Фармацевти
Контакт

<< Назад

Превенција од замастување на црниот дроб

октомври 1, 2023



Пишува: Мр. Фарм Леон Парталоски

Поради важните процеси што се одвиваат во црниот дроб, со право овој орган го нарекуваат лабораторија на организмот. Неговата улога е да ја прочистува крвта, т.е. да го одржува нивото на гликоза во крвта, ги разградува мастите, протеините и јаглехидратите, создава ензими, ги одржува нормалните концентрации на витамините, минералите и на гликогенот. Нашиот организам не може да функционира без него, односно не постои друг орган или механизам што може да ја преземе улогата на овој орган.

Замастениот црн дроб, или како што уште се нарекува - стеатоза на црниот дроб, е едно од најчестите заболувања што го опфаќа овој витален орган и во наједноставна форма не претставува закана за неговата нормална функција. Меѓутоа, зголемената количина наталожени масти може да предизвика големи компликации, како и негово целосно откажување.

Значи, хепаталната стеатоза (замастен црн дроб) вклучува акумулација на триглицериди и други липиди во хепатоцитите. Најчесто е резултат на нарушен метаболизам на масните киселини. Притоа мастите се акумулираат во црниот дроб и функционирањето на овој орган се менува. Ова значи дека нашето тело не може правилно да ги елиминира отпадните материи што влегуваат во него, особено преку она што го јадеме и пиеме. Злоупотребата на алкохол и зависноста се најчестите причини за хепатална стеатоза бидејќи неговото прекумерно внесување предизвикува оштетување на црниот дроб.

Исто така, ризик-фактори за појава на замастен црн дроб се дебелината, диетите богати со шеќер и маснотии (што може да предизвика дијабетес тип 2 и хиперлипидемија), покачен крвен притисок, глад или брзо губење на тежината, некои лекови итн.

Обично оваа болест се нарекува тивок убиец бидејќи често не е проследена со никакви симптоми, особено во почетната фаза.

Во напредената фаза, за која е потребно да поминат неколку години, а понекогаш и децении, може да се појават нети- пични знаци, како слабост, губење на апетитот, мачнина, конфузност или проблем со концентрација. Освен тоа, може да се појават болки и во централниот или горниот дел на стомакот, темни дамки на кожата или подлактниците и зголемување на црниот дроб.

Како да се излекува? Целта на третманот е да се подобри стеатозата и да се спречи прогресијата на фиброзата, што може да доведе до цироза и нејзини компликации.

Во моментот, иако нема специ- фични терапии за лекување на замастениот црн дроб, постојат природни суплементи, кои значително ја подобруваат неговата структура, но и функција. Еден од нив е силимаринот (екстракт од плод од млечен трн). Силимаринот го зголемува нивото на глутатион во црниот дроб, а тој е најважниот антиоксиданс за заштита на црниот дроб.

Тој ја инхибира липидната пероксидација, ја засилува глукоронидацијата, има антиинфламаторни ефекти, стимулира зголемена синтеза на протеини во хепатоцитите - регенерација на хепаталното ткиво. Има антагонистичко дејство кон голем број отрови на црниот дроб, спречува повторна пенетрација на токсините, врши индукција или активирање ензими што разградуваат туѓи супстанции во црниот дроб.

Најважно од сè е дека ја стимулира регенерацијата на клетките по нивното оштетување. Но, регулирањето или лекувањето и на која било друга причина за нарушување на функцијата на црниот дроб, како што е, на пример, дијабетесот, е исто така од големо значење. Важни се и препораките понудени за луѓето со оваа болест: намалување на телесната тежина следејќи балансирана и здрава исхрана, зголемување на физичката активност, целосно откажување од алкохолот.

Доколку е во прашање алкохоличарски замастен црн дроб, најважа работа е целосно престанување со пиење алкохол.

Освен калориите, потребно е да го намалите и внесувањето на преработените производи, особено оние што содржат јаглехидрати (бел леб, тестенини, компир, пченка, концентриран шеќер и трансмасти). Одржувајте здрава тежина. Ако имате прекумерна тежина или дебелина, намалете го бројот на калории што ги внесувате секој ден и вежбајте повеќе. Обрнете особено внимание на часовите на спиење, минимум 8 час, одмор и релаксација воопшто.

За детално читање на овој текст, погледнете на 14-15 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Октомври 2023).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>