Прим. Асс. Д-р Илир Демири – инфектолог
Универзитетска Клиника за инфективни и фебрилни состојби, Скопје
Зимскиот период се поврзува со зачестување на вирусните респираторни заболувања. Причина за тоа се условите во кои се наоѓаме како повеќе луѓе во ист затворен простор, кој што не се проветрува редовно, голема концентрација на влага во воздухот, а со тоа и во просториите, атмосферските загадувања како и психичка и физичка преоптовареност која доведува до пад на имунитетот.
Во зимскиот период телото функционира побавно поради студот, а со тоа станува подложно на респираторни инфекции и настинки. Во зависност од индивидуална имунолошка и психичка одбрана на организмот не секоја индивидуа реагира бурно и развива инфекција.
Вирусни инфекции, генерално, најчести кај сите возрасни популации се оние кои ги засегаат респираторниот и гастроинтенстиналниот тракт, со симптоматологија која произлегува од засегнатиот орган, и во најголем број од случаите ги среќаваме при промена на сезоните.
Респираторните вируси може да ги засегнат горните дишни патишта и клинички да се манифестираат како ринит, фарингит, тонзилит, ларингит, синусит, како и долните дишни патишта кои одат под клиничка слика на бронхит, бронхиолит, пневмонија. Клинички потешките инфекти се среќаваат главно кај помалите деца, кај повозрасните, како и кај хронично болните лица.
Респираторните инфекции се предизвикани од различни микроорганизми. Најчести предизвикувачи се вирусите (во 90% од случаите) : Rhinovirus, Adenovirus, Influenza, Paranifluenza ,а поретко бактериите и габите.
Горни респираторни инфекции
Акутен назофарингитис. Акутно воспаление на носот и грлото познато и како настинка. Клинички се манифестира со кивавица и течење секрет од носот, прво воденест, а потоа слузест. Понекогаш се јавуваат замор и слаба главоболка со температура од 37 до 38 степени. Болеста трае околу една недела.
Ефикасен лек против настинка не постои, па најдобро е превентивно да се зголеми имунитетот. Лекувањето е симптоматско, се користат медикаменти за намалување на зголемената температура, против главоболка, капки за нос и др. Потребно е придржување кон советите на лекар, хигиено-диететски режим и мирување.
Акутно воспаление на синуси. Воспаление на слузницата на носот и синусите се манифестира со главоболка, обично во пределот каде што синусот е зафатен со воспаление, болка во грлото, намалено чувство за мирис и вкус, отежнато дишење низ нос.
Во терапија се користат физиолошки раствор за нос, лекови против болки и се препорачува внес на поголема количина течности, престанок со пушење и консумирање алкохол. Инхалацијата може да помогне во отстранување на тегоби. Антибиотици обично не се потребни за лекување на акутен синузит кога е предизвикан од вирусна или габична инфекција.
Акутен ларингитис. Воспаление на слузницата на гркланот обично се јавува во зима и во рана пролет, кога доаѓа до оток на гласните жици и стеснување на отворот на гркланот. Симптомите се сува надразнета кашлица, зарипнатост, лесна болка, а поретко отежнато дишење, слабост, изнемоштеност и зголемена температура. Зарипнатоста може да потрае неколку недели. Се советува мирување, ненапрегање на гласните жици, топла инхалација, а, доколку лекарот така одлучи, и антибиотици.
Долни респираторни инфекции
Акутниот бронхитис е акутно воспаление на слузокожата на душникот и бронхиите. Се јавува главно во текот или непосредно по инфекции на горните респираторни патишта, настинка, воспаление на грлото или грип. Акутниот бронхитис е почест во текот на зимските месеци, а во повеќе од 90 насто од случаите го предизвикуваат различни вируси: риновируси, респираторен синцицијален вирус, аденовируси, вирус на инфлуенца и параинфлуенца. Најчести причинители меѓу бактериите се: Bordatella pertussis, Mycoplasma pneumoniae, Chlamidia pneumoniae.
