Дејан Трпевски
доктор на медицина
ски-доктор
|
Со самото доаѓање на зимата и снегот, доаѓа и можноста за уживање во зимските спортови. Десетици илјадници скијачи и бордери ширум земјава со нетрпение го чекаат снегот, но мал дел од нив се целосно физички подготвени да одговорат на предизвиците на планината. Сето тоа доведува до повреди на самите терени, кои можат да се избегнат доколку имате одредена физичка подготвеност, соодветна и добро сервисирана скијачка опрема, добри услови за скијање и одговорност на ски-терените.
Најголем дел од повредите се трауматски, често поради лошите услови на терен, несреќи при ски-лифтовите и жичарниците, падови при скијање и судир со останатите учесници на ски-терените. Покрај трауматските повреди, на ски-терените често се забележуваат и случаи на дехидратација, хипогликемија („пад на шеќерот“) и замор поради непрекинато скијање.
Од трауматските повреди на терените најзастапени се повредите на колениот зглоб, бидејќи колениот зглоб има своја специфична анатомска структура и неговите функционални побарувања го прават највулнерабилен. При самото скијање може да дојде до т.н. динамичен валгус, состојба каде имаме свртување и ориентирање на коленото кон внатре, а притоа целата тежина на телото е префрлена на таа нога. Ова се случува во моменти на нагло запирање или промена на правец кој може да резултира од истегнување на лигаментите, па сè до нивно кинење. Оваа повреда покрај интензивната болка е придружена и со појава на оток, кој ги ограничува движењата во самиот зглоб, хематом и/или црвенило.
Кај повредите на долниот екстремитет каде што третманот се продолжува конзервативно, доста често повредените се советуваат по повредата да го применат принципот на RICE: R – rest (одмор), I – Ice (лед), C – Compression (компресија со еласичен завој), E – elevation (елевација на повредениот екстремитет за намалување на отокот и болката).
Покрај повредата на колениот зглоб, доста чести се и повредите на рамото, бидејќи при секој пад наш рефлексен одговор е да го ублажиме падот со испуштање на рацете кон напред. Сето тоа може да резултура со дислокација на рамото, фрактура на коскените делови кои учествуваат во неговата градба, вклучувајќи ја и клучната коска, т.е. клавикулата. Покрај фрактурите и дислокациите, на ски-терените се сретнуваат и расекотини, хематоми, подливи, контузии кои може да се сретнат на сите делови од телото, со различен интензитет.
Со најголема претпазливост и важност треба да се сфатат повредите на главата и ʼрбетниот столб, бидејќи може да имаат сериозни последици врз повредениот. При вакви ситуации повредениот треба да се стабилизира и да се проследи до ургентен центар каде што ќе се направи евалуација на повредата. Иако повредениот се чувствува добро, неговата состојба треба да се следи во следните два до три дена за со сигурност да се заклучи дека е сè во ред.
Сето ова може да се превенира доколку пред почетокот на спортувањето на снег се одвои малку време за телото да се подготви за соодветните потреби на терените. Тука, секако, најзначајна е физичката кондиција на скијачот, кој доколку не е на соодветно ниво, најдобро би било да се започне со скијање на помали и полесни ски-патеки со паузи за одмор. Пред секое скијање телото треба да се загрее со најосновните вежби за истегнување, со цел да се стави мускулоскелетниот систем во одредена подготвеност. Голема предност имаат сите кои во текот на целата година се физички активни, барем три пати во неделата со спортови каде претежно е активна мускулатурата на нозете, независно дали станува збор за трчање, возење велосипед, играње кошарка или фудбал, одење во теретана.
Соодветната опрема е еден од главните предуслови за превенција на повредите и поради тоа пред секое скијање е потребно да се направи проверка на целата опрема, а пред стартот на секоја сезона и редовен сервис на скиите. Тоа вклучува одбирање соодветана опрема во зависност од тежината и висината на самите скијачи, начинот на скијање и условите на самите стази.
Една од доста честите грешки која се прави на терените е желбата да се скија уште еден пат, иако телото е исцрпено и несоодветно да одговори на потребите. Затоа е потребен одмор повеќе пати во текот на скијањето, со соодветна рехидратација и исхрана. Доста значајно е внесувањето на доволно течности, појадок богат со протеини и комплексни јаглехидрати и ужинки во текот на скијањето, како што е овошје или чоколадо.
Кон превенцијата на повреди важно е да се знаат правилата, условите и тежината на ски-терените на планината, затоа пред скијање на некое ново место најпрво информирајте се за ски-патеките на планината и нивната тежина. Сето ова заедно со вашата соодветна проценка ќе ви обезбеди незаборавно искуство и уживање на планина.
За детално читање на овој текст, погледнете на 24-25 стр. во електронското издание на BETTY магазин (МАРТ 2022).