Фармацевти
Контакт

<< Назад

Преку мали промени во секојдневието до значајно подобрување на физичкото и менталното здравје

септември 2, 2020

|

Софија Манчева
психолог, психотерапевт под супервизија и фитнес тренер



Случувањата во последниот период  поврзани со пандемијата направија да се соочиме со еден стресен и трауматичен период. Останувањето дома и претворање на домашната атмосфера во работна канцеларија, играчница за деца, простор за вежбање  или, пак, останување во „несигурна и опасна средина“ подолг период, кај многу од нас предизвика психолошки, физички и најмногу емоционални промени.

Безмалку секој од нас во одреден момент почувстува страв, анксиозност, депресивни мисли, емоционалност која се доживува на повисоко ниво, промени во расположение и апетит, чувство на немоќ и конфузија. Кога луѓето се во стрес често пати  е присутно мисловно искривување кое води до самодеструкција и може да предизвика многу штетни последници на подолг временски период.

Тоа е од една страна. Од друга страна, јас сакам да се задржам на позитивна  работа  во целава оваа ситуација. Како психолог и фитнес тренер, а, пред сè, како човек што сака да помага на други луѓе, знаев дека мора да бидам флексибилна и во оваа ситуација.

Тренирам активно фитнес веќе 7 години, и како психолог работам 4 години.

 

Телото и душата како две суштини во човечкото битие се неразделни, пореметувањето во едната најчесто доведува до пореметување во другата.

Затоа според мене многу е важно тренирањето на умот исто како и тренирањето на телото. Ако умот и телото имаат кохезија, тогаш можеме да зборуваме за комплетна личност, со многу помали шанси и ризици за потенцијална загуба.



Уште на почеток кога помислив која би била едната работа за да ги мотивирам луѓето да останат присутни и свесни во овој период, беше да почнам да снимам тренинзи од тоа како и што јас тренирам дома и да споделувам совети за подобрување на физичкото и менталното здравје.

Целиот период, речиси до самиот крај бев активна со секојдневни тренинзи и мотивациски пораки за да останат луѓето „будни“ дури и од својот дом.

Сакав да пратам порака до сите дека преку тоа што се грижиш за своето тело, придонесуваш и за подобрување на своето ментално здравје. Некогаш не ти е до разговор, или немаш со кого да разговараш, но само еден тренинг те дели од излегување  од тие мисли и негативна енергија, кои твоето тело го направиле жариште на секакви влијанија кои најчесто доаѓаат од надвор.



Оние кои  редовно вежбаат и ги знаат бенефитите од физичката активност (зголемено лачење  ендорфин, подобрување на циркулација, намалување на стрес и негативни мисли, справување со висок притисок, спречување на болести и јакнење на имунитет...) им беше лесно да останат активни и немаа поголеми потешкотии поголемиот дел од нив. Интересно е тоа што почнаа да ми пишуваат и да тренираат луѓе, жени, девојки, кои досега не биле активни и не вежбале. Тоа некако ми беше знак дека, сепак, од нас зависи, од секоја индивидуа колку овој период барем ќе се обиде да го извлече позитивното од целава ситуација.

Оние девојки и жени кои почнаа да тренираат со мене секојдневно ми пишуваа дека имаат подобрување во расположение, подобро спијат и немаат простор за да ги напаѓаат негативните мисли толку како претходно, подобро се справуваа со своите најмили, иако мислам дека периодот и за децата од најмала возраст па до адолесценција беше доста стресен и непознат.

Тоа што гледав  дека на луѓето им е потребно малку за да се поместат од мртва точка, преку вежбање од 1 час во тек на ден, ми беше и сè уште мислам дека ми е најголема мотивација, затоа што за некој кој  не бил физички активен во период на пандемија да сфати дека можеби тоа  е едно од нештата што ќе му помогне да го преброди овој период за мене е одличен напредок.

Иако теретаните се отворија, не секој е подготвен  да се врати и да вежба во затворена просторија и тоа е сосема нормално, дури за некои физичката активност на отворени простори се покажа како подобра.

Овој период ни стојат на располагање читањето  книги, одењето во планина, пешачењето, возењето велосипед, гледањето  добри серии и слично. Секоја активност физичка или ментална која  една индивидуа ја смета како вештина за справување со своите мисли и емоции е добредојдена.

Јас пак би кажала, перидов е лош само ако ние му дозволиме. Сè е  во нашите мисли и во нашата глава. Колку ние ќе вложиме во сопствениот раст и развој зависи само од нас. Пандемијата ни покажа дека, всушност,  животот се состои од мали и едноставни нешта и дека не ни треба многу за да почувствуваме среќа и задоволство.

Според мене свесноста е двигател и правец кој нè води низ животот, колку повеќе ја спознаваме, толку поудобно и подобро живееме.

Тешко е за сите, посебно финансиската криза од која ќе ни треба малку време да излеземе, меѓутоа на крај на ден најважно е да останеме присутни во сегашниот момент и да живееме без премногу да размислуваме како ќе биде во иднина, затоа што најголем непријател ни се мислите кои сами ги создаваме  размислувајќи за нешто што не сме сигурни како ќе биде.

Ние, за жал, сме таква нација, бргу забораваме низ каков период сме минувале, и последиците најмногу ќе ги почувствуваат оние кои биле најмногу засегнати, но јас искрено се надевам дека овој период ќе остави трага и силна порака  како научена лекција за тоа што навистина вреди во овој живот и на што треба вистински да се посветиме.

Грижата за себе (ментална и физичка) нека ни биде во топ 3 приоритети и сега и во иднина!

За детално читање на овој текст, погледнете на 22-23 стр. во електронското издание на BETTY магазин (СЕПТЕМВРИ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>