Пневмонија е инфекција што ги воспалува белодробните крила и може да ги зафати едното или обете крила. Тие може да се полнат со течност или гноен материјал, предизвикувајќи кашлица со шлајм, треска, температура и проблеми со дишењето. Различни микроорганизми, како што се бактерии, вируси и габи, можат да бидат предизвикувачи на пневмонијата. Пневмонијата може да биде лесна, но и сериозна дури и опасна по живот. Најтешко поминуваат доенчиња и мали деца, лицата над 65 години и оние со дополнителни здравствени проблеми или ослабен имунолошки систем.
Грипот е акутно заболување на дишните патишта.Во пракса, тешко може да се направи разлика дали се работи за грип или обична настинка само врза база на симптоматологијата, ако не се направи лабораториска, т.е. микробиолошка потврда на причинителот на заболувањето.
Симптомите на заболувањето се јавуваат 1 до 4 дена откако вирусот навлегол во телото. Најголем дел од лицата може да го пренесат вирусот на друго лице 1 ден пред да се појават симптомите и 5-7 дена откако болеста се манифестирала. Заболувањето има ненадеен почеток со висока температура, главоболка, општа малаксаност, истоштеност, болки во мускулите и зглобовите, црвено и болно грло, гребење во грлото, солзење во очите и секреција од носот кашлица која најчесто е сува, непродуктивна.
Лекувањето на грипот, исто како и на настинките е симптоматско, односно се лекуваат симптомите, а не самата болест. Се спроведува хигиено-диететски режим (мирување, земање на повеќе течности – топли напитоци, лесна исхрана, витамини и минерали), а по препорака на доктор и во зависност од тежината на болеста, може да се дадат и одредени антивирусни лекови.
Антибиотска терапија се дава само во случај на секундарни бактериски инфекции кои го влошуваат текот и исходот на болеста, односно за лекување на компликациите од грипот, исклучиво по налог на доктор.
Третман на респираторни инфекции. Што е правилно?
Кај пациентите потребно е да се знае дека антибиотиците немаат ефект врз вирусите и истите не треба да бидат линија на избор кај настинка и грип ( 90% од респираторните инфекции се од вирусна етиологија).
Антибиотиците се лекови кои се користат за лекување на бактериски инфекции бидејќи нивниот механизам е основан на бактериско и бактерицидно дејство – тие или ги убиваат бактериите или го оневозможуваат/спречуваат нивниот раст.
Непотребното и зголемено употребување на антибиотиците ја намалува нивната моќ да делуваат кога нивното дејство е навистина потребно (бактериски инфекции). Сето тоа доведува до развивање на резистенција (отпорност) на бактериите кон антибиотикот.
Со текот на времето, резистенцијата се зголемува и се намалува бројот на ефективни антибиотици.
Доколку сакаме антибиотиците да бидат и понатаму ефикасни, треба соодветно и рационално да ги употребуваме.
Во сите случаи на РИ предизвикани од вирусни предизвикувачи, терапијата е симптоматска, насочена кон смирување на симптомите на зафатениот орган.
Тоа за болката во грлото може да се спрејови со аналгетска / антисептична компонента, пастили, за назална конгестија се деконгестиви, испирање со изотонични/хипертонични солени раствори, додека за болка и температура би биле аналгетици и антипиретици. Секако важен е и внесот на течности, свежо овошје и зеленчук како и витаминска терапија.
Превенција:
Респираторните инфекции се превенираат со: избегнување на подолг престој во затворени простории со многу луѓе, често проветрување на простории, често миење раце, престанок со пушење, внес на свежо овошје и зеленчук, витаминска суплементација цинк, магнезиум и витамин Ц, како и со физичка активност.
Вакцината против грип дава соодветен степен на заштита од вируси и грип, но не и од други видови вирус. Најчести грешки при терапијата на респираторни инфекции се: симнување на зголемена температура која не преминува 38.5 затоа што тоа пречи на природниот процес на заздравување, земање антибиотици без препорака од лекар, земање витамини дури откако ќе се јави инфекција.
Референци:
- Respiratory Illnesses: 13 Types of Lung Infections (onhealth.com)
- Infections of the Respiratory System - Medical Microbiology - NCBI Bookshelf (nih.gov)
- Respiratory Infections - Chapter 11 - 2020 Yellow Book | Travelers' Health | CDC
За детално читање на овој текст, погледнете на 14-16 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Ноември 2022).