Фармацевти
Контакт

<< Назад

ПРЕВЕНЦИЈА ОД КАРИЕС

март 1, 2024



Пишува: Д-р Симона Цоневска Пашоска

Звучи едноставно, но дали знаеме сè што треба?
Кариесот е најчестото бактериско заболување кај популацијата воопшто. Може да се јави на секој заб и на секоја возраст, и на млечните и на трајните заби. Се манифестира со деструкција на забното ткиво, поточно негова деминерализација.

Како се појавува?
Усната шуплина е полна со бактерии кои се корисни за нормалните процеси што се случуваат во неа. Но под дејство на надворешните фактори, најчесто од несоодветна исхрана и лоша орална хигиена, некои од нив стануваат патогени. Шеќерите од храната заедно со бактериите создаваат киселини кои ја намалуваат pH-вредноста во усната шуплина и создаваат услови за деминерализација на забот. Честото и долготрајно користење шеќери во исхраната почнува да создава кариозни шуплини во забот, кои пак, стануваат депо на штетни бактерии.

Кои се симптомите и дали сме навремено свесни за нив?
Кариесот може да се јави на сите површини од забот, но најчести се џвакалните површини и апроксималните површини помеѓу забите. Доколку се појави на видлив дел од забот и на широка површина, лесно може да го детектира секој и да побара помош. Притоа и симптомите се присутни, почнувајќи од блага болка на благо, промена на површината и бојата на забот, па сè до засилување на болката на секаква дразба, ладно и видлива кариозна шуплина. Но, многу често кариесот започнува со многу мала пукнатина во фисурите на гризната површина или помеѓу забите, така што е тешко видлив, а и симптомите во таков случај ќе се појават многу подоцна, откако кариозната лезија ќе зафати многу голем дел од внатрешноста на заботдентинот, а надворешноста - глеѓта ќе остане навидум нормална и здрава.

Овие се најопасните и најподмолни кариеси за кои стануваме свесни многу доцна, кога голем дел од забот веќе е деструиран, па дури и создава инфекција на нервот на забот. Тука се многу важни редовните посети на стоматолог, но и контролните рендген-снимки за следење на состојбата на забите на недостапните места.

Како се третира?

Во денешно време санацијата на кариесот е сосема безболна, благодарејќи на сè поновите апарати за работа, поефикасни, бесшумни и лагодни за пациентот. Третманот се состои во отстранување на кариозните лезии, дезинфекција и пополнување со современи реставративни материјали кои обезбедуваат висока естетика и враќање на забот во првобитната состојба.

Секако најважна е превенцијата!
Тука даваме најголем акцент на оралната хигиена, едукација за редовно и правилно четкање на забите два пати во денот, навечер и наутро, со посебен осврт на тешко достапните места. Правилна исхрана, редуцирање на шеќерите, особено меѓу оброците и навечер. Оралната хигиена треба да почне уште од најрана возраст, со првото појавување на забите кај децата, кога родителите имаат најголемо влијание во стекнување правилни навики на хигиена и исхрана кај детето. Особено е значајно да се избегнува користење шишиња со цуцла и засладени пијалаци, поради опасност од појава на т.н. циркуларен кариес, кој е типичен за раната детска возраст.
Кариесот многу лесно се контролира и санира доколку навреме се открие, затоа се неопходни контроли барем двапати годишно кај возрасни, а три до четири пати годишно кај децата и младите адолесценти.
Затоа, искористете го месец март за посета на вашиот стоматолог! Посвете си грижа за своето орално здравје - тоа е огледало на вашето општо здравје!

За детално читање на овој текст, погледнете на 20-21 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Март 2024).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>