Драгана Евтимова
Магистер по културологија
|
Март е третиот календарски месец во годината, периодот во кој се случуваат мноштво промени, а еден од најубавите периоди е денот на пролетта што го означува преминот од зима во лето. Земјата, кружејќи околу Сонцето, половина година повеќе е навалена кон северната земјина полутопка, а тоа се случува поради тоа што сончевото зрачење паѓа под поповолен агол и има поголем интензитет. Тогаш на север е потопло и тогаш е пролет и лето.
Во месец март се одбележуваат најубавите, а воедно и најзначајните денови во светот. На 5 март е Светскиот ден на енергетската ефикасност, 8 март е Светскиот ден за женските права и меѓународниот мир, но и Денот на Обединетите нации. Следуваат Меѓународниот ден на реките (14 март), Светскиот ден на правата на потрошувачите (15 март), Светскиот ден на ластовиците (19 март), Светскиот ден на среќата, признат од ООН (20 март), но и светскиот ден без месо.
Во Стара Грција месецот март бил познат како
Anthesterion. Додека во Стариот Рим бил нарекуван
Martius, по името на римскиот бог на војната Марс, а истовремено се сметал за особено соодветен за воени дејствија.
На 21 март на првиот ден на пролетта настапува пролетна рамноденица на северната полутопка. Остануваат 285 денови до крајот на годината.
На 21 март, секоја година во светот се одбележуваат три светски настани: Светски ден на пролетта, екологијата и поезијата. Одлуката да се прославува Светскиот ден на поезијата токму на 21 март била усвоена во Париз во 1999 година. Оттогаш на овој ден се слави поезијата во целиот свет од страна на поетите, кои преку своите стихови испраќаат порака во чест на стихуваното творештво и на тој начин ја обновуваат врската меѓу поезијата и останатите видови на уметност.
Исто така, на 21 март е Светскиот ден на шумата и Меѓународниот ден за елиминација на расната дискриминација. На 27 март е Светскиот ден на театарот.
Поезијата го преобликува вистинскиот живот низ селекција во сеќавањето. Март е месецот во годината, каде што се буди целата природа со целата своја раскошна убавина. Пролетта ги буди нашите емоции и ги разнежнува нашите чувства.
Кога зборуваме за поезија, најдобро е да започнеме од домашните поети, најубавите стихови напишани на мајчин јазик се напишани од перото на поетите што допираат до срцата на сите луѓе.
Во чест на поезијата, еве неколку стихови од наши познати поети:
- „Го земам твоето име како мое, а затоа ти подарувам бесмртност, кондензиран воздив по тебе“ (Кочо Рацин)
- „Морето твое ме создаде, бран да ти бидам, ти го одземам просторот во кој ги спушти своите раце да мируваат. Бран сум ти, нешто можеби и нетвое.Ти одземам сето. А ти...” (Даница Ручигај)
- „И мојата душа нека биде твоја, а мое да биде твоето лице.“ (Ацо Караманов)
- „Не иди, зашто жалосна би била, и колку да те копнеам – се ледам.“ (Блаже Конески)
- „Сѐ повеќе има жени со зелени очи, сѐ повеќе возови што не доаѓаат навреме.“ (Влада Урошевиќ)
- „Патував долго, патував цела вечност, од тебе до мојата небиднина.“ (Ацо Шопов)
- „Ништо не е повидливо и ништо не е поприсутно од твоето отсуство: ни детските шепоти што ги откривав во сеидбите на дождовите, ни закажаната бура во пајажината.“ (Петре М. Андреевски)
- „Еден ден ќе се сретнеме како бротче од хартија и лубеница што се лади во реката.“ (Никола Маџиров)
Ова е само еден мал дел на извадоци од поезија на великаните на македонските поети на нашите простори.
„Шири поезија, не страв“ е меѓународен проект, формиран од малтешкиот поет Антоан Касар. Проектот ја виде светлината на денот во ноември 2015 година, најпрво во форма на страница на социјалната мрежа Фејсбук, а потоа и со бројни читања. Здружението за развој и едукација на културата и уметноста „Фуснота“ се приклучи со македонска страница и проширување на Spread poetry, not fear, со цел достапност на македонската поезија во пошироки рамки. Содржините се достапни на страната:
https://fusnota.mk/
Доколку сакате да се приклучите, не двоумете се да ги испратите своите песни за објавување на македонската страница „Шири поезија, не страв“ на:
footnote.association@gmail.com со назнака: „За шири поезија, не страв“.
За детално читање на овој текст, погледнете на 32 стр. во електронското издание на BETTY магазин (МАРТ 2021).