Фармацевти
Контакт

<< Назад

ПРЕВЕНЦИЈА НА КАРДИОВАСКУЛАРНИ ЗАБОЛУВАЊА

декември 1, 2024

Кардиоваскуларните заболувања сè уште претставуваат водечка причина за смртност на глобално ниво. Сепак, голем дел од овие заболувања најчесто можат да се превенираат преку примена на ефективни стратегии. Според најновите препораки на Европското здружение за кардиологија (ESC), јасно се дефинирани начините на кои може да се намали ризикот од овој тип заболувања, пред сè преку промена на животниот стил, а во одредени случаи и со употреба на лекови, имајќи го притоа предвид индивидуалниот пристап кон пациентите.

Превенцијата на кардиоваскуларните заболувања почнува со промена на животниот стил

Првиот и најважен чекор во поглед на превенцијата на кардиоваскуларните заболувања претставува промената на животниот стил. Со цел подобрување на кардиоваскуларното здравје, се препорачува редовна, умерена, аеробна физичка активност од најмалку 150-300 минути неделно, односно кај постари лица и лица со хронични заболувања, онолку колку што дозволува нивната здравствена состојба.

Кај лица кои имаат седентарен начин на живот се препорачува постепено зголемување на времетраењето и интензитетот на физичката активност. Здравата исхрана, исто така, игра многу важна улога во превенцијата на кардиоваскуларните заболувања кај сите индивидуи. Според Европското здружение за кардиологија, се препорачува практикување на медитеранска исхрана.

Истата подразбира намален внес на: црвено месо, рафинирани шеќери и сол, како и зголемен внес на овошје, зеленчук, немасни протеини (риба, пилешко месо), јаткасти плодови и растителни масла. Ваквиот начин на исхрана е од суштинско значење и истиот треба да се практикува не само од страна на лица кои имале претходен кардиоваскуларен настан (срцев или мозочен удар), туку и од страна на сите оние кои сакаат да го намалат ризикот од појава на овие заболувања во иднина. Важно е да се напомене дека и редукцијата (намалувањето) на телесната тежина, исто така, има значајна улога во оваа насока.

Престанокот на пушењето е, несомнено, можеби најважниот модифицирачки ризик-фактор за настанување на овие заболувања. Модифицирачките ризик-фактори се најчесто фактори кои зависат од нас самите и врз истите можеме да дејствуваме (пушење, дебелина, покачени маснотии во крвта и сл.). За разлика од нив, немодифицирачките ризик-фактори не зависат од нас и околу нив не можеме ништо да преземеме (возраст, пол, семејна историја).

Според препораките на Европското здружение за кардиологија, со цел превенција, не се препорачува намалување на бројот на испушени цигари, туку целосен прекин на пушењето, бидејќи и најмала изложеност на чадот од цигарите многукратно го зголемува кардиоваскуларниот ризик.

Внесот на алкохол, исто така, треба да се ограничи. Максималниот внес на алкохол изнесува околу 100 грама чист алкохол неделно, што е еквивалентно на околу 10 стандардни алкохолни пијалаци неделно. Како ориентација, за еден стандарден пијалак може да се земе: една чашка жесток пијалак, една чаша вино, една чаша пиво.

Менаџирање на факторите на ризик преку фармакотерапија (терапија со лекови)

Иако промената на животниот стил останува основното начело за подобрување на кардиоваскуларното здравје, често е потребна и фармакотерапија за контрола на одредени ризик-фактори, особено кај индивидуи со висок ризик. Третманот на коморбидитетите како хиперлипидемијата, хипертензијата и дијабетесот е од исклучително значење за целокупната борба со кардиоваскуларните заболувања.

