д-р Александар Митов
|
Причините за смртност во светски рамки, вклучително и во нашата земја, главно се должат на неколку заболувања – малигни, инфективни, хронични респираторни заболувања, а како причинител кој особено се издвојува се
кардиоваскуларните заболувања.
Кардиоваскуларните болести претставуваат голема, хетерогена група заболувања, која предизвикува повеќе смртни случаи отколку
сите други причини заедно. Особено погодени од проблемите со срцеви болести се земјите со пониски примања и послабо здравство, како што е нашата земја.
Имено, кај нас статистиките покажуваат дека речиси секој втор случај на смртност е поврзан со некакво срцево заболување.
За среќа, според една студија од 2014 година на американскиот CDC, огромен дел од смртните исходи поврзани со срцевите болести можат да бидат избегнати –
дури и до неверојатни 80 %!
Овие факти водат кон недвосмислен заклучок –
ПРЕВЕНЦИЈАТА е од клучна важност. Всушност, од клучна важност е информираноста на општата јавност за оваа проблематика и поттикнувањето на здравиот начин на живот.
Еден од главните ризик-фактори за нарушено срцево здравје е ХИПЕРТЕНЗИЈАТА. Во продолжение ќе прочитате нешто повеќе околу покачениот крвен притисок и неговата поврзаност со начинот на живот.
Нормална вредност на крвниот притисок е 120/80. Без разлика на возраста, ова се смета за идеална вредност на крвниот притисок кај возрасните лица.
Сè што е во интервалот од 120 до 139 за горниот и повеќе од 80 за долниот крвен притисок се смета за покачен крвен притисок. Иако овие броеви технички не се дефинираат како хипертензија, ова покачување се смета за надвор од нормалата. Ваквата состојба може да се смета и за аларм за преземање драстични промени во животниот стил, додека сè уште е „рано“. Медикаменти тука ретко се употребуваат.
Состојба која нужно треба да се сфати сериозно
Постојат повеќе митови поврзани со овој проблем. Тие сугерираат дека не станува збор за толку сериозна состојба. Сепак, од особена важност е да се нагласи дека долготрајно нарушениот крвен притисок има потенцијал да убие
. Истражувањата велат дека покачениот крвен притисок е
главен виновник за повеќе од половина од случаите на срцев и мозочен удар, потоа за низа бубрежни заболувања, васкуларна деменција итн. Во голем дел од земјите покачениот крвен притисок е
трет ризичен фактор за сите болести, веднаш по пушењето и лошата исхрана.
Всушност, доволно е да се напомене дека за докторите во Европа и Америка и покачување на притисокот од „само“ 10 единици прави значителна разлика и може да менува дефиниции за тип на хипертензија, па и терапевтски модалитети за нејзин третман!
Тогаш зошто проблемот со притисокот најчесто не се зема толку сериозно?
Има барем две причини зошто често не го сфаќаме овој здравствен проблем доволно сериозно:
Прво, бидејќи е многу застапен па помалку се плашиме, дури доста проширен е митот – покачениот притисок е нормален дел од процесот на стареење!
Со други зборови, наоѓаме утеха во тоа дека
„и многу други луѓе имаат висок притисок“. Во тој случај треба повторно да се потсетиме дека речиси секој втор човек во Македонија умира од кардиоваскуларни болести и да се запрашаме:
сакам ли и јас да бидам дел од таа статистика?
Второ, високиот притисок најчесто не дава симптоми – наречен e уште и „тивок убиец“. Токму поради тоа може и да не знаеме дека го имаме, или, пак, да си мислиме дека штом не ме боли ништо – не е страшно. За жал, ваквиот став многумина го имаат платено со живот.
Не сме беспомошни! Начинот на живеење има клучно влијание врз крвниот притисок
Иако фармаколошката терапија си има свое значајно место во третманот на проблемите со покачениот притисок, сепак, главниот фокус во третманот и превенцијата на овој проблем треба да биде здравиот животен стил во целина, не само здравата исхрана која секако е од големо значење.
Промените во животниот стил вклучуваат:
- Намалување на внесот на сол на помалку од 5 грама на ден;
- Нормализирање на телесната тежина преку правилна, здрава исхрана со малку маснотии;
- Редовна физичка активност;
- Намалување на внесот на алкохолни пијалаци и кафе;
- Оставање на цигарите;
- Редовен доволен сон и справување со стресните ситуации во животот.
Веројатно најдобриот пример дека медицината на животен стил „функционира“!
Суштината на медицината на животниот стил веројатно и
најдобро се прикажува преку примерот на природно регулирање на крвниот притисок. На овој начин сфаќаме дека нашите тела имаат капацитет да се подобрат и да се вратат назад во добро здравје од навидум неповратни здравствени состојби.
За детално читање на овој текст, погледнете на 28-29 стр. во електронското издание на BETTY магазин (МАЈ 2021).