Фармацевти
Контакт

<< Назад

Рана детекција на рак на простата: клуч кон здравје и долг живот

ноември 1, 2025

Ракот на простата е најчестиот солиден тумор кај мажите и е втората водечка причина за смрт од рак кај машката популација. И покрај тоа, доколку се открие навреме, шансите за целосно излекување се исклучително високи. Токму затоа, раното откривање игра пресудна улога во борбата со оваа болест. Во современата уролошка пракса постојат неколку методи за скрининг и дијагноза кои овозможуваат откривање на рак на простата дури и пред да се појават симптоми.
Зошто е важна раната дијагноза?
Ракот на простата често се развива бавно и подмолно. Во почетните фази тој обично не предизвикува никакви симптоми, а кога ќе се појават, болеста може веќе да биде напредната. Затоа, рутинските прегледи и тестови се клучни – тие овозможуваат откривање на карциномот пред тој да стане агресивен или да се прошири надвор од простатата.

Методи за рана детекција
PSA тест (Простатен специфичен антиген)
Ова е едноставен лабораториски крвен тест кој ја мери концентрацијата на PSA – протеин кој природно се создава во простатата. Зголемени вредности може да укажуваат на:
воспаление (простатитис),
бенигна хиперплазија (зголемена простата),
или рак на простата.
Важно е да се знае дека висок PSA не значи веднаш рак туку дека е потребна понатамошна проценка. Понекогаш дури и ниски нивоа на PSA можат да се поврзат со рак, особено ако нагло растат со текот на времето. Затоа е важен континуиран мониторинг.

Дигитален ректален преглед (DRE)
Иако не е најпријатен, овој преглед е едноставен и многу корисен. Урологот преку ректумот ја опипува простатата за да утврди:
дали е зголемена,
дали има неправилна форма или грутки,
дали е болна при допир.
Комбинацијата на PSA тест и DRE го зголемува квалитетот на дијагностиката, особено кај мажи со нормален PSA, но сомнителен преглед.

Мултипараметарска магнетна резонанца (mpMRI)
Ова е најмодерниот неинванзивен метод за визуелизација на простатата. Таа создава детален приказ на ткивото и идентификува потенцијално канцерозни региони. MRI обично се користи кога:
PSA е зголемен, но не е јасно дали треба да се прави биопсија, по претходна негативна биопсија, но и понатаму постои сомневање.
mpMRI исто така помага да се избегнат непотребни биопсии и да се таргетираат точни локации доколку е потребно земање ткиво.
Биопсија на простата
Ако претходните тестови укажуваат на можен рак, урологот може да предложи биопсија – земање примероци од простатното ткиво за микроскопска анализа. Се изведува амбулантно, со помош на ултразвук или MRI-водена насока.Иако звучи застрашувачки, биопсијата е релативно брза и безбедна процедура и е единствениот начин со сигурност да се утврди дали постои рак и колку е агресивен.

Кога треба да се почне со скрининг
Општите препораки се:
од 50 години за мажи без семејна историја,
од 45 години ако има фамилијарен ризик (татко, брат со рак на простата),
од 40 години ако постои висок ризик (генетски фактори, афроамериканско потекло).
Скринингот вклучува годишен PSA и DRE, а времетраењето и фреквенцијата ги одредува лекарот според индивидуалниот ризик.

Заклучок
Ракот на простата е болест што може да се победи – но само ако се открие навреме. Со современите методи на рана дијагноза, како PSA, DRE, MRI и биопсија, денес имаме моќ да откриеме и најмали промени уште пред болеста да стане опасна. Апел до сите мажи: Не чекајте симптоми. Проверете се навреме. Скринингот може да ви го спаси животот.

 

Пишува
Спец.Др. Нерхим Туфекчиоски
Уролог при ГОБ 8 Септември -Скопје

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>