|
Со помош на здравиот начин на исхрана можно е да се зајакне имунолошкиот систем и да се спречи појавата на одредени видови болести. Во вашиот план за исхрана потрудете се да имате храна богата со антиоксиданти, витамини и минерали или, пак, корисни билки од кои ќе имате многубројни здравствени придобивки.
Една од состојките богата со придобивки за нашиот организам е сумакот, кој често се користи при готвење, особено во источните и југоисточните региони. Додавањето на оваа корисна и хранлива состојка во нашата секојдневна исхрана се препорачува за одржување на добро здравје.
Сумакот е вид на зачин добиен од растението рус, кое често се вика и „дрво сумак“. Плодовите на ова растение имаат киселкаст вкус, додека на изглед личи на грмушка. Сумакот се добива со сушење со помош на соодветни техники откако ќе се собере од дрвото. Најчесто се меша со сол и се користи во прав – во форма на зачин. Во одредени култури, особено во источните држави, често се користи во различни видови салати, особено во оние каде што е потребно да се намали мирисот од кромидот.
Поради своето антиинфламаторно и антиоксидативно дејство, овој здрав зачин има огромен број придобивки за човековиот организам.
Кои се придобивките на сумакот?
Сумак е многу корисна билка со бескрајни придобивки. Една од најважните причини за ова е тоа што има многу силна антиоксидантна карактеристика. Втор позитивен аспект е дека неговата содржина на витамини и минерали е висока. Еве ги придобивките од сумакот врз здравјето на луѓето:
Важен антиоксидант
Сумак е многу помоќен антиоксидант од многу видови зачини кои се познати со години и се широко користени поради своите антиоксидантни својства. Тој ги намалува слободните радикали кои циркулираат во телото и го намалува нивото на оксидативен стрес. Благодарение на овој позитивен ефект што го предизвикува, спречува клетките да станат канцерогени и обезбедува заштитен ефект против сите видови на рак. Покрај тоа, благодарение на неговото антиоксидативно дејство, значително ја намалува можноста за појава на многу хронични болести, особено кардиоваскуларни заболувања.
Има антиинфламаторни својства
Со антиинфламаторните својства сумакот ја зголемува моќта да се бори против заразни болести што можат да се забележат во организмот, особено грип и настинка. Тој помага во намалување на треската и во надминување на заразните болести. Бидејќи изобилува со витамин Ц, сумакот го зајакнува имунитетот.
Го регулира шеќерот во крвта
Некои научни студии покажуваат дека редовната употреба на сумакот обезбедува заштита од многу хронични болести или го поддржува лекувањето. Една од нив е дијабетесот. Истражувањата покажуваат дека сумакот помага во регулирањето на нивото на шеќерот во крвта, а, исто така, го поддржува намалувањето на проблемите предизвикани од дијабетес тип 2 преку поддршка на намалување на нивото на холестерол во крвта. Многу компликации забележани кај пациенти со дијабетес тип 2 се развиваат како резултат на високо ниво на шеќер во крвта подолго време.
Штити од инфекции
Поради своите антибактериски ефекти познато е дека сумакот помага во ублажување на инфекциите предизвикани од микроорганизми, како што се Салмонела Тифимуриум и Аспергилус Флавус и ги елиминира компликациите предизвикани од овие инфекции. Покрај тоа, консумирањето сумак во форма на чај ги намалува болките во грлото кај заразни болести во респираторниот тракт, особено во областа на грлото, помага да се спречат болки во грлото и кашлица предизвикана од болеста.
Има диуретично дејство
Сумак е моќен диуретик. Ова значи дека има диуретично дејство врз организмот. Благодарение на овој ефект, сумакот помага да се заштити уринарниот тракт од инфекции, истовремено намалувајќи го високиот крвен притисок.
Штити од болести на коронарна артерија
Сумакот помага во спречување на коронарните артериски заболувања помагајќи да се намали нивото на холестерол и триглицериди во крвта. Во исто време, тој е многу ефикасен во спречување на кардиоваскуларни заболувања поради неговите позитивни ефекти врз здравјето на крвните садови и регулирањето на циркулацијата на крвта.
Важен е за женското здравје
Истражувањата покажуваат дека консумацијата на сумак ја намалува менструалната болка кај жените. Жените кои се соочуваат со големи менструални болки потребно е сумакот да го консумираат како зачин, да го додадат во чаша јогурт или, пак, како чај. Покрај тоа, познато е дека употребата на сумак во исхраната на доилките има сè поголем ефект врз мајчиното млеко.
Како да се консумира сумак?
Сумак е вид на зачин одличен за употребата во салата. Покрај тоа, сокот од сумак може да се користи во храна каде може да придонесе за киселкаст вкус. Чајот од сумак е, исто така, многу корисна опција, особено за лица со хроничен фарингитис, воспалено грло или сува кашлица. За подготвување чај од сумак може да дададете една лажичка сумак во една чаша вода и да варите 5 минути. Пред да се одлучите за редовна употреба на овој зачин, за прецизните количини консултирајте го својот лекар или фармацевт.
За детално читање на овој текст, погледнете на 28-29 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈАНУАРИ 2021).