Фросина Фран
стилист
|
Ако можете да верувате, 2021 година е веднаш зад аголот. Со тоа, на пат сме да влеземе во комплетно нови модни трендови. Анализирајќи ги колекциите П/Л 21, издвоив неколку трендови кои со задоволство би ги носела уште веднаш, но, исто така, и оние што со задоволство ќе ги прескокнам.
Па, кои трендови се најдоа на оваа листа?
Излезе дека има многу што да гледаме – од впечатливи примероци и шари кои се повторуваат насекаде, до оние основни (бејзик) парчиња кои совршено се вклопуваат во слоевити аутфити и една специфична боја што ќе се најде во плакарот на секоја модна личност.
Припиени блузи
Нема нешто што сакам повеќе од одлични, разновидни основни парчиња што се сè освен бејзик. Затоа, овие „втора кожа“ блузички се еден од издвоените трендови кои баш ми се по ќеиф за сезоната што претстои. Забележано на пистите П/Л 21 кај дизајнери како Миу Миу, Живанши и Марин Сере, ова е парчето што секој моден човек ќе го експериментира во текот на следните месеци – јас го гарантирам тоа. Без оглед дали е искомбинирана со тренерка или се носи под нешто плетено и широки панталони, како што видовме на ревиите на Прада, нејзината разновидност е бесконечна.
Елеци
Трендот што ме заинтригира за следната година се елеците. Плетениот елек со пуловер има голем камбек момент оваа сезона, и мислам дека ќе има еволуција. Сега ќе носите шушкави, ватирани, потопли верзии, а потоа со доаѓањето на пролетта ќе се префрлите на полесни варијанти.
Баблгам розова
Отсекогаш сум била љубител на смели бои и баш ме радува што оваа моќна розова боја ќе ги освежи нашите гардеробери во претстојната сезона.
Ваквите бои се секогаш силни во модното изразување, посебно кога се комбинирани со неутрални бои како крем, сива и слично.
Имате нешто „Барби“ по дома? Ако немате, трк да си набавите!
„Врзуванки“
Веќе видовме една верзија од овој тренд и минатата година, со тоа што беа застапени баш како корсетски шнирови, а оваа година се трансформираа во многу посуптилни детали кои ги комплементираат и наједноставните парчиња.
Широки панталони
Имаше тони широки лабави панталони на пролетните модни писти и особено ми се допадна како се стилизираат како оние на Фенди. Овој тренд има толкав фраерски „вајб“ што не може да не изгледате кул во нив. Но мислам дека се резервирани само за оние со повитка линија. На крупните девојки широки панталони не им прилегаат баш многу.
Микро мини-здолништа
Рабовите на здолништата се качија сè повисоко на пистите за пролет 2021 година, особено во Миу Миу, каде што микроскопските мини-здолништа во комбинација со плетени работи со кратки ракави ме транспортираа во 60-тите. За оние кои имаат витки шпагетки, ова е многу радосна вест. За нас покрупните е само вест.
Долги ѓердани
Многу ме израдуваа подолгите ѓердани на пистите П/Л 21 и дефинитивно едвај чекам да го вметнам трендовскиот накит во мојата гардероба. Во принцип отсекогаш носам масивни, а и долги ѓердани, па затоа сум среќна што на пазарот ќе ги има многу повеќе оваа година. Ова структурно парче од Бевза навистина го привлече вниманието.
Шаховница
Шаховницата е тренд што продолжува да се гради уште од лани, и возбудена сум што ќе продолжиме да го гледаме и во П/Л 21. Тоа е многу повозбудливо од лентите или точките. Го обожавам графичкиот сет во три дела (плус чевлите!) на Долче и Габана. Варијациите на темата во неочекувани бои се баш забавни и освежителни.
Вградени тaнги и отсечоци
Нешто многу секси и впечатливо се појави на модните писти што ми го привлече вниманието. Овој тренд, иако можеби не е за секого, во умерени дози може да се пренесе и во секојдневните комбинации. На пример, овие речиси класични црни панталони со дискретни отсечоци може лесно да се искомбинираат со лабава маичка или џемперче.
Плетени поло блузички
Плетените поло блузички се во тренд во моментот, а ќе бидат во центарот на вниманието уште повеќе во 2021 година. Возбудена сум да пробам неколку различни модели како лесен начин да ја донесам таа модерна софистицираност во атмосферата.
Иако вака пластично сумирано ова се модните трендови кои се провлекуваат низ дизајнерските креации за претстојната сезона, колку и како од нив ќе се појават и кај нас останува да видиме. Меѓу другото, би сакала да додадам дека се работи, сепак, за трендови кои се исклучиво 0 size модели, односно малку од нив се и за „реалните жени“. Такви парчиња ќе најдете во моите мини-линии за жени со облини
– franplusfashion, каде се трудиме да ви ги доближиме модните трендови пренесени во варијанти за „нормални жени“, а и да не ги изоставиме модните класици кои секоја жена треба да ги има во својот плакар.
За детално читање на овој текст, погледнете на 22-23 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈАНУАРИ 2021).