Кирил Пецевски
м-р по фармација
|
Една од сè поактуелните теми не само помеѓу здравствената, туку и кај пошироката јавност е употребата на пробиотици. Нивната примена од ден на ден е сè помасовна, како во тераписки така и во превентивни цели, но сè уште постојат поделени мислења дали и колку се корисни за организмот кога ги внесуваме како суплементарни препарати, т.е. додатоци во исхраната. Овде би се задржале на нивното комбинирање со антибиотската терапија, односно дали треба да ги земаме заедно со антибиотиците со кои третираме некоја бактериска инфекција. Бидејќи пробиотските бактериски култури се познати повеќе од сто години, а во последните 30 се направени многубројни студии со нив, на располагање имаме доста податоци кои го потврдуваат нивното корисно дејство на дигестивниот систем, па и на целиот човечки организам.
Антибиотиците дејствуваат на тој начин што или ги убиваат бактериите или го стопираат нивното размножување. Сепак, освен против „лошите“ бактерии, антибиотиците, исто така, имаат тенденција да влијаат и на „добрите“ пробиотски бактерии во дигестивниот систем, кои се неопходни за одржување на нашиот имунолошки систем. Малкумина знаат дека 50 % од имунолошкиот систем се наоѓа во нашиот дигестивен тракт. Исто така, треба да знаеме дека гастроинтестиналниот тракт е комплексен екосистем во чија микрофлора има над 400 бактериски видови. Мал дел од нив се наоѓаат во желудникот и во тенките црева, но најголем дел се во дебелото црево. Тие го помагаат варењето на храната, учествуваат во синтезата на одредени витамини и во метаболизирањето на некои лекови, ја овозможуваат функцијата на цревата и го зајакнуваат имунолошкиот систем.
Значи, треба да бидеме свесни за несаканите ефекти од користењето на антибиотиците. Еден од најчестите е дијарејата, која се појавува речиси кај еден од тројца луѓе кои користат антибиотици. Ова се должи токму на фактот што антибиотиците ги убиваат „добрите“ бактерии во нашиот дигестивен тракт.
Антибиотиците ја нарушуваат нормалната микрофлора на дебелото црево и како резултат на тоа го менуваат метаболизмот на јаглехидрати и антимикробната активност во дебелото црево, што потенцијално може да доведе до осмотска дијареја или дијареја предизвикана од патогени бактерии. Намалениот метаболизам на ферментирачки јаглехидрати доведува до намалување на масните киселини со краток синџир (бактериски извор на енергија) и зголемување на неапсорбирачки јаглехидрати во луменот на цревата. Зголемениот осмотски притисок ја намалува апсорпцијата на вода од стомакот. Исто така, антибиотиците ја нарушуваат заштитната бариера обезбедена од нормалната интестинална микрофлора. Ова води до намалување на способноста на цревата да се спротивстават на колонизацијата со патогени. Како резултат на тоа настанува опортунистички раст на патогени, на пример
, C. difficile, Salmonella, Staphyloccus aureus и нивните токсини предизвикуваат оштетување и инфламација на мукозата, што доведува до дијареја.
Голем број медицински истражувања покажуваат дека користењето на пробиотиците („добри“ бактерии), паралелно со примањето антибиотици, помага во надополнување на одредени корисни бактерии чиј број драстично е намален поради несаканото дејство на антибиотиците. Истите истражувања покажуваат дека луѓето кои примале терапија на антибиотици и пробиотици имаат повеќе од 50 % помали шанси да добијат дијареја. Меѓутоа, за да се избегне дејството на антибиотикот врз добрите бактерии пробиотиците треба да се земаат после 3 часа од земањето на антибиотикот. Се препорачува пробиотиците да ги земаме од самиот почеток на третманот со антибиотици за што повеќе да ја урамнотежиме цревната микрофлора.
Покрај пробиотиците, кои треба да бидат воспоставени како надополнување на антибиотската терапија, во регулирање на проблемите со дијарeјата и констипацијата, исто така, се препорачува пробиотиците да се комбинираат со
пребиотици (храна за „добрите“ бактерии), потоа
цинк (кој го ублажува интензитетот и го намалува времетраењето на дијарејата и го засилува имунолошкиот систем),
витамини од групата Б (поточно витамин Б6 кој придонесува за нормален метаболизам на протеините и гликогенот), како и
екстракти од камилица и нане, кои се користат во традиционалната медицина и имаат позитивен ефект врз стомачните тегоби
.
За детално читање на овој текст, погледнете на 16-17 стр. во електронското издание на BETTY магазин (МАЈ 2021).