чувството на свежина кој секој од нас го осетил кога влегува под туш.
5 причини зошто пливањето е здраво
- Развојот на коскениот систем и зглобовите.
Во хоризонтална положба не постои притисок на тежина и гравитација, пршлените се слободни, истегнати и растат правилно, си заземаат простор колку им е потребен за развој. Истото важи и за нозете, т.е. во пливањето не постои пливач со нозе во формата на буквата О, како што се добива во фудбал. Тоа се јавува од притисокот што се врши врз нозете во критичен момент кога расте и се развива телото. Развојот на зглобовите. Во ниту еден друг спорт нема постојано вртење со рацете во круг 360 степени. Во ниту еден спорт освен во пливањето ротацијата што ја прават зглобовите не е без дополнителна тежина. Затоа развојот на зглобовите е умерен.
- Развојот на белите дробови.
На површината на водата кога се вдишува воздух во градите има притисок како на надморска висина од 1000 метри. Замислете да спортувате на таа надморска висина.
Градите се шират од притисокот на воздухот кога се вдишува, а дополнително кога во градите од кислород воздухот ќе се претвори во јаглероден диоксид кој притиска да излезе надвор. Затоа е препорачливо децата да се оставаат да нуркаат. Колку подлабоко нуркаат повеќе воздух вдишуваат, повеќе се шират градите, повеќе притиска јаглеродниот диоксид да излезе, повеќе се зголемува капацитетот. Со ниту еден друг спорт на суво не може да се постигне овој ефект. Затоа ќе видите на видеа како најдобрите спортисти прават индивидуални тренинзи со маска. Сакаат да го постигнат истиот ефект. Пливањето е екстремно препорачано за астматичари, бидејќи плиткото дишење кое предизвикува недостиг на воздух се менува со длабоко дишење, каде во секое вдишување се користат цели гради и дијафрагма.
- Развојот на срцето и крвните садови.
Во пливањето не постои пливач со нарушување на васкуларниот систем, односно крвните садови поради тоа што тие се поеластични. Срцето, пак, работи во хоризонтала. Целиот крвоток место да биде во вертикала под притисок кој треба да се движи обратно од гравитацијата, во вода се движи хоризонтално. Во вода се дише на нос, при што дишењето е смирено што го смирува и срцето, а и телото се чувствува со 30 % од сопствената тежина, па затоа и напорот што го предизвикува пливањето на срцето е помал и порамномерен.
- Развојот на мускулниот систем.
Не сте виделе пливач со нескладно тело и стомак. Не сте виделе пливач со дебели екстремитети. Не сте виделе згрбавен пливач. Не сте виделе пливач со поразвиена лева или десна страна на телото.
Тоа е така бидејќи водата овозможува рамномерен отпор на целото тело во секој момент од пливањето. Колку повеќе пливате, толку повеќе сите мускули се развиваат.
- Тежина.
Тежината многу полесно се регулира со пливањето отколку со кој било спорт. Тоа е така бидејќи и да стоите во место во вода, температурата на водата е најчесто под човечката внатрешна температура, па телото троши енергија за да произведе топлина за да ја задржи човечката нормална внатрешна топлина. Децата со помала телесна маса по тренинг веднаш сакаат да јадат, при што се прави суперкомпензација, а децата со поголема маса и без многу физичка активност потрошиле енергија која само треба да ја надоместат 1 час после пливањето каде ќе се даде време на организмот да го потроши вишокот внесен претходно, а по еден час од тренингот детето ќе јаде и ќе се надомести чувството на глад без последици.
5 работи на кои треба да внимавате кога го запишувате детето на пливање
(кај нас не е регулиран статусот на стручни лица кои смеат да работат како тренери, па затоа препорачуваме):
- Цена. Сите прават грешка барајќи клуб за пливање и според цената на членарината се одлучуваат во кој клуб ќе го запишат детето.
На 100 денари поевтина членарина веднаш сметајте минимум 2 деца повеќе, на 200 денари 4 деца итн. Вие како родители знаете како излегувате на крај со 1, 2 деца, замислете сте на плажа и треба да бидете одговорни за 10 деца. Ќе сфатите дека истото му се случува и на тренерот во базен. Секогаш важи правилото, колку помалку метеж, повеќе внимание за вашето дете.
- Плаќање на рака. Секогаш кога некој ќе ви понуди плаќање на рака, веднаш да знаете дека повеќе му е до бизнис и брзо збогатување, а не до вашето дете.
- Попусти на групер, флаери итн. Сите сте биле сведоци на разни презентации, знаете што е целта на таквите презентации. Во спортот секоја година се организираат спортски настани бесплатно. Од тие настани ни едно дете не се запишало да продолжи да се занимава со спортот кој го пробало. Подобро платете еден месец повеќе, некаде да проба детето, каде што за тие пари ќе пробаат да го задржат детето во тој спорт, па подоцна ако е на двострано задоволство, т.е. ако на детето му се допаѓа спортот, и од местото е добро прифатено, одлучете дали ќе продолжи.
- Клуб со долга традиција, т.е. долгогодишно искуство. Знаете дека во сите сфери од животот секојдневно излегуваат нови стартапи, исто и во спортот, и по одреден период ги снемува. Одберете сигурност, комфор, за вас и за детето. Проверено си е проверено.
- Тренерите, сопственици на клубовите и работа. Распрашајте се и информирајте се! Најдобро за тоа ќе ви кажат стручните лица од Факултетот за физичка култура. И секако дека ако спортот со кој вашето дете сака да започне да се занимава е втора, трета итн. нивна работа вниманието ќе биде толку помало, отколку тој спорт да им е единствена работа. Побарајте сертификати, дипломи. Секогаш најдоброто за вашето дете е доколку тренерот има искуство како спортист од тој спорт, со завршено високо образование, големо искуство како тренер и меѓународни сертификати.
ПС. Пливањето помага многу повеќе во секојдневниот живот (развој на нервен систем, намалување на тикови, на лица со посебни потреби итн.) и затоа треба многу простор да се напишат сите придобивки од него. Може во друга прилика со ваши прашања.
Започнете со пливање. Тоа ќе биде најдоброто нешто што кога било сте го направиле!
За детално читање на овој текст, погледнете на 24-26 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ОКТОМВРИ 2021).