Пишува: Проф Др Горан Димитров - Претседател на Македонското Здружение за Цервикална Патологија и Колпоскопија - МЗЦПК
ХПВ инфекцијата предизвикува рак на грлото на матката
Долготрајната (постојана) инфекција со високоризични типови на хуман папиломавирус (ХПВ) предизвикува рак на грлото на матката.
Докажано е дека скоро сите луѓе кои се сексуално активни во одреден момент во животото, ќе бидат заразени со ХПВ. Околу половина од ХПВ инфекциите се од високоризичен (канцероген) тип на ХПВ.
Високо ризичен ХПВ може да предизвика неколку видови на карцином, еден од нив е и рак на грлото на матката. ХПВ16 и ХПВ18 се високоризични типови кои се одговорни за предизвикување на повеќето случаи на рак на грлото на матката. Повеќето ХПВ инфекции исчезнуваат сами по себе бидејќи имунолошкиот систем ја контролира инфекцијата.
Кога високоризичната ХПВ инфекција трае многу години, може да доведе до промени во клетките на грлото на матката кои, доколку не се лекуваат, може да станат рак.
Други фактори може да го зголемат ризикот од рак на грлото на матката
Некои фактори на ризик ја зголемуваат веројатноста на жената која има високоризична ХПВ инфекција на грлото на матката, да има постојана инфекција која доведува до сериозни промени на клетките од грлото на матка, кои последовател- но можат да се развијат во рак.
Овие фактори на ризик вклучуваат:
• Ослабен имунолошки систем: Ова може да ја намали способноста на телото да се бори против ХПВ инфекцијата и други болести. Инфекциите со ХПВ се со поголема веројатност да бидат перзистентни и да напредуваат во канцер кај луѓе кои се со намален имунитет отколку кај луѓе кои не се имунокомпромитирани.
Под имунокомпромитирани подразбираме:
ХИВ инфекција или друга болест која го ослабува имунолошкиот систем.
Употреба на лекови кои го потиснуваат имунолошкиот одговор, како на пример лекови кои се користат по трансплантација на органи, за лекување на автоимуна болест или за лекување на рак.
• Пушење или пасивно пушење: Оние кои или пушат или дишат од пасивно пушење имаат зголемен ризик од развој на рак на грлото на матката. Ризикот се зголемува колку повеќе личноста пуши дневно и колку подолго личноста пушела.
• Сексуална активност на рана возраст: Ризикот од високоризична ХПВ инфекција која е постојана и на крајот доведува до рак на грлото на матката е поголема кај луѓето кои стануваат сексуално активни пред 18-годишна возраст и кај оние кои имале повеќе сексуални партнери. Рана сексуална историја ги зголемува шансите за изложување на високоризичен ХПВ.
• Други репродуктивни фактори: Употребата на орални контрацептиви (апчиња за контрацепција) и раѓањето на многу деца се поврзани со ризикот од рак на грлото на матката. Причините за овие асоцијации не се добро разбрани.
Изложеноста на DES е ретка причина за рак на грлото на матката
Изложеноста на лекот наречен диетилстил- бестрол (DES) во утробата е независен фактор на ризик за еден вид рак на грлото на матката наречен чистоклеточен аденокарцином. Помеѓу 1940 и 1971 година, DES беше даден на некои бремени жени во САД за да се спречи спонтан абортус (предвремено раѓање на фетус што не може да преживее) и предвремено породување. Жените чии мајки земале ДЕС додека биле бремени имаат зголемен ризик од абнормалности на клетки на грло на матка и од чист клеточен аденокарцином на вагината.
Ракот на грлото на матката може да се спречи
Ракот на грлото на матката е многу превентивен и високо излечив ако се дијагностицира во рана фаза. Скоро сите карциноми на грлото на матката може да се спречат со вакцинација против ХПВ, рутински скрининг за рак на грлото на матката и соодветен последователен третман кога е потребно.
ХПВ вакцинација
Вакцинацијата против ХПВ представува безбеден и ефикасен начин за спречување на рак на грлото на матката. GARDASIL-9 е вакцина одобрена за жени и мажи на возраст од 9 до 45 години. GARDASIL- 9 е скоро 100% ефикасен во спречувањето на ракот предизвикан од сите седум типови на ХПВ кои предизвикуваат рак (16, 18, 31, 33, 45, 52 и 58) што ги таргетира. Исто така ги спречува повеќето од гениталните брадавици.
Време на вакцинација против ХПВ
Бидејќи ХПВ се пренесува сексуално, ХПВ вакцината нуди најголема заштита кога се дава пред лицето да стане сексуално активно. Оние кои се веќе сексуално активни може да добијат помала корист од вакцината. Тоа е затоа што сексуално активните луѓе можеби биле изложени на некои од типовите на ХПВ насочени од вакцината. СЗО и други интернационални и национални организации препорачуваат рутинска вакцинација против ХПВ за девојчиња и момчиња на возраст од 11 или 12 години, а серијата може да се започне на возраст од 9 години.
За млади луѓе кои не биле вакцинирани во рамките на препораките за возраст, се препорачува вакцинација против ХПВ до 26 години. Некои возрасни меѓу 27 и 45 години кои веќе не се вакцинирани може да одлучат да ја примат вакцината против ХПВ откако ќе разговараат со својот лекар за ризикот од нови ХПВ инфекции.Децата кои ја започнуваат серијата вакцини пред 15-годишна возраст имаат потреба од две дози за да бидат заштитени. На оние кои ја примаат својата прва доза на возраст од 15 или повеќе години им требаат три дози за да бидат заштитени.
Скрининг за рак на грлото на матката
Рутинскиот скрининг за рак на грлото на матката со ХПВ тестови и ПАП тестови е исто така важен начин за спречување на рак на грлото на матката. Овие тестови можат да откријат абнормални промени на клетките и преканцерогени кои можат да се лекуваат пред да се претворат во рак. Затоа е важно да се прават редовни скрининг тестови почнувајќи од рани 20-ти години. Недостатокот на пристап до скрининг на грлото на матката и следење на абнормални резултати од тестот може да предизвика одредени групи, жени со низок социјален сатус и оние кои живеат во руралните области, да носат непропорционален товар од рак на грлото на матката. Бидејќи вакцинацијата против ХПВ не штити од сите типови на ХПВ кои можат да предизвикаат рак на грлото на матката, сепак е важно да се прави скрининг во редовни интервали.
Кондоми
Кондомите, кои спречуваат некои сексуално преносливи болести, го намалуваат ризикот од пренос на ХПВ. Сепак, тие не го спречуваат целосно. Изложеноста на ХПВ сè уште е можна во области кои не се заштитени со кондом.
За детално читање на овој текст, погледнете на 22-23 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Февруари 2023).