Фармацевти
Контакт

<< Назад

Подигнување на свеста кај населението за рано откривање на рак на кожа

јули 1, 2023



Пишува: прим д-р Зорица Зафировиќ, спец. дерматовенеролог, Универзитетска Клиника за дерматологија, Скопје

Светските климатски промени и промените на животниот стил влијаат на сè позачестената појава на карциномите на кожа. Тие се едни од најчестите видови на карциноми во цел свет и бројот на случаи расте многу побрзо во споредба со другите форми на карциноми. И во нашата земја, кожните карциноми се во алармантен пораст и претставуваат сè поважен јавно-здравствен проблем.

Изложеноста на ултравиолетовите зраци се смета за многу важен фактор на ризик за развој на малигните тумори на кожата, вклучувајќи го и меланомот како најозбилна форма на рак на кожа. Важно е да се има на ум дека кожата има неизбришлива меморија за изложеноста на ултравиолетово зрачење и за жал акумулираните оштетување на клетките во текот на годините не можат да бидат поправени. Овој процес е одговорен за предвременото фотостареење на кожата, а латентниот период од 15-40 години може да доведе до малигна трансформација на клетките во кожата.

Во тој прилог Светската Здравствена Организација – WHO International Agency for Researh on Cancer (IARC) и Националниот Институт за здравје во САД ги идентификувале ултравиолетовите зраци како хуман карциноген.

Во посебно ризична група спаѓаат лицата со светол тен, светли очи и светла коса, со семејна историја за меланом или други карциноми на кожа, лицата кои во детство имале изгореници од сонце како и сите лица кои имаат посебен вид на атипични бемки.

Детството и адолесценцијата се најкритични периоди од животот, во текот на кои често се јавуваат изгореници од прекумерното неконтролирано сончање на сонце и солариуми.

Но, и покрај загрижувачките податоци, добрата вест е дека карциномите на кожа сепак може да се превенираат.
Ризикот од развој на меланом и другите кожни карциноми може значително да се намали со соодветна заштита од природни и вештачки ултравиолетови зраци кај сите возрасни популации. Многу е важно да се нагласи дека сончањето е единствен ризик фактор на кој може да се делува од најраното детство. Освен заштита од ултравиолетови Б зраци кои предизвикуваат видливи изгореници на кожата, неопходна е заштита на кожата и од ултравиолетови А зраци кои предизвикуваат предвремено стареење и рак на кожа.

Препораките за заштита се однесуваат на максимално избегнување на интензивно и долготрајно сончање, престојување во сенка, покривање на откриените делови на телото со заштитна гардероба, шапки и заштитни наочари и аплицирање на фотозаштитни средства во доволна количина со најмалку/повеќе од SPF 50+ (Sun Protection Factor) и широк спектар на дејство (UVB/UVA).

Од посебен интерес се препораките и за максимално избегнување на сончање во солариуми кај адолесценти и жени кои сметаат дека исончаниот тен е здрав и атрактивен. Успешна превенција се постигнува со правилно информирање и едукација на пациентите за реализирање на самопрегледи на кожата и дерматолошки прегледи на сомнителните промени на кожата. Основно и најважно е секоја индивидуа да ја познава сопствената кожа. Се советуваат редовни самопрегледи на кожата на целото тело, за што е потребно едно големо огледало, мало рачно огледало и добро осветлена просторија.

Пациентите треба да научат како да го изведуваат самопрегледот и да внимаваат на помалку воочливите делови на телото како грбот, задната страна на надлактиците и надколениците, косматиот дел на главата, ноктите, гениталиите, дланките, стапалата и усната празнина. Ако пациентот открие сомнителни израстоци на кожата или промени во изгледот на присутните бемки, треба задолжително да се јави на дерматолошки преглед. Дерматолошките прегледи се состојат од прегледи на кожата во регуларни временски интервали за идентификација на пациентите со висок ризик и дерматоскопски прегледи на промените на кожата со фотографирање и компјутерска анализа на истите.

Раната детекција посебно се однесува на најмалигниот и животозагрозувачки карцином на кожа - меланом, кој има потенцијал за метастазирање.

Посебно загрижува фактот ако меланомот се открие во напредната фаза на развој кога можностите за излекување се помали, и затоа поттикнување на едукација за оваа болест кај општата популација е од исклучително значење со соодветно информирање и подигнување на јавната свест.

За детално читање на овој текст, погледнете на 06-07 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Јули 2023).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>