Хиперлипидемија (покачени маснотии во крвта)

Хиперлипидемијата претставува заболување кое се карактеризира со покачени вредности на маснотиите (липидите) во крвта. Високите вредности на холестерол и триглицериди може да предизвикаат нивно наталожување во ѕидот на артериите и да доведат до создавање плаки, кои потоа предизвикуваат стеснување на истите. Овој процес е познат како атеросклероза. Ваквата состојба го зголемува ризикот од срцев удар, мозочен удар, како и други кардиоваскуларни заболувања. Контролата на липидниот профил, согласно ризик-стратификацијата, понекогаш може да се постигне со промена на животниот стил, но кај некои пациенти, потребно е да се применат и лекови, најчесто статини. Според Европското кардиолошко здружение, медикаментозниот третман на хиперлипидемијата треба да се почне врз основа на целокупниот ризик за кардиоваскуларни заболувања, а не само врз основа на нивото на холестеролот во крвта.

Со терапија може да се почне како примарна превенција или секундарна превенција. Примарната превенција се однесува на пациенти кај кои сè уште нема развиено кардиоваскуларно заболување, но имаат ризик-фактори како дијабетес, покачен крвен притисок и слично. Секундарната превенција е насочена кон пациенти кои имаат постоечко или претходно срцево заболување, со цел да се спречат идни кардиоваскуларни настани.

Хипертензија (покачен крвен притисок)

Покачениот крвен притисок е една од најчестите и најважни причини за преран морталитет и морбидитет, кои можат да се превенираат. Се препорачува скрининг кај сите возрасни индивидуи со цел рано откривање на покачениот крвен притисок. Дефинирани се целни вредности кои треба да се постигнат и истите кај најголем дел од пациентите се под 120-130/80mmHg, односно под 140/80mmHg кај одредени категории пациенти, како што се на пример постарите пациенти. Третманот, секако опфаќа промена на животниот стил, но понекогаш и употреба на еден или повеќе лекови, до постигнување на целните вредности.

Ацетилсалицилна киселина

Ацетилсалицилната киселина игра важна улога во секундарната превенција на кардиоваскуларните заболувања, односно истата се препорачува кај сите пациенти кои имаат претходно кардиоваскуларно заболување.

Употребата на овој лек во примарна превенција (кај пациенти без претходни кардиоваскуларни настани), според најновите препораки на Европското здружение за кардиологија веќе не се препорачува, поради ризикот за појава на несакани ефекти, како крварење од гастроинтестиналниот тракт.

Како и сите други лекови, така и овој лек не треба да се зема на своја рака, без претходна консултација со лекар. Лекарот ќе направи индивидуална проценка на ризик-акторите, ризикот од крваверње и доколку е потребно ќе препорача пониска доза на лекот, односно ќе препорача употреба на инхибитори на протонска пумпа.

Сите пациенти не се исти − потребен е персонализиран пристап

Бидејќи сите пациенти не се исти, лекарот кој го води пациентот треба да направи индивидуална проценка на здравствената состојба, ризик-факторите, како и присутните коморбидитети. Врз основа на оваа проценка, треба да се донесе персонализирана, превентивна и терапевтска стратегија која е најсоодветна за конкретниот пациент.

Освен тоа, доколку има потреба, преку отворена комуникација со пациентот лекарот треба да даде насоки за промена на животниот стил или да препорача соодветни медикаменти доколку истите се неопходни.

Само на овој начин, преку блиска соработка помеѓу лекарот и пациентот, може да се изгради соодветна стратегија. Пациентите треба да имаат на ум дека за некои од нив е неопходна фармакотерапија (припишување лекови), додека кај други, доволна е само промената на животниот стил за постигнување на поставените цели. Редовните медицински контроли и прегледи се суштински за рано откривање и менаџирање со можните ризици, но најклучниот фактор во оваа борба претставува самиот пациент.

Грижата за сопственото здравје, промената на животниот стил и придржувањето кон препораките и терапијата кои ги дал лекарот зависи од нас самите. Изборот што го правиме денес, било да е тоа поздрав начин на исхрана, редовна физичка активност или редовна употреба на лекови, директно влијае врз нашето здравје утре. Превенцијата не подразбира само избегнување на болестите, таа подразбира преземање проактивни чекори со крајна цел- поздрав и подолг живот.

Пишува: д-р Иле Кузманоски Специјализант по кардиологија на Универзитетската клиника за кардиологија − Скопје

